октомври 14, 2020

Хелсиншки комитет: Здравствената криза е далеку од окончана и предизвикува несогледливи економски и социјални последици

Пандемијата на вирусот КОВИД-19 предизвика глобални ефекти со размери неспоредливи, со кој било друг настан во човековата историја. Брзорастечката здравствена криза, која ги погоди речиси сите држави во светот, предизвикува несогледливи економски и социјални последици, од кои човештвото допрва ќе се опоравува, покажува Посебниот извештај за состојбата со човековите права во време на Ковид-19 на Хелсиншки комитет за човекови права.

-Со оглед на сериозноста и неизвесниот тек на настаните, голем број влади, меѓу кои и нашата, сметаа дека е неминовно прогласување вонредна состојба заради целисходно справување со опасноста и штетите од новиот коронавирус. А бидејќи во време на вонредна состојба Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности, тоа значеше и аларм за зголемена будност на бранителите на човекови права, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Откако на 18 март 2020 година претседателот на Република Северна Македонија го потпиша указот за прогласување вонредна состојба, Хелсишкиот комитет јавно укажа дека вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права.

Хелсиншкиот комитет, како што е посочено во извештајот,  нагласи дека мерките кои ќе се преземаат не смее да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, а човековите права и слободи мора да бидат земени предвид.

-За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму предупредуваат дека согласно со домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Уште пред прогласувањето на вонредната состојба, Хелсиншкиот комитет ја реорганизираше својата работа согласно препораките за превенција на Министерството за здравство. Притоа овозможувајќи непречено одвивање на услугата за бесплатна правна помош за граѓаните преку телефон и електронска пошта, оставајќи можност и за директни средби во итни случаи.

Со оглед дека ограничувањето на слободата на движење и економската криза значеше и неизбежен удар врз човековите права, Комитетот се фокусираше на мониторингот на работничките права, правата на ранливите и маргинализираните групи граѓани, како и на лицата кои се лишени од слобода во време на пандемија.

Хелсиншкиот комитет за време на кризната состојба непрекинато продолжи да им обезбедува бесплатна правна помош на сите работници.

-Во периодот од 10 март до 15 мај, до Комитетот беа пријавени 152 случаи на повреда на правата од работен однос, кои засегаа 2481 работник, се наведува во извештајот.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека предупредувањата за ризикот од зголемување на случаите на семејно насилство, во услови на кризна состојба од големи размери, започнаа уште во март.

-И покрај тоа што не постоеја доволно официјални податоци за овој релативно краток период, првичните статистики од земјите каде што вирусот веќе беше значително проширен, укажуваа на значаен пораст на семејното насилство. Тоа несомнено беше еден од негативните ефекти поврзани со рестриктивните мерки за превенција и заштита од вирусот, се наведува во извештајот.

Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека според проценките во 162 земји биле институционализирани мерките за самоизолација и дистанцирање, со што околу 2,73 милијарди жени во светот морале да ги почитуваат мерките за изолација во домот.

-Доколку имаме предвид дека и во услови кога не постои криза од овие размери, домот претставува најнебезбедно место за жените (на што укажуваат и статистиките во нашата земја), така што ранливоста на жените во сопственото живеалиште е очекувано зголемена за време на пандемијата, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму посочуваат дека рестриктивните мерки кои секојдневно се усвојуваа од страна на Владата на РСМ од почетокот на пандемијата, меѓу кои препораките за самоизолација, иако оценети како најефикасен начин за превенција, сепак претставуваат сериозен фактор за зголемување на ризикот од насилничко однесување во домот.

– Во земјите од Европската Унија, една од пет жени е жртва на семејно насилство, а ризикот е уште поголем за жените кои живет во домаќинства кои имаат проблеми со задоволување на основните егзистенцијални потреби, се посочува во Извештајот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток на пандемијата апелираше до институциите соодветно и навремено да постапуваат на пријави на семејното и родово базираното насилство за да се спречи нивен пораст и фатални последици.

-Она што беше особено важно во овој период е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството бидејќи искуството на терен говори дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето. Стапката на пријавување на случаите на насилство се движи околу 14 отсто во Европа, додека во нашата земја само 2 отсто од жените кои доживеале насилство од партнер пријавиле во полиција, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, па дури и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Овој извештај, како што велат од ХК, се базира на податоците кои што Комитетот ги евидентира при секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.

-Здравствената криза е далеку од окончана, а економско-социјалната ќе се засилува со секој изминат ден на неизвесност и наметнати ограничувања. Оттука, се надеваме дека овој специјален извештај ќе послужи како ориентир во понатамошното дејствување на носителите на одлуки, затоа што прецизно одредува чии права најмногу настрадаа во изминатиот критичен период и каде треба итно и ефикасно да се интервенира за да се превенираат понатамошни штети, велат од Хелсиншкиот комитет.