март 10, 2009

Месечен извештај (февруари 2009)

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Избори 2009: Помалку „политика“, повеќе владеење на правото

1.2. Целосна маргинализација на Државната комисија за спречување на корупцијата

1.3. Чекори кон сегрегација на Македонија

1.4. Извештајот на Стејт департментот ги потврдува релевантните заклучоци на Хелсиншки комитет за состојбата на човековите права во Македонија

II. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1. Случај на воени пензионери и остварување на нивното право на пензиското и инвалидското осигурување

2.2. Итна ревизија на Тарифата на извршители

2.3. Случај на владеење на хаос во образовниот систем

III. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Случај “Лептокарија“

________________________________________________________________________

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Избори 2009: Помалку „политика“, повеќе владеење на право

И покрај јасните пораки што секојдневно ни се упатуваат за потребата од фер и демократски претседателски и локални избори, како предуслов за било каква евро-атланска интеграција во било кој рок, настаните во врска со нив не влеваат оптимизам. Искривената овдешна политичка логика како да вели: Потенцијалните инциденти можеби ќе бидат погубни за блиската иднина на државата, но можеби ќе бидат корисни на краток рок за некоја политичка опција.

По настаните на 1 јуни за време на Предвремените парламентарни избори 2006 беше јасно дека цената за најскандалозните избори во независна Македонија ќе стигне многу брзо. Така потребата од организирање фер и демократски избори стана додатниот, девети, сега веќе најважен, бенчмарк кој на државата и го постави ЕУ како услов за одредување на преговорите за членство.

Како што се наближуваат Локалните и претседателски избори 2009 пораки во таа насока пристигнуваа од сите страни. Најмоќните странски дипломати во Скопје со месеци во секоја прилика ја повторуваат истата порака, за во деновите пред официјалниот почеток на предизборната кампања и за време на досегашниот нејзин тек се растрчаа по седиштата на главните политички партии, ги повикуваа на средби нивните лидери, сведувајќи ги своите редовни активности речи си само на предупредувањата во таа насока. Во Резолуцијата за напредокот на Република Македонија на Европарламентот, која беше проследена со своевидна еуфорија во јавноста, сепак посебно е истакнато значењето од организирањето на беспрекорни избори и се критикува и притисокот што се врши врз медиумите од страна на Владата, посебно за време на предизборната кампања. Амбасадорот на САД во Скопје, како порака од претседателот Обама и државната секретарка Клинтон во Арачиново ги пренесе зборовите „слободните и демократските избори се услов кој Македонија треба да го исполни на 22 март, доколку сака да го продолжи патот кон НАТО и ЕУ“. За прв пат во нашата земја престојуваше премиер на земја-претседавач на ЕУ, премиерот на Чешката Република, господин Тополанек. Сред Скопје ни порача дека не сме положиле матура кога се во прашање изборите кои ги спроведуваме. ТВ Алфа во својата информација за посетата буквално ќе тврди „Премиерот на Чешка – актуелна земја претседавач со Унијата, лично дојде во Скопје за да се увери дали македонските власти ја разбрале пораката за организирање на фер и демократски избори“.

И покрај се, вториот извештај на набљудувачката мисија на ОДИХР не влева преголем оптимизам. Во него се говори за предвремен почеток на кампањата, за пријавени случаи на заплашување особено во јавната администрација (и некои од нив ги смета за веродостојни), се констатира дека Државната изборна комисија е недоекипирана, општинските изборни не го довршиле тренингот, дека избирачките одбори се уште се обучуваат, додека обуката на избирачите се уште не започнала се констатира небалансирано медиумско покривање…

Впрочем и самата Државна изборна комисија (ДИК) ќе потврди дека мартовските избори ќе бидат досега најсложени (гласањето на многу места потешко ќе оди поради проблеми со простор, дека подлго ќе трае – гласачите во Скопје ќе гласаат на 5 ливчиња, во останатите општини на 3, гласачите пак ќе се едуцираат за гласањето само последната недела пред изборите меѓу другото и за тоа дека на гласачкото место можат да се поjават само еднаш и дека поради обезбедување на тајноста на гласањето на гласачките места не смеат да се употребуваат мобилни телефони, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал).

Во еден ваков амбиент не се неможни ни инцидентите веќе видени на минатогодишните предвремени парламентарни избори. Жителите на Танушевци, Брест, Малино и Блаце се закануваат дека ќе ги бојкотираат претстојните избори, револтирани затоа што за прв пат на чело на избирачките одбори во селата се поставени Македонци. Селаните тврдат дека нема да излезат на гласање ако на гласачкото место ги пречека претседател на избирачки одбор кој е Македонец и не живее во селото. Самите претседатели на избирачките одбори, пак, тврдат дека ќе се откажат од својата должност, исплашени поради тоа што на изборите се распоредени во села каде што живеат Албанци.

Средините во кои се можни инциденти, сега не се ексклузивно оние со мнозинско албанско население. Во Струмица, според медиумите се води војна и покрај обидите на евро-амбасадорот Ерван Фуере да ги смири контракандидатите Зоран Заев и Силвана Бонева. Демолирањето на автомобилот на братот на покојниот претседател Борис Трајковски послужи за взаемни жестоки обвинувања не само на партиите една против друга туку и против Министерката за внатрешни работи која се појави на фотографија со еден од осомничените за демолирањето на автомобилот на Мојсеј Трајковски.

Стравот од можни инциденти слични на минатогодишните не го намалуваат најавите на Министерството за внатрешни работи дека посебно се подготвува за одржувањето на редот и мирот на овие избори. Токму поради фактот дека на ланските јунски парламентарни избори токму припадници на МВР беа (зло)употребени како алатка за остварување на партиските цели за добивање што повеќе гласови, па макaр тоа било и со кршење на законите.

Законските санкции за предизвикување инциденти за време на изборите, колку и да се строги, бледат пред фактот дека малку од случаите за кои е подигнато обвинение завршуваат со судски пресуди. Шефот на мисијата на ОДИХР во интервју ќе нагласи дека продолжува да ги следи судските процеси против обвинетите за судски инциденти на минатите избори и ќе ја пренесе забелешката дека многу мал број лица се осудени. Патем, премиерот Груевски уште еднаш се вплетка себе си и неговата влада во водите на судската власт со тврдењето во интервјуто за ТВ А1 одговарајќи на прашањето „Минатите избори им се заканувавте на сторителите на можните инциденти дека ќе бидат санкционирани” дека „Тоа и го применив“![1]

Нивото на јавно употребениот збор и во досегашниот тек на предизборните активности се покажа ниско. Имаше и омаловажувања, изрекување зборови кои не им доликуваат на универзитетски професори (дури 4 меѓу претседателските кандидати) и луѓе со желба да го водат народот, до некаде примитивизам, односно тешко и слабо неразбирање на основните демократски принципи. Хелсиншкиот комитет жали што и за овие избори не успеа да најде донатори кои со скромни средства ќе овозможеа реакции и анализи на злоупотребата на јавно искажаниот збор на политичката сцена, што ќе беше поучно и за јавноста и за политичарите.

Ќе забележиме уште некои појави кои се несвојствени за демократски општества.

Автономијата на универзитетот за кратко време доживеа два жестоки упади. Најнапред за претседателскиот кандидат на владачката ВМРО-ДПМНЕ потписи се собираа и добиваа од челните луѓе на државните универзитети. Потоа тој ист кандидат отворено изјави дека со своите студенти му помогнал на еден од соперниците да го собере потребниот број потписи за кандидатура. Дури по жестоката реакција во јавноста за евентуалната политичка злоупотреба на својата професорска функција, кандидатот се извини за својата изјава.

Како по обичај, и оваа Влада кога трае предизборната кампања речи си сите свои активности ги сведува во напорите на секој начин да му помогне на својот кандидат. Во јавноста се појавија обвинувања дека целата Влада е во кампања, притоа македонските опозициони партии ги обвинија „своите“ во властта, албанските коалициониот партнер во власта Демократската унија за демократија. Во нерегулираниот медиумски простор сега е најблага забелешката дека владините активности се поистоветуваат со партиските предизборни, иако од отварање на традиционалните селски чешми, користење на државната инфраструктура (возила, простории, телефони, но и вработени во администрацијата…) се дојде до милијарди долари инвестиции за наредните години.

Во јавноста се доведе во врска со овие обвинувања третиот „таен“ реизбор на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која е надлежна за кршењето на Законот за спречување корупција во време на избори. Ќе биде интересно да се види дали и како „Антикорупциска“(како во јавноста се нарекува Државната комисија за спречување на корупцијата) ќе одговори на обврската за испитување на парите потрошени за изборните кампањи. И каква е врската меѓу евидентно најголемиот дел на платената политичка програма во електронските медиуми каде што Владата најмногу огласува или пак чии сопственици се дел од владеачката коалиција или блиски до неа[2].

Проблемот со (не)постоење на „мртви души“ во избирачките списоци на речи си сите досега одржани избори во Република Македонија е необјаснив феномен сем ако не се толкува како сфаќање дека манипулациите со гласовите на неопостоечките гласачи не е една од „придобивките“ на власта чија корист е толку голема што и партиите во опозицијата молчат. Ако се гледаат бројките на избирачи во различни изборни циклуси ќе се установи дека на првите плуралистички избори во 1990 на списокот биле 1 371 176 гласачи додека на ланските предвремени парламентарни избори бројката е 1 779 116, што претставува зголемување за околу 400 илјади луѓе или некаде околу една четвртина од вкупното население (проценката на Државниот завод за статистика е дека РМ на 31 декември 2008 имала 2 049 613 жители). Логично е ваквите бројки да раѓаат сомнежи, особено ако се покажат за точни бројките дека околу 150.000, а ученици од осумгодишно и средно училиште до четврта година околу 350.000. Во податоците има и помалку несфатливи осцилации – од 1 495 288 запишани гласачи на локалните избори 1996 пад на 1 106 513 на парламентарните избори две години подоцна(1998) или пораст од 1449 355 запишани гласачи на претседателските избори 1999 на 1 664 859 на локалните за само една година потоа (2000). Сомнежите за „мртви (гласачки) души“ се подгреваат и со офцијалните бројки за најмалку над 130 000 македонски државјани со право на глас кои живеат надвор од државата (или негде околу 7.5 проценти од запишаните гласачи од кои 38.386 лица кои имаат македонско државјанство, а никогаш не живееле во земјава). Во последниве неколку месеци слични прашања поставија и ОДИХР и некои дипломати во земјава.

Но, она што е парадоксално е податокот дека од 1990 година па наваму ниту едно Министерство за правда во ниту една влада не најде за сходно да го провери посериозно избирачкиот список за било кои одржани избори.

За сите избори, особено по увидувањето на тенденцијата изборите по правило да бидат полоши од претходните, политичките партии потпишуваа кодекси (како оној инициран и негуван од американскиот Национален институт за демократија), одржуваа под препораки, сугестии или закани на странските дипломати и државници лидерски средби на кои паѓаа разни ветувања, но најчесто резултатите повторно беа полоши избори од претходните. По оние во јуни 2008 навистина е тешко и да се замисли што би биле избори полоши од нив.

Како и во секоја нормална земја одговорноста за спроведувањето на изборите ја имаат државните институции, кои пак постојат за сите граѓани (во случајов) што понепречено да го остварат своето избирачно право. Тие не постојат за да ги реализираат по секоја цена желбите на партиите, нивното членство и нивните симпатизери. Затоа и единствената надеж дека овие избори ќе минат во колку-толку демократска и фер атмосфера е во сведувањето на партиската политика на нивото на кампања за своите кандидати и оставање на државните институции да го овозможат владеењето на правото барем до онаа мерка на изборите да нема вооружени инциденти, масовно кршење избирачки кутии, крадење изборни материјали, фалсификување изборни документи… повредени и жртви.

1.2. Целосна маргинализација на Државната комисија за спречување на корупцијата

Реизборот на Мирјана Димовска за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата се случил на 25 февруари 2009 година, барем така јавноста беше информирана со кратката вест објавена на сајтот на Комисијата[3]. Ова е втор по ред „таен“ реизбор на госпоѓа Димовска на оваа јавна функција, бидејќи и лани се случи истото. Комисијата која инаку често практикува прес-конференции две години со ред не наоѓа за сходно барем со соопштение да ја извести јавноста за реизборот на својот прв човек, туку информацијата ја стави на својата интернет страница. Така Димовска ќе биде најмалку 3 години „прва меѓу еднаквите“ во Комисијата чиј мандат трае 5 години.

Минатата година реизборот во јавноста беше означен како „скандал без преседан“, а случајот беше прогласен за најматен настан за февруари 2008 година во анкетата „Бистро-матно“ на независната новинска агенција „Макфакс“ и на невладината „Транспарентност-нулта корупција“ во која гласаа 17 главни уредници од македонските медиуми. Тешко може да биде оправдување дека само Димовска може успешно да ја извшува функцијата претседател – од една страна Комисијата ја сочинуваат уште 6 члена (повеќето правници, меѓу кои и поранешен судија на Врховиниот суд), од друга страна Димовска, според медиумите, врши и други одговорни функции („работи и како медијатор, а неодамна беше назначена и за директор на Македонската телевизија“, пришто вршењето на вторава функција сигурно може да се толкува и како блискост со власта).

Сега е веќе сосема јасно дека во измените на Законот за спречување на корупцијата од 24 ноември 2006 година не случајно во измената на ставот 2 од членот 48 во кој се прецизира мандатот на претседателот на Комисијата зад времетраењето од 1 година исчезнаа зборовите „без право на повторен избор“.И сето тоа се случи пред изборот на вториот по ред состав на Комисијата.

За жал, ова е уште еден чекор кон целосна маргинализација, или ако сакате нејзино целосно ставање под контрола од страна на власта, на „Антикорупциска“, како во јавноста популарно се нарекува Државната комисија за спречување на корупцијата. Ако за почетокот на работата на првиот состав на Комисијата може да се најдат и добри оценки, крајот на нивниот мандат, за жал, мина во сенката на впечатокот дека неколкумина највлијателни членови на првиот состав на Комисијата добро се испазарија за високи функции со новата Влада. Според дневниот весник „Утрински весник“ за работата на вториот состав на Комисијата „јавноста во повеќе наврати реагираше околу работата и транспарентноста на оваа институција, со оглед на тоа што не беше обелоденет ниту еден поголем случај на организиран криминал и корупција, а комисијата беше посочувана дека работи селективно и под политички притисоци. Забелешки за работењето на комисијата даде и Европската комисија во својот последен извештај за Македонија.“ Впрочем, индикативно е и тоа што на јавноста се уште не и е познат извештајот за работата на „Антикорупциска“ за минатата година чие усвојување вообичаено се врши кога се (ре)избира и претседателот.

1.3. Чекори кон сегрегација на Македонија

Мултикултурниот и мултиетнички карактер на нашето општеството како и изградбата на меѓусебна доверба, толеранција и соживот помеѓу различните етнички заедници се столбовите на кои се темели современата македонска држава. Имплементираните меѓународни стандарди, преамбулата и темелните вредности во Уставот не само што ја изразуваат свеста на сите заедници во Македонија за градење на соживот помеѓу нив, исто така носат во себе и одговорност за сегашноста и иднината пред идните генерации за нивно зачувување и развој.

Проблемите во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга кои ја брануваат македонската јавност кулминираа овој месец со етничката нетрпеливост помеѓу средношколците во ова училиште. Раководството на училиштето, родителите на учениците, локалните власти и Министерството за образование и наука за решавање на проблемот пронајдоа „соодветно решение“ со поделба на средношколците Македонци и Албанци кои од сега ќе учат во јазични/етнички поделени смени. Според надлежните „овие смени се решение за долгогодишните проблеми и смените не значат етничка поделба туку напротив, услови во кои децата ќе можат да се натпреваруваат, а не да се тепаат“ .

Меѓутоа проблемите во Струга се проблеми кои се подлабоки, на кои се надоврзуваат низа други проблеми, кои дефинитивно водат кон сегрегација на општеството а со тоа јасно ќе покажеме дека процесот на интегрирано општество почнува да ни бега од нашата агенда. Само за пример од низата поделби кои латентно се вршат на истиот принцип во Тетово, Дебар и Куманово каде учениците веќе извесен период се поделени во етнички смени, а вакви тенденции полека се појавуваат и во Скопје.

Која е причината за да се донесе едно вакво решение кое дефинитивно води кон етничка сегрегација и делби во општеството? Очигледно е дека во целиот процес се замешани и други „невидливи“ фактори (политичките) кои ја вжештиле ситуацијата, потпалувајќи меѓуетнички тепачки. Големо влијание во целиот овој процес играат и други фактори како родителите кои цврсто застанаа зад поделбите и ги поддржаа истите. Советот на родители на учениците од македонска националност во неколку наврати „апелираа“ да се почитува одлуката на Министерството за образование и учениците да ја изведуваат наставата во етнички смени. Наспроти нив пак родителите на учениците Албанци ја оспоруваат одлуката за посебни јазични смени и сметаа дека истата не е легитимна па бараат наставата да се одвива во мешани етнички смени.

Повеќе од очигледно е дека средношколците во целиот овој сомнителен процес се само инструменти за манипулација на кои не им е оставен простор за избор.

Апсурдно е барањето на надлежните институции за вмешување на мисијата на ОБСЕ во целокупниот процес за кој заинтересираност покажа и Високиот комесар за национални малцинства, амбасадорот Волебек. Оправдување за вмешувањето на мисијата на ОБСЕ даде Советникот за образование во Струга кој наведе дека истите се вклучени во процесот се со цел „да не се политизира состојбата и да не се мисли дека нешто се наметнува од централната и локалната власт“. Надлежните институции гледаат спас во ОБСЕ бидејќи тие можат да придонесат за решавање на проблемите преку обезбедување на професионални медијатори, со што јасно даваат до знаење дека не се спремни ниту моќни да ги решат проблемите кои се во нивна надлежност или пак истите умешно се оградуваат од ситуацијата во која очигледно прсти замешaле повеќе „влијателни“ фактори.

И покрај најавите на Министерството за образование и наука дека истото ќе се залага за социјализација која ќе овозможи создавање нови генерации кои ќе бидат растоварени од затвореноста во сопствената етничка заедница сепак истото спротивно од тврдењата посегна токму кон одвоеност на учениците и нивната затвореност.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија изразува длабока загриженост поради случувањата во средното училиште „ Нико Нестор“ во Струга како и поради одлуката на Министерството за образование и наука која се коси со принципите за градење на толеранција и соживот во едно мултиетничко општество.

1.4. Извештајот на Стејт департментот ги потврдува релевантните заклучоци на Хелсиншки комитет за состојбата на човековите права во Македонија

На 25 Февруари 2009 година, Стејт департманот го објави својот редовен, годишен извештај за состојбата со човековите права во 2008 година, во кој се наведува дека на стотици милиони луѓе ширум светот им биле скратени или повредени основните човекови права и слободи од страна на државните органи и институции.

Македонија секако, не е исклучок од ваквите случувања и покрај тоа што општа и почетна забелешка во споменатиот извештај е дека „Владата во нашата држава генерално ги почитува човековите права на нејзините граѓани иако има проблеми во некои области“, за во продолжението да се укажe на проблеми во голем број области. Генералниот заклучок се сведува на фактот дека состојбата со човековите права во Република Македонија се уште не постигнала задоволително ниво.

Хелсиншкиот комитет за човекови права низ целата 2008 година во своите редовни, месечни извештаи, како и во посебните анализи и соопштенија, укажуваше на проблемите со кои континуирано се соочуваме во делот на почитување на човековите права, а кои меѓу другото се потенцирани и апсолутно се совпаѓаат со извештајот на Стејт департманот.

Во извештајот се детектираат повеќе проблеми кои постојат подолго време, а можеби би биле надминати доколку носителите на власт кај нас се соблазнат и ги прифатат апелите и укажувањата на македонскиот Хелсиншки комитет. Па така и во овој извештај и во редовните извештаи на комитетот во целост се поклопуваат: непочитување на правото на пресумпција на невиност, гарантирано со Уставот на РМ и Европската конвенција за човекови права; случаите на тортура, нечовечно и понижувачко однесување од страна на припадници на полицијата и посебната единица Алфи и злоупотреба и пречекорување на нивните овластувања; злоупотреба и несоодветна примена на мерката притвор и не примена на другите алтернативни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот предвидени со Законот за кривична постапка.

Извештајот на Стејт департментот во делот посветен за условите во затворите и притворските одделенија говори за значајниот проблем забележан од страна на меѓународните набљудувачи, односно: „бедните“ хигиенски услови; недоволната медицинската грижа и недостаток на стручен персонал; пренатрупаност; недоволен напредок на Македонија и неисполнувањето на препораките од страна на КПТ дадени по извршените посети . Хелсиншкиот Комитет во повеќе наврати укажуваше и ги потенцираше претходно наведениве забелешки по извршените посети во затворените установи .

Во делот на Извештајот кој се однесува на полицијата, Стејт департментот наведува постоење на „информативни разговори“ вршени од страна на полицијата и приведувања на лица без образложение.

Во поглед на судските постапки и правото на фер и правично судење на кои Извештајот се осврнува кратко, Хелсиншкиот комитет во повеќе месечни извештаи посочуваше на неприменување на правото на судење во разумен рок, предолго траење и одолговлекување на судските постапки и неприменување на одредбите на ЗКП во поединечни судски случаи, а особено еднаквост на условите што подразбира привилегиран статус на јавните обвинители.

Понатаму, во делот за изборите и учеството на политичките партии, се говори дека спроведените избори не ги исполниле препораките од ОБСЕ, а акцентот е ставен на неможноста на државата да ги спречи насилствата за време на изборите во претежно албанските подрачја и подоцна неможност кривичните постапки за кривичните дела против изборите да добијат завршница.

Стејт департментот како проблем ја потенцира и дискриминацијата на лицата со посебни потреби особено во образовниот процес и здравствената заштита. Во истиот се говори дека и покрај напорите на определени невладини организации и членови на законодавниот дом да се донесат закони со кои ќе се подобрат условите оваа идеја не се реализира поради нејзината мала поддршка.

И покрај постојаното, долгогодишно известување и следење на состојбата со човековите права под будното око на голем број меѓународни организации, меѓу кои особено Комитетот за спречување на тортура, Советот на Европа, преку посетите на Високиот комесар за човекови права, на домашните невладини организации кои се занимаваат со истата проблематика, како и на канцеларијата на Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет со загрижување констатира дека и понатаму надлежните државни органи во Република Македонија немаат стратегија за подобрување и промоција на човековите права, и понатаму не преземаат мерки за надминување на проблемите во клучните области со цел обезбедување на елементарно почитување на човековите права. Уште позагрижувачки е фактот што не сме ниту сведоци нa јавно презентирање или јавно изразена подготвеност за изработка на издржана стратегија за надминување на проблемите, што е потврда за игнорантскиот однос на надлежните органи кон критиките на ова поле дадени од страна на релевантните домашни и меѓународни органи и организации.

II. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1. Случај на воени пензионери и остварување на нивното пензиското и инвалидското осигурување

Анализирајќи го нашето законодавство во однос на управната постапка, а особено поради фактот што државните органи на управата делуваат во области со кои директно се засегнати човековите основни права, слободи и интереси, слободно можеме да заклучиме дека во РМ се уште немаме ефикасен механизам за заштита на истите. И покрај континуираните судски реформи, и покрај многубројните законски измени и дополнувања во насока на подобрување на состојбата со човековите права на ове поле, за жал административната постапка се уште е неефикасна и со долго траење.

Тоа го покажува и еден од многубројните примери, случајот на група воени пензионери без пензија речиси 17 години, кои не можат да го остварат своето право на инвалидска пензија од 2002 година, а стекнато уште во СР Југославија, сето тоа “благодарение на ажурноста“ на државната управа.

По поднесено барање за исплата на пензија стекната во СР Југославија согласно Законот за ратификација на спогодбата за прашањата на сукцесија помеѓу поранешните југословенски републики од страна на група воени пензионери, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – подрачна единица во Скопје донел Заклучок од 09.04.2002 година со кое истото се одбива како неосновано бидејќи било прерането. При тоа, првостепениот орган заборавил на одредбата од член 223 од Законот за општа управна постапка со кој се пропишува дека со Заклучок се одлучува за прашања што се однесуваат на постапката, како и за оние прашања што како споредни ќе се појават во врска со спроведувањето на постапката, а кои не се решаваат со решение.

Постапувајќи по навремено поднесена жалба, Комисијата за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување при Владата на Р.М, повторно со Заклучок од 30.08.2002 година истата ја одбила како неоснована. По поднесена тужба против донесениот акт, Врховниот суд на РМ на ден 18.05.2006 година донел Пресуда, со која тужбата се уважува, а Заклучокот на Комисијата за решавање во втор степен се поништува.

За да биде апсурдот поголем, врз основа на Пресудата на Врховниот суд на Р.М, Второстепената Комисија, на ден 01.02.2007 година, ја исправила грешката со видот на актот, па само донела Решение со кое жалбата се одбива како неоснована, не обрнувајќи внимание на останатите напатствија дадени од страна на судот.

Управниот суд на Р.М, постапувајќи по повторно поведен управен спор, со Пресуда од 07.02.2008 година, тужбата ја усвоил, оспореното Решение на Комисијата за решавање во втор степен го поништил и предметот го вратил на повторно разгледување и одлучување.

Понатаму, Комисијата на ден 24.04.2008 година донела Решение со кое жалбата против решението на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување е неоснована, но од друга страна оспореното решение, заборавајќи дека тоа е заклучок, го поништува и предметот го враќа на повторна постапка.

Со оглед на фактот да првостепениот орган не постапил по споменатото решение во законски предвидениот рок, на ден 22.12.2008 година поднесена е жалба до Второстепената Комисија поради молчење на администрацијата, која се разбира по природниот ред на нештата, се уште нема постапувано во законски предвидениот рок.

Крајниот загрижувачки заклучок е дека во овој случај најпрвин не бил земен во предвид фактот дека Спогодбата за прашањата на сукцесија помеѓу поранешните југословенски републики веќе стапила на сила на 03.06.2004 година по депонирањето на петтиот инструмент за ратификација, од каде произлегува и обврската за признавање на правото за исплата на пензија на сите воени пензионери кои се соочуваат со истиот проблем, понатаму второстепниот орган доследно не ги почитувал напатствијата дадени од Врховниот суд, потоа и од Управниот суд на РМ, како и јасно видливите повреди на основните одредби од Законот за општа управна постапка[4],[5] и од првостепениот и од второстепениот орган.

Хелсиншкиот комитет за човекови права има испратено писмени дописи до Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, како и до Второстепената комисија при Владата на РМ, во врска со причините за ваквиот начин на постапување. Во очекување одговор, но без оглед на содржината на истиот, неизбежна е констатацијата дека и најновите измени на Законот за општа управна постапка од септември 2008 година нема да придонесат кон надминување на неажурноста на државната управа, туку напротив уште повеќе ќе го продлабочат проблемот со управната постапка, особено поради фактот што законот не предвидува вид на одговорност за непочитувањето на голем дел од одредбите во истиот.

2.2. Итна ревизија на Тарифата на извршители

Врз основа на претставка доставена до Хелсиншкиот комитет за човекови права бевме известени дека лицето Н.Н. врз основа на неплатен долг за вода во висина од 643,00 денари, добил Налог за извршување во висина од 9.911,00 денари, каде извршителот направил пресметка на трошоците за извршување, верувале или не, во висина од 9.268,00 денари.

Сметајќи дека сигурно постои некаква грешка, не гледајќи логика за главен долг од 643,00 денари, трошоците за извршување да изнесуваат дури 9.268,00 денари, Хелсиншкиот Комитет се обрати до Комората на извршители и Извршителот кој го изготвил Налогот за извршување, со барање известување врз основа на кои ставки се пресметани трошоците за извршување.

Од страна на Извршителот добивме одговор дека согласно Тарифата издадена во Службен Весник на Република Македонија бр.134 од 25.12.2006 год. за секој износ на главен долг до 200 евра се наплатува износ од 10 евра + ДДВ износ во денарска противвредност за администрирање на предметот. За изготвување на налогот за извршување се наплатува износ од 20 евра + ДДВ износ во денарска противвредност, како и за достава на налогот за извршување до должникот 30 евра + ДДВ износ во денарска противвредност и за достава до работодавец 10 евра + ДДВ износ во денарска противвредност.

Исто така, бевме известени дека во износот за трошоци за извршување се пресметуваат и трошоците кои полномошникот на доверителот има право да ги бара согласно законот, а се однесуваат на трошоци за полномошно во износ од 1.300,00 денари и трошоци за составување на барањето за извршување кои се определуваат врз основа на главниот долг, во овој случај во висина од 650,00 денари. За секоја реализирана извршна исправа извршителот има право на награда зависно од главниот долг, а во овој случај извршителот има право на награда во износ од 30 евра + ДДВ износ во денарска противвредност.

Имајќи ја предвид апсурдноста на случајот, должникот да плаќа сума од 9.268,00 денари на име трошоци за извршување за главен долг во висина од 643,00 денари, Хелсиншкиот Комитет апелира до надлежните органи дека е потребна ИТНА ревизија на Тарифата за награда и други трошоци за работа на извршителите.

2.3. Случај на владеење на хаос во образовниот систем

Уште на самиот почеток на новата 2009 година, за само два месеца, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија прими голем број претставки кои ја засегаат проблематиката за состојбите во образованието. Само од увидот на документацијата приложена од самите странки, се поставува прашањето дали можеби владее хаос во образовниот систем, а сето тоа на штета на правата на најосетливиот дел од нашата популација – децата. По деталната обработка на претставките, испратени се дописи до надлежните органи во врска со вистинитоста на наводите и мерките кои ќе бидат преземени за надминување на проблемите. Во очекување одговори од страна на Министерството за образование, Државниот просветен инспекторат и локалната власт, во овој момент можеме само да најавиме и предупредиме на дел од проблемите со кои се соочуваме кога станува збор за образованието.

Неодамна до комитетот беше доставена и претставка за непочитување на законската одредба од член 7 и член 9 на Законот за основното образование за организирање настава на мајчин јазик за припадниците на заедниците кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик.

Во случајот на С. И. и други револтирани наставници од Кочани, не информираа дека по истекот на договорот за вработување на определено време, откако истиот не бил обновен, од страна на Директорот на ОУ „Раде Кратовче“ во Кочани било вработено друго лице на определено време без јавен оглас. Позагрижувачко е тоа што лицето притоа не го исполнувало посебниот услов предвиден во Законот за основно образование, поточно немало положен стручен испит.

Во врска со пријавата до Овластен општински просветен инспектор на Оштина Кочани, истиот во доставениот одговор до Соња Иванова известува дека по извршениот инспекциски надзор во ОУ „Раде Кратовче“ на ден 10.09.2008 година била потврдена горе наведената состојба. Директорот на училиштето бил задолжен за работното место наставник во одделенска настава да ангажира лице почитувајќи го Законот за основно образование.

Ваквата состојба била потврдена и од страна на Државниот просветен инспекторат, кој по пријавата, извршил инспекциски надзор во училиштето на ден 19.09.2008 година, и го задолжил Директорот да ангажира лице согласно Законот за основно образование.

Понатаму, Директорот на ОУ „Раде Кратовче“ и покрај објавување јавен оглас за вработување, повторно не ги почитувал одредбите за посебните услови за вработување наставници по одделенска настава пропишани во Законот за основно образование, ниту пак постапил согласно задолженијата дадени од страна на Овластениот општински инспектор и Државниот просветен инспекторат.

Видно од документацијата доставена во прилог, Овластениот општински инспектор при извршениот вонреден инспекциски надзор на ден 09.01.2009 година, наместо преземање конкретни мерки, повторно ги констатирал истите повреди, но не преземал мерки за санкционирање на одговорното лице, иако има такви законски можности и надлежности. По втор пат само го задолжил Директорот на работното место наставник во одделенска настава да ангажира лице почитувајќи го Законот за основно образование.

Аналогно, се поставува прашањето, зошто Овластениот општински просветен инспектор и Државниот просветен инспекторат сметале дека Директорот на училиштето, откако веќе еднаш ги игнорирал дадените задолженија, сега ќе изрази волја да го почитува Законот за основно образование, и кои се причините поради кои не се преземени конкретни мерки предвидени за санкционирање на повредите на законските одредби. Се надеваме на брз и издржан одговор на нашиот допис од страна на надлежните органи во врска со ова, како и за останатите проблематични прашања, како не би заклучиле за алармантната потреба за промени во образовниот систем.

III. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Случај “Лептокарија“

Преку печатените и телевизиските медиуми Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и јавноста беше запознаена за настанот случен на ден 06.10.2008 година кога во Трговскиот Центар “Лептокарија“ во Скопје сообраќајни полицајци удирале и туркале момче. Чинот на малтретирањето бил снимен од случаен минувач, кој и ги доставил снимките до јавните гласила.

Секторот за внатрешна контрола веднаш по настанот излезе со известување до јавноста дека ќе се спроведе внатрешна истрага против сообраќајните полицајци за евентуална прекумерна употреба на сила.

Хелсиншкиот комитет упати допис до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и побара да биде известен дали е спроведена внатрешна контрола од страна на Секторот, кои се наодите од истата, односно дали против сообраќајните полицајци е покрената постапка, бидејќи снимките пуштени во етерот беа доста евидентни и јасни во поглед на постапувањето на сообраќајните полицајци.

На ден 13.02.2009 година Хелсиншкиот комитет доби известување од страна на Секторот за внатрешна контрола преку кое бевме известени за следното:

По претходно известување двајца полициски службеници (во натамошниот текст ПС) од полициска станица “Скопје“ заради обезбедување на лице местото отишле во Бул. Партизански одреди, во близина на ТЦ “Лептокарија“. На лице место било случено сообраќајна незгода каде како учесник бил граѓанинот И.Д. од Скопје, кој со своето моторно возило удрил во жардинерија поставена како физичка препрека на паркинг просторот. И.Д. бил во видно пијана состојба, сметат ПС. Бидејќи постоела вербална расправија меѓу граѓанинот и неговиот сопатник, ПС се приближиле до нив со цел да ги предупредат. Тогаш, граѓанинот без било каков повод (најверојатно само заради тоа што се полицајци – наша забелешка) почнал да ги навредува и омаловажува ПС со непристојни зборови при што се обидел да влезе во неговото возила. Во намерата бил спречен од страна на еден ПС кој му ги одзел клучевите од возилото, а кога граѓанинот се обидел да го напушти местото на настанот и не се одѕивал на предупредувањето на ПС, е тогаш ПС го фатил за раката и го спречил во намерата. Но, граѓанинот кој бил во пијана состојба изгубил рамнотежа и паднал на земја, поради што ПС го фатил за облеката и му помогнал да стане. Граѓанинот и понатаму бил немирен и го нарушувал јавниот ред и мир, по што била побарана интервенција од полициската станица “Карпош“, од каде дошле четири колеги ПС го врзале граѓанинот и го однеле во полициската станица.

Таму граѓанинот бил известен за причините за приведувањето и поучен за неговите права согласно Уставот и законските и подзаконските акти. Воедно му било извршено и тестирање за алкохол (испаднало дека алкохолот во неговиот организам изнесува 2.1 промили). Записникот за тестирање за алкохол граѓанинот не сакал да го потпише, по што согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата бил однесен во медицинска установа во “Кисела Вода“, каде му било земено примерок од крв и урина заради анализа.

Неколку дена после настанот, граѓанинот И.Д. при разговор извршен во просториите на полициската станица “Ѓорче Петров“ појаснил дека е изненаден од информациите на јавниот медиум поврзано со конкретниот случај, дека ПС врз него не употребиле физичка сила, потврдил дека имало вербална расправија, но не се сеќавал на сите детали, како и дека имал мала повреда во пределот на левата над- лактица во вид на црвенило, меѓутоа не се сеќавал како ја здобил истата.

Од добиениот одговор остануваат нејасни следните неколку работи:

– како е можно да е поучен граѓанинот за своите права согласно уставните и законските норми кога и самите ПС констатирале дека истиот бил во алкохолизирана состојба

– како граѓанинот И.Д. се здобил со мала повреда во пределот на левата над- лактица во вид на црвенило (за која и самиот граѓанин не се сеќава на кој начин се здобил со повредата – барем така се наведува во добиениот одговор).

Хелсиншкиот комитет не е зачуден од донесената одлуката дека полициските службеници согласно овластувањата презеле соодветни законски мерки и наводите за незаконито постапување се одбиени како неосновани. Ваквите одлуки веќе претставуваат пракса за штитење на полициските службеници од страна на свои колеги при Секторот.

По ваков добиен одговор Хелсиншкиот комитет просто е зачуден и гласно се прашува како е можно полициските службеници да постапиле согласно соодветните законски норми и правила, а цела јавност беше шокирана со нивното постапување како да сме се уште во времето на “дивиот запад“.

——————————————————————————–

[1] „Тоа и го применив после тоа, еден куп се во затвор, еден куп се по судови, така што тоа што им се заканив и го реализирав“. И одговорт на прашањето „Важи ли тоа и за овие избори?“:- Важи и за овие избори, за секој што ќе го прекрши законот, независно кој стои зад него итн., ќе има сериозни проблеми“.

[2] Членовите 10-15 од Законот за спречување на корупцијата кои се однесуваат на буџетски средтва и средства на јавни фондови, забрана на средства од нелегални извори, поткупување на избирачи и привилегирање или дискриминација по изборите

[3] „Согласно со член 48 од Законот за спречување на корупцијата (Службен весник на РМ бр.28/02, 46/04, 126/06 и 10/08), Државната комисија за спречување на корупцијата на седницата одржана на 25.02.2009 година, од редот на членовите, едногласно ја избра Мирјана Димовска за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата оценија дека должноста претседател на Државната комисија досега успешно се извршува и затоа сметаат дека треба истиот претседател да продолжи да ја раководи Државната комисија.“

[4] Член 242 став 2 и 3: „(2) Ако второстепениот орган најде дека недостатоците на првостепената постапка побрзо и поекономично ќе ги отстрани првостепениот орган, тој со свое решение ќе го поништи првостепеното решение и предметот ќе му го врати на првостепениот орган на повторна постапка. Во тој случај второстепениот орган е должен со своето решение да му укаже на првостепениот орган во кој поглед треба да се надополни постапката, а првостепениот орган е должен во се да постапи по второстепеното решение и без одлагање, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на предметот, да донесе ново решение. Против новото решение странката има право на жалба. (3) Кога второстепениот орган постапува по изјавена жалба против решение кое еднаш било поништено и вратено на повторно решавање, постапувајќи по жалбата, самиот ќе го реши предметот “.

[5] Член 52, Закон за управните спорови: „Кога судот ќе поништи акт против кој бил поведен управен спор, предметот се враќа во состојба во која се наоѓал пред да е донесен поништениот акт. Ако според природата на работата што била предмет на спорот, место поништениот управен акт треба да се донесе друг, надлежниот орган е должен да го донесе без одлагање, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на доставувањето на пресудата. Надлежниот орган притоа е врзан со правното мислење на судот, како и со забелешките на судот во однос на постапката“.