Посебен извештај за состојбата со човековите права во време на Kовид-19

октомври 13, 2020

Пандемијата на вирусот КОВИД-19 предизвика глобални ефекти со размери неспоредливи со кој било друг настан во човековата историја. Брзорастечката здравствена криза, која ги погоди речиси сите држави во светот, предизвикува несогледливи економски и социјални последици, од кои човештвото допрва ќе се опоравува. Со оглед на сериозноста и неизвесниот тек на настаните, голем број влади, меѓу кои и нашата, сметаа дека е неминовно прогласување вонредна состојба заради целисходно справување со опасноста и штетите од новиот коронавирус. А бидејќи во време на вонредна состојба Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности, тоа значеше и аларм за зголемена будност на бранителите на човекови права.

Откако на 18 март 2020 година Претседателот на Република Северна Македонија, го потпиша указот за прогласување вонредна состојба, Хелсишкиот комитет јавно укажа дека вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права.

Комитетот нагласи дека мерките кои ќе се преземаат не смее да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, а човековите права и слободи мора да бидат земени предвид. За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Хелсиншкиот комитет, исто така предупреди дека согласно со домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи Владата би биле спротивни на меѓународното право.

Уште пред прогласувањето на вонредната состојба, Хелсиншкиот комитет ја реорганизираше својата работа согласно препораките за превенција на Министерството за здравство. Овозможивме непречено одвивање на услугата за бесплатна правна помош за граѓаните преку телефон и електронска пошта, оставајќи можност и за директни средби во итни случаи. А со оглед дека ограничувањето на слободата на движење и економската криза значеше и неизбежен удар врз човековите прѐва, Комитетот се фокусираше на мониторингот на работничките права, правата на ранливите и маргинализираните групи граѓани, како и на лицата кои се лишени од слобода во време на пандемија. Покрај тоа, организацијата беше континуирано активна и преку мрежите во кои членува, а во изминатиот период ги поддржа и заедничките иницијативи за заштита на работниците.

Овој извештај се базира на податоците кои што Комитетот ги евидентира при секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.

Здравствената криза е далеку од окончана, а економско-социјалната ќе се засилува со секој изминат ден на неизвесност и наметнати ограничувања. Оттука, се надеваме дека овој специјален извештај ќе послужи како ориентир во понатамошното дејствување на носителите на одлуки, затоа што прецизно одредува чии права најмногу настрадаа во изминатиот критичен период и каде треба итно и ефикасно да се интервенира за да се превенираат понатамошни штети.