април 10, 2009

Месечен извештај (март 2009)

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Избори 2009

1.2. Уставниот суд ги укина спорните стимулации на наталитетот

1.3. Хоспитализација во Психијатриска болница “Скопје“ на работ од легалноста.

1.4. Системска грешка или..?

2. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1. Случаи на повредени и загинати работници на работно место.

2.1. Случај Вера Богоева.

3. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Случај Васил Глигоров.

3.2. Случај Јовица Јаневски

—————————————————————————————–

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Избори 2009

Локалните и претседателски избори 2009 на прв поглед минаа онака како што посакуваат сите кои Република Македонија ја гледаат како дел од демократските земји во светот и оние кои (својски) помагаат од надвор тоа да се оствари. „Избори во мирна атмосфера, исполнети согласно најголемиот дел од меѓународните стандарди“ е оценката на ОБСЕ / ОДИХР. Позитивно се оценети и слободата на изразувањето и на здружувањето, реториката на кандидатите, броењето на гласовите, како и работата на медиумите. Атмосферата на денот на изборите е оценета како мирна, без случаи на насилство или големи инциденти и вториот круг од изборите е оценет како подобар од првиот. Со оценките на набљудувачката мисија на изборите се согласува и амбасадорот на САД во земјата Филип Рикер, кој им честита на македонските граѓани за како што истакна генерално добрите избори. Слични беа оценките на најрелевантните набљудувачи и за првиот круг.Не се штедеа пофалби[1].

Честитки стигнаа и од Брисел. И американскиот Стејт департмент упати честитки и пофалби до граѓаните и властите на Македонија за успешното заокружување на претседателските и локалните избори.

Сепак, со честитките ни упатија и замерки. Првиот човек на ОДИХР Јанез Ленарчич, кој допатува во земјава за лично да го мониторира првиот круг на гласањето, изјави дека мирните избори се важни, но не се и доволни. „Постојат и други аспекти“, изјави Ленарчич, нагласувајќи го притоа аспектот што го имаше Мисијата на ОДИХР наведено во своите два преодни извештаја за изборите, „а тоа се наводите на заплашување кои беа многу зачестени и за кои се надеваме дека Владата ќе се справи и ќе ги реши во следниот, втор круг, од гласањето“. Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР забележа на вршењето притисок и заплашувањето во текот на целиот изборен процес (од страна на државните службеници и партиските активисти на владеечката партија), разгледувањето на приговорите во првиот круг вон законските рокови (не секогаш имало консензус во Државната изборна комисија, судските процедури не биле транспарентни) во поглед на недостатоците на изборниот список се изјаснија и претставниците на ОДИХР и американскиот амбасадор кој во пакет побара законски решенија за деполитизација на државната администрација; често се споменување бавното или јалово законско постапување против лицата кои се обвинети за изборни прекршоци во 2008 година; фактот што изборите ги следеа 7.038 домашни и 544 странски набљудувачи самиот по себе говори…

Граѓанската асоцијација „Мост“ го оцени вториот круг на изборите како мирен и без инциденти, во и околу избирачките места. Сепак, за време на гласањето, 3750-те набљудувачи на „МОСТ“ забележале случаи на семејно и групно гласање, пропусти во раководењето со избирачките списоци, нарушена тајност на гласањето, а на повеќе места – на граѓаните не им било дозволено самостојно да решат за кој избори ќе гласаат, туку биле принудени да гласаат и за локалните и за претседателските избори.

На притисоци во форма на жестока политичка репресија се пожали и независниот кандидат за градоначалник на Вевчани, за пропаганда по верска основа во Струга, првиот човек на ПЕИ и кандидат за градоначалник. До Хелсиншкиот комитет пристигнаа и жалби со сериозни обвинувања од Берово (Општински изборен штаб СДСМ- Берово) и Шуто Оризари („Заедно за Шуто Оризари“). За „финеси“ од типот ударничко поставување камен темелници и почеток на градби, што за време на кампања и избори е вон од законот, јавноста како да отрпна, а за тоа надлежната „Антикорупциска“ се уште молчи.

Впечатливо беше и тоа што заедно со фалбите, како аргумент за нив, речи си главен, одеше констатацијата дека немало инциденти, па се некако потсетуваше не баш фер и демократските избори од постоењето на независна Македонија кои од меѓународните набљудувачи по правило беа оценувани како „Воглавно фер и демократски и покрај извесни нерегуларности“, дури и тогаш кога се говореше за кражби на гласови дури и за претседателски избори.

Аналитичарите, особено по вториот круг позитивно го оценија нефункционирањето на македонско-албански коалиционен договор за поддршка во вториот круг кој не профункционира. И добро е што гласачите и од едната и од другата етничка страна во поголем број одбија да ги следат упатствата на своите партиски лидери. Новоизбраниот претседател е првиот, од четирите кои досега ги избравме, кој не се оспорува поради регуларноста на изборниот процес, но веднаш почна да се оспорува по две линии. Првата дека практично го избрале 25 проценти од гласачите и втората дека Албанците не го дале својот глас за него. Имајќи ја „федерализираната“ предизборна кампања (во која секој и им се обраќаше на „своите“) и по изборите сосема јасното изјаснување на мнозинството експерти од албански редови, медиуми на албански кои му го оспоруваат на новоизбраниот претседател правото да ги претставува и Албанците, може да се говори и за понатамошна паралелизација на македонската држава по етничка основа што од аспект на владеењето на правото и почитувањето на човековите права може да биде сериозен проблем.

И овие избори, сепак, се „слика и прилика“ на она каква ни е државата.

1.2. Уставниот суд ги укина спорните стимулации на наталитетот

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на своите уставни ингеренции на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе одлука (У.Број: 199/2008-0-1)[2] за укинување на делот на член 24-а од Законот за здравствено осигурување според кој посебен паричен надоместок за живородено дете остварува мајката за раѓање и мајчинство на живородено дете која е со место на живеење во општините во кои порастот на природниот прираст е под 2.1 живородено дете по жена, а според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, објавени за претходната година. Паричен надоместок за живородено дете кој требаше да се исплатува за период од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројки или повеќе) една година од денот на раѓањето во висина на 30% од просечно исплатената нето плата по работник во Република Македонија објавена за тековниот месец.

Уставниот суд оцени констатира дека „дека здравственото осигурување, како елемент на правото на социјално осигурување, за своја темелна основа ја има определбата на Уставот според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.

Со оваа одлука Уставниот суд застана на страната на оние кои во јавноста тврдеа дека укинатиот член и стимулациите на наталитетот врз основа на истиот се неуставни, токму заради истото што и Судот го утврди: дека „претставува ограничување на остварување на правата од здравственото осигурување на лицата – мајки кои припаѓаат на општините кои не се опфатени со оспорената законска одредба со што се повредуваат принципите на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, социјалната праведност, еднаквата заштита на мајчинството и децата, како и уставната определба за хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија“.

Ќе потсетиме дека и Хелсиншкиот комитет на 9 март 2009 излезе со анализата „Има ли владата реална стратегија за борба против “белата чума“?“[3] во која меѓу другото се вели: „Хелсиншкиот Комитет го очекува исходот од покренатите постапки пред Уставниот суд и предупредува дека со законските измени директно се прави дискриминација на мајките во зависност од тоа во која општина живеат, со утврдувањето дека носител на правото е само мајката, а таткото само во исклучителни услови, се врши родова дискриминација. Гледајќи ја листата на општини кои ги исполнуваат условите, од кои само во 2 (Зајас и Осломеј) поголемиот дел од населението е од албанска националност, се добива чувство дека постои и етничка дискриминација.“

Хелсиншкиот комитет ја поздравува оваа одлука на Уставниот суд на Република Македонија од аспект на дигнитетот што оваа институција треба да го има во државата и како израз на не секкогаш лесното спротивставување на речи си апсолутната власт што се воспостави во Република Македонија.

Сега се е повторно на ред Владата која треба да оцени дали е во можност да обезбеди услови за спроведување на предвидените стимулации за целата територија на државата или пак да се откаже од истите оставајќи го сомнежот дека и овва мерка е од арсеналот на веќе видените ад хок пропагандни популистички мерки.

1.3. Хоспитализација во Психијатриска болница “Скопје“ на работ од легалноста

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија повеќе пати досега реагираше за проблемот со присилна хоспитализација во психијатриските болници.

За жал, по инцидентот со педесетината грчки активисти за човекови права, кои заедно со најпознатиот грчки психијатар допатуваа во посета на лицето Васил Глигоров за да го посетат со наводи за насилно приведување и присилна хоспитализација, дојдовме до сознание дека проблемот со хоспитализацијата ги проширил своите корени и во однос на хоспитализација со согласност за доброволно лекување.

Имено, како што подолу подетално е образложен случајот на лицето Васил Глигоров и одговорот кој пристигна до нас од страна на одговорните лица на установата на прашањето за начинот на хоспитализација, станува јасно дека во рамки на истата се повредува и одредбата со која е уредена постапката за лекување со доброволна согласност.

Одговорните лица, свесни за повредата, во одговорот не известуваат дека поради неприменливоста на членот 59 став 2 од Законот за вонпарнична постапка се обратиле до голем број институции[4]. Според оваа законска одредба покрај личната писмена согласност дадена пред овластено лице на лицето кое се прима потребни се и двајца сведоци со одредени својства, воколку тоа не се обезбеди овластеното лице е должно во рок од 48 часа да поднесе пријава до судот на натамошно решавање. Како образложение, кое во ниту еден случај не може да ја оправда повредата на законот, наведуваат дека со таквата одредба се загрозува правото на лицата кои се примаат во установата, односно дека нивниот прием бил дискриминаторски во однос на прием на лице во која било друга болница. Како било која друга болница да е изедначена со психијатриската болница и како да нема разлика во однос на видот и начинот на третман на пациентите меѓу болниците, е зачудувачки заклучок од страна на стручните лица во психијатриската болница кои ги навел да бараат измена на членот.

Понатаму, како би можело оправдувањето да добие на тежина, во прилог ни беа испратени одговорите со поддршка во однос на измена и дополнување на спорниот член од Министерството за здравство, Министерството за правда, Светската здравствена организација и Народниот правобранител. Наводно, одговорните лица во врска со ова прашање се обратиле и до Хелсиншкиот комитет но немало одговор од наша страна, што не одговара на вистината бидејќи не сме добиле никакво барање за поддршка во врска со тоа прашање, што повторно укажува на неодговорното однесување на одговорните лица во психијатриската болница. Уште повеќе што при нашата посета на психијатриската болница на ден 30.10.2008 година и остварениот разговор од неколку часа со одговорните лица, истите воопшто не споменаа дека се справуваат со проблем во однос на хоспитализација со согласност за доброволно лекување. Напротив, на наше прашање, го потврдија само проблемот со присилна хоспитализација, поточно ненавременото постапување на судот во случај на потреба за лекување без согласност на пациентот.

Директорот и заменик директорот на установата не известија дека судот не постапува во законски предвидениот рок од три дена. Судот понекогаш својата одлука ја носел и по 3 до 4 месеци од денот на поднесувањето на пријавата. Во таков случај доколку лицето е во лоша здравствена состојба, сепак се хоспитализира и без судско решение, бидејќи одговорните не сакаат да преземат одговорност за последиците кои би можеле да настанат како резултат на негово отпуштање. Понекогаш се случувало пациентот да биде задржан, да се излечи и отпушти уште пред судот да донесе одлука по пријавата. Но, сепак тие ништо не преземале на тоа поле, ниту пак јавно го актуализирале проблемот, напротив, на лекување се задржуваат лица и по неколку месеци без одлука на судот.

Па оправдано се поставува прашањето дали во установата речи си во сите случаи при прием на пациенти на лекување се прави повреда на одредбите од Законот за вонпарнична постапка кои ја уредуваат процедурата за таа цел.

Во врска со оправдувањето за барањето за измена и дополнување на член 59 став 2 дека овие лица биле дискриминирани со така поставениот услов за двајцата сведоци кои треба да ја потврдат неговата согласност, би можеле само да укажеме на член 12[5] од Закон за ментално здравје, што води кон еден единствен заклучок дека пациентите во психијатриските болници не би можеле да ги споредуваме со пациенти на било која друга болница, во спротивно за нив би важеле општите одредби од Законот за здравствена заштита. Поконкретно кажано, во тој случај не би имале потреба од Законот за ментално здравје, а особено не би имало потреба од одредбата во членот 12. А сето тоа, во насока на заштита од не доброволен прием на индивидуите.

Сето ова укажува на фактот дека не се спроведува докрај ниту една законска одредба и пропишана обврска за процедурата на прием на лекување во психијатриска болница, што укажува на постоење реален и длабок проблем во овие установи од аспект на почитување на човековите права. Поради тешкотиите во примената на Законот за вонпарнична постапка, во нив се задржуваат лица на лекување без законски основ за тоа. Од своја страна пак, одговорните лица на установата тргнале по едноставниот пат вината да ја префрлат за едниот проблем кај судот, а за другиот кај групата што го подготвила законот поради тоа што склопиле еден дискриминаторски и во пракса неприменлив закон. Па зошто да реагираат, кога полесно е да се прекршува законот?!

1.4. Системска грешка или..?

Изминатиот месец Македонија беше потресена со неколку случаи на педофилија кои покрај згрозувањето од веста го отвораат и прашањето за одговорноста на јавните институции.

Имено, согласно Законот за семејство, центарот за социјална работа е должен да презема потребни мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на детето[6], и притоа истиот врши надзор над вршењето на родителското право[7]. Доколку оцени дека е потребно и ако тоа го бараат интересите на детето, центарот за социјална работа ги предупредува родителите на недостатоците во воспитанието и развојот на детето[8] за што може да определи и постојан надзор над вршењето на родителското право[9].

На родителот кој го злоупотребува вршењето на родителското право, во што спаѓа и спроведување физичко или емоционално насилство над детето како и негово полово искористување по прибавено мислење од центарот за социјална работа, му се одзема вршењето на родителското право[10].

Преземањето на ваквите мерки подразбира активна улога на центрите за социјални работи и континуирано следење на состојбата, особено на децата, со што се гради систем на превентивна заштита што пак со последните случувања е ставено под знак прашалник.

Во состојба кога две деца во Скопје и едно во Кичево биле предмет на полово изживување и психичко и физичко малтретирање подолг временски период а со истите веќе работеле стручни тимови од центрите за социјални работи, бидејќи се деца од разведени бракови, логично се поставува прашањето како е можно да се направи толкав пропуст чија жртва со трајни последици ќе останат деца?

Свесни дека и самите центри се соочуваат со проблеми од типот на пренатрупаност со предмети и различни обврски а недоволно ресурси и опременост, сепак сметаме дека тоа не може да биде соодветно оправдување.

Хелсиншкиот Комитет потсетува и на други случаи кога институциите од сферата на социјална заштита потфрлуваат во работата а крајните жртви се децата. Имено, минатото лето бевме сведоци на еден чин кога таткото на едно многучлено семејство си го закопа своето осмо новороденче во дворот од семејната куќа, потоа две деца од Домот за деца “11 Октомври” кои побегнале од Домот станаа жртви на сексуално малтретирање, не така одамна уште две деца побегнаа од истиот Дом кои за среќа безбедно успеале да стигнат до градот во кој живеат по што се нижат случаите на педофилија.

Од понапред изложеното очигледно се наѕира евентуална системска грешка, но за жал надлежните во државата како да не мислат така па за иронијата да биде поголема Министерството за труд и социјална политика, континуирано излегува со арогантни изјави дека нема вина кај институциите.

Потсетуваме дека согласно Конвенцијата за правата на детето на ОН Република Македонија се обврзала како држава членка да ги преземе сите соодветни законодавни, административни и социјални мерки за заштита на децата од сите облици на физичко или ментално насилство, злоупотреби или експлоатации вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба[11].

Домашното законодавство определува дека надлежен да врши надзор над работата на центрите за социјална работа и другите органи од сферата на социјална заштита е Министерството за труд и социјална работа, истото тоа кое постојано се иззема од одговорност поради што се прашуваме, ако не тоа тогаш кој е задолжен за заштита и унапредување на правата на децата?

Хелсиншкиот Комитет постојано укажува на пропустите во работата на гореспоменатите институции но досега нема информација за тоа дека некој од раководните поднел одговорност или дека има било каква измена во системот на работа и организација, поради што повикува дека е крајно време институциите одговорно да почнат да ги извршуваат преземените обврски за да не се доведеме во ситуација кучињата лаат, карванот си врви а најголеми жртви се сепак децата !

2. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1. Случаи на повредени и загинати работници на работно место

Во првото тромесечје на 2009 -та година бевме сведоци на поголем број случаи на повредени и загинати работници на работно место, поточно при извршување на своите работни задачи. Па така во овај период имаме загинат работник во кругот на фабриката „Карпош“ во скопската населба Влае во несреќен случај на 12 Февруари 2009 година; повредените двајца рудари во несреќа во рудникот Добрево на 17 Февруари; двајца рудари потешко повредени при несреќа во рудниците кај Крива Паланка на 4 Март при што утредента едниот подлегна на здобиените повреди; работник на „Бетон ком“ загинат во рудникот „Суводол“ во РЕК Битола на 01 Април. Факт е исто така дека и во изминатата 2008, па и 2007 година имавме голем број случаи на загинати и повредени работници.

Неминовно се поставува прашањето што е тоа повеќе и пострашно ќе треба да се случи, а да ги предизвика надлежните државни институции конечно да започнат да се грижат за спроведување на Законот за безбедност и здравје при работа ?

Системското и континуираното не постапување на Државниот инспекторат за труд, како и Министерството за труд и социјална политика тековно само зема човечки животи или пак работната способност како резултат на тешки повреди при работа. Нивното не постапување само оди во прилог на општиот тренд на избегнување на било каква одговорност и затворање на случаите како несреќа или виша сила, карактеристичен за сите нив. Ваквиот лежерен однос на надлежните институции кои треба да обезбедат спроведување на законите од оваа област, уште повеќе ги подгрева работодавачите да ги задржат само елементарните услови за извршување на работните задачи во корист на сопствениот профит. Сето тоа во целина доведува до заклучок дека законите за заштита на работниците при работа претставуваат само обичен и неприменет законски текст.

Работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Работодавачот има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата.

За жал, сигурна констатација е дека работодавачите не ги исполнуваат своите законски обврски за организација на заштитата при работа согласно технолошкиот процес, обезбедување за секој работник безбедна работа на работното место пред да го распореди на работа, не ги исполнуваат нормативите и стандардите за заштита при работа за работните и помошните простории и орудијата за работа, а од друга страна Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд не ги исполнуваат своите законски обврски да бидат нивен коректив и спроведувач на законите.

Хелсиншки комитет за човекови права повторно потсетува дека Законот за безбедност и здравје при работа, како и многубројните меѓународни инструменти кои ја обврзуваат и Република Македонија во врска со оваа проблематика не треба да претставуваат само украс на ова општество. Повторно го потсетуваме Државниот инспекторат за труд дека има на располагање јасно дефинирани законски средства и начини за санкционирање на незаконското и опасно работење на работодавците, намалување на штетноста по безбедноста и здравјето на работниците, а со тоа постепено намалување, па и надминување на ваквите трагедии.

2.1. Случај Вера Богоева

Вера Богоева, врз основа на правосилна пресуда[12] за враќање работник на работа[13] на 3 Јуни 2005 година е вратена на работа во “Книгоиздателство Мисла” АД Скопје. Богоева со Решение била распоредена на работно место – продавач – трговски патник, претставник за внатрешноста на Р. Македонија. Работодавецот склучил Договор за вработување со работничката, но не и врачил примерок од истиот туку и врачил известување за работно место и доделување на работни задачи.

Во образложението на известувањето било наведено дека “примањата и надоместоците за извршената работа ќе бидат еквивалентни на степенот на остварената заработувачка од причина што сметката на работодавецот е блокирана повеќе години”. Понатаму, согласно тврдењата на странката, работодавецот не и обезбедил никакви услови ни средства за работа и истата откако била вратена на работа не примала ниту плата и надоместоци ниту пак и биле уплатувани придонеси за плата. Поради ваквата ситуација, странката на 17 Октомври 2005 година поднесла Тужба против работодавецот за исплата на плати и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување.

По три години, решавајќи по предметот Основниот Суд Скопје II Скопје донел Пресуда[14] со која го одбива тужбеното барање на тужителката и ја задолжува да ги надомести трошоците на постапката. Во образложението на пресудата судот се согласува со претходно изнесената фактичка состојба и утврдува дека е склучен договор за вработување но се повикува на горенаведеното Известување кое и странката го прифатила а со кое се определува дека примањата и надоместоците за остварената работа ќе бидат еквивалентни на степенот на остварената заработувачка.

Имено, судот се повикува на одредба од Законот за работни односи[15] според која работникот има право на плата сразмерно на извршената работа и придонесот на работникот. Согласно истата, според судот, бидејќи работничката го прифатила гореспоменатото Известување таа знаела и била свесна дека описот на нејзините работни задачи е таа да продава книги во внатрешноста на РМ од кој степен на заработувачка ќе зависи и нејзината плата, но бидејќи истата не остварила никаква продажба и не придонела во остварувањето на добивката на работодавецот Судот наоѓа дека на работничката не и следува никаква плата ниту придонеси.

Хелсиншкиот Комитет е запрепастен од ваквата, за жал, судска одлука поради што се осврнуваме на Уставот и на Законот за работни односи.

Имено, согласно Уставот, Р. Македонија е социјална држава во која секој има право на работа и соодветна заработувачка кои права се уредуваат со закон и колективни договори.

Законот за работни односи пропишува дека со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот[16] при што работодавачот е должен на работникот да му обезбеди работа за која се договориле или пак да му ги обезбеди сите потребни средства и работен материјал[17], но секако работодавачот е должен на работникот да му обезбеди соодветно плаќање за вршењето на работата[18] дотолку повеќе што висината на основната плата е согласно законот и особен составен дел на самиот договор за вработување[19].

Меѓутоа, она што е суштинско за овој случај а што Основниот Суд Скопје II очигледно пропуштил да го спомене е дека платата на работникот не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор кој непосредно го обврзува работодавачот.

Од ова очигледно произлегува дека платата на работникот точно дека е предмет на договорен однос меѓу работникот и работодавецот но само за висината на платата над законски утврдениот минимум на плата од која не може да се оди подолу, а не дури како што пресудил судот и воопшто да нема плата зашто работникот не си ја остварил ?!

Но судот не се задржува само на ова. Во истата пресуда наведува дека ги разгледувал барањата на тужителката за уплата на придонеси за социјално осигурување, но бидејќи тужителката не постапила согласно задолженијата од судот самата да достави докази за висината на придонесите кои работодавецот требало да ги уплати во Фондот за ПИОМ, судот и ова барање го одбива како неосновано.

Со ова Судот очигледно повторно занемарува многу прецизна одредба од Законот за работни односи која вели “работодавачот е должен да го пријави работникот во задолжителното социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност)… Заверена фотокопија од пријавата му се врачува на работникот … “[20].

Од истото логично се наметнува дилемата како е можно работникот да има доказ за уплата на придонесите ако работодавачот не ги уплатил истите и не му доставил на работникот таков примерок, или уште повеќе се поставува прашањето зошто судот по службена должност не се обидел да прибави таков доказ пред да одлучи да го одбие барањето на тужителката ?!

Во време на економска и социјална криза кога правата на работниците се најзагрозени а работодавачите се обидуваат да профитираат и со мали влогови и ниски надоместоци за работниците да остварат голем профит, кога Република Македонија и онака кубури со проблемот на недоволно обезбедени работнички права, плата под минимумот, неплатени придонеси, без соодветна заштита при работа со најчеста последица повреда или смрт на работно место, Хелсиншкиот Комитет смета дека навистина е непримерно судовите во Македонија да се однесуваат немарно и рамнодушно кон правата на работниците и при одлучувањето да ги игнорираат и основните постулати во работните односи.

Иако Комитетот ретко се одлучува да коментира првостепени пресуди надевајќи се на мудроста на апелационите судови, овој пат чувствуваше за потребно да го искаже својот став по ова прашање искрено надевајќи се дека повисокиот суд ќе ја исправи грешката и барем малку ќе го намали сомнежот во македонското правосудство.

3. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Случај Васил Глигоров

На 18 Февруари 2009 година, како што е веќе познато, јавноста ја разбранува веста за пристигнување на педесетина грчки активисти за човекови права придружени од најпознатиот грчки психијатар. Целта на нивното патување беше посета на Психијатриската болница Скопје (Бардовци), поточно лицето Васко Глигоров кој во истата е хоспитализиран на лекување, со наводи за негово присилно приведување од страна на припадници на полицијата, како и присилно хоспитализирање во болницата. Според нивните тврдења, единствена причина за ваквиот начин на постапување спрема Васил Глигоров биле неговите прогрчки ставови, поточно објавување тези за непостоење на македонската нација.

Посетата не беше остварена, односно одговорните лица во Психијатриската болница Скопје (Бардовци) сосема оправдано не ја одобрила истата, бидејќи грчките активисти не ја имаа потребната дозвола од Министерството за здравство.

Случајот беше покриен од сите можни медиуми неколку дена, па можеме да заклучиме дека очигледно бил интересен за пошироката јавност повеќе поради републиката од која што пристигнаа активистите за човекови права со која со години го решаваме проблемот со името, не толку од аспект на човековите права. Па во случајот медиумите некако подзаборавија на почитување на човековите права, особено правото на приватност и нејзина заштита, и се позанимаваа со скокотливиот факт дека ГРЧКИ државјани дошле во посета на наш државјанин. Апсурдот да биде поголем, настрана од вистинитоста на наводите за прогрчки ставови кои го отвораат и прашањето за слобода на изразување на мислата, личните податоци на лицето – пациент во болницата токму поради тоа беа ставени на тапет од страна на медиумите, а подоцна и од самата установа. Оттука, уште на самиот почеток е повреден членот 3 став 2 точка 1 и 4[21] од Законот за заштита на правата на пациентите, како и член 25[22] и 33[23] од истиот закон, и член 7[24] од Законот за ментално здравје.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, тргнувајќи од изнесените наводи, се обрати со писмени дописи до Министерството за внатрешни работи, во врска со вистинитоста за насилно приведување на Васил Глигоров по упадот на припадници на полиција во неговиот дом во два часот по полноќ. Исто така, комитетот упати писмен допис и до Психијатриската болница Скопје (Бардовци), со цел одговорните лица да не известат за начинот на задржување на лицето, односно дали постои одлука на судот во случај на лекување без негова согласност или пак станува збор за доброволна хоспитализација согласно законските одредби.

Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди, во својот одговор не извести дека не се вистинити наводите за упад и насилно приведување на лицето Васил Глигоров. Припадници на полицијата, по пријава од неговата мајка дека била физички и психички малтретирана од нејзиниот син, излегле на лице место во нивниот дом, каде по извршениот разговор биле известени дека Васил веќе неколку години периодично се лекувал во Психијатриската болница Скопје. Во станот пристигнала и екипа на Итна медицинска помош, а по телефонско јавување на мајката, и по извршениот лекарски преглед било констатирано дека Глигоров поради нарушената душевна состојба треба да биде префрлен на лекување. По дадената согласност од Васил и неговата мајка, тој со асистенција на полициските службеници, со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Психијатриската болница Скопје (Бардовци). Веднаш по пристигнувањето, Васил потпишал согласност за доброволно лекување, по што бил сместен и задржан во болницата.

Одговор пристигна и од страна на одговорните лица од ЈЗУ Психијатриска болница Скопје. На наше големо изненадување, здравствената установа, која исто така остро реагираше на откривање на идентитетот на нивни пациент и повреда на приватноста и правата на пациентите од страна на сите медиуми, на 4 (четири) страници ни го образложува целокупниот досегашен тек на лекување на лицето Васил Глигоров. Имено, во одговорот најпрвин се даваат лични податоци за пациентот, поточно негово име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, брачна состојба, образование, за да потоа во продолжение редоследно имаме опис на сите хоспитализации со историја на болеста на Васил Глигоров: датум на прием и отпуштање, траење, начин на хоспитализација и индикации, односно дијагноза.

И покрај исцрпниот одговор, богат со податоци за сите хоспитализации и историја на болеста, одговорните лица дале податок во однос на начинот на последна хоспитализација, изгледа поради очигледната голема заинтересираност и експлоатираност во јавноста. Во врска со последната хоспитализација, не известуваат дека пациентот хоспитализацијата ја прифаќа пасивно и потпишал согласност за хоспитализација. За да потоа во прилог ни ја достават и потпишаната согласност за доброволно лекување. Веднаш паѓа во очи јасната повреда на член 59[25] став 2 од Законот за вонпарнична постапка со кој се уредува доброволното лекување.

Спротивно на уреденото, согласноста која ја потпишал Васил Глигоров е потпишана од двајца писмени полнолетни сведоци, но не и од сведоци кои не се вработени во јавната здравствена установа, со оглед на тоа дека видно од документот како сведоци се потпишани двајца членови на персоналот. Во оправдување на повредата го наведуваат фактот дека поради неприменливоста и дискриминаторската природа на членот во однос на другите пациенти се обратиле до надлежните институции за измена и дополнување на спорниот член, што секако не им дава за право истиот да го прекршуваат се додека не биде променет или дополнет.

Имајќи го во предвид и проблемот со присилната хоспитализација, можеме да заклучиме дека проблемот е продлабочен и во однос на изјавата за доброволно лекување. Според одговорните лица, проблемот е во самата законска одредба која била практично неприменлива, па згора на тоа и дискриминаторска, со што самите тие сметаат дека се оправдува нивната вина за тоа што Законот за вонпарнична постапка во делот во кој се уредува ова прашање би требало целосно да се измени или дополни, а пред тоа и да се прекршува.

3.2. Случај Јовица Јаневски

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати лицето Јовица Јаневски од Тетово и истиот не извести за неговото приведување во полициската станица во Тетово на ден 14.10.2008 год во 22,50 часот врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор во времетраење од две години.

Странката не информираше дека веднаш по приведувањето прво бил однесен во подрумските простории на полициската станица во Тетово, а потоа во канцеларијата на вториот спрат каде бил тепан од страна на двајца претставници на полицијата. Истите се претставиле дека се од Скопје и дека се припадници на специјалната единица.

Запрепастувачки беа тврдењата на странката дека тој бил врзан со лисици за време на тепањето и истиот бил удиран со боксови и со рачката од пиштол во пределот на главата и ушите по што истиот се здобил со неколку телесни повреди кои биле евидентирани од страна на затворскиот лекар во КПУ Затвор Скопје, каде тој бил префрлен наредниот ден.

Врз основа на изнесените наводи на странката, поткрепени со медицинска документација, како и сомневањата дека во случајот постојат индиции за тортура, Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати со писмен допис до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

Секторот со писмен допис не извести дека по извршената проверка на фактичката состојба за изнесениот случај констатирале дека лицето Јовица Јаневски во ПС- Тетово е примен во добра здравствена состојба, без било какви повреди, но утредента на 15.10.2008 год. кога е предаден во КПУ-Затвор-Скопје, од страна на докторот биле констатирани телесни повреди.

Согласно гореизнесеното, Секторот заклучува дека приведениот Јовица Јаневски телесните повреди ги здобил за време на задржувањето во полициските простории или за време на неговиот транспорт до Скопје.

Во истиот допис Секторот наведува дека смета дека постојат основи за сомневање дека е сторено кривично дело „ Тортура“ предвидено со член 142 од Законот за кривична постапка на Република Македонија, поради што истите со посебен извештај за настанот го известиле Основниот Јавен обвинител во Тетово.

Задоволен поради ваквата констатација на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, Хелсиншкиот Комитет го повикува Основното јавно обвинителство во Тетово во чии што раце е сега предметот, да покрене кривично гонење против сторителите на делото.

Хелсиншкиот комитет искрено се надева дека кривичното гонење од страна на ОЈО- Тетово ќе биде спроведено согласно член 142 од ЗКП „Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување “ и во овој случај нема да биде искористена досегашната пракса на латентно заобиколување на наведениот законски член и користење на други законски одредби, кои предвидуваат поблаги казни за сторителите.

——————————————————————————–

[1] „Задоволство ми е да видам дека земјата направи бројни чекори на патот на демократијата. Нерегуларностите и недостигот од доверба останува и ова е предизвик со кој мора да се справите, но нема сомневање дека вие постигнавте напредок со одржување на избори според меѓународните стандарди“, соопшти потпретседателот на набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на ОБСЕ Фиа Крисмас Молер.

[2] Одлуката во целост може да се види на интернет страницата на Уставниот суд на РМ: http://www.usud.gov.mk/domino/WEBSUD.nsf

[3] Објавена на интернет страницата на Комитетот: http://www.mhc.org.mk/default.asp?ItemID=3AB6E2C9BA1E7C469D8DD07E62A9595C

[4] Види ја фуснотата 29 од истиов извештај

[5] „Лицата со ментална болест имаат посебни права во врска со нивните посебни потреби, во согласност со овој закон и друг закон“

[6] Член 87 од Закон за семејство

[7] Член 86 од Закон за семејство

[8] Член 88 од Закон за семејство

[9] Член 89 од Закон за семејство

[10] Член 93 од Закон за семејство

[11] Член 19 од Конвенција за заштита на деца на ОН

[12] Пресуда XV П.бр.2059/96 од 28.10.2003

[13] Решение 03-02 3.06.2005 год.

[14] III РО бр.914/07 од 23.09.2008 год.

[15] Член 75 ст.1 и 2 од ЗРО (пречистен текст)

[16] Член 13 став 1 од Закон за работни односи

[17] Член 40 од Закон за работни односи

[18] Член 41 од Закон за работни односи

[19] Член 28 став 2 т.8 од Закон за работни односи

[20] Член 13 став 3 од Закон за работни односи

[21] „Начелото на хуманост се заснова на: почитување на личноста на човекот, како хумано суштество и почитување на приватноста на личноста“

[22] „Пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци“

[23] „Здравствената установа е должна да: … 11. обезбеди доверливост (тајност) на личните и медицински податоци на пациентот што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничка состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци“

[24] „Личноста, достоинството и приватноста на секое лице со ментална болест мора да се почитува“.

[25] „Кога јавната здравствена установа ќе прими лице со согласност потврдена со негова писмена изјава пред овластено лице и пред двајца писмени полнолетни сведоци кои не се вработени во јавната здравствена установа и не се крвни роднини со лицето кое се прима, во права линија, во странична линија до четврти степен, по сватовство до втор степен, ни негов брачен другар, како ни лицето кое го донело во јавната здравствена установа и ако по приемот лицето биде ограничено во слободата на движењето или контактирањето со надворешниот свет, овластеното лице во рок од 48 часа е должно да поднесе пријава до судот“.