Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – Август 2020
септември 7, 2020
СОДРЖИНА
ПОЛИТИЧКО–ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
-Рударството претставува база за развој на индустријата во една држава, но колку вреди животот на еден рудар во Македонија?
– (Не)продолжување на породилното отсуство за работничките
ДИСКРИМИНАЦИЈА
-Мрежата за заштита од дискриминација бара избор на стручни и компетентни лица
во институцијата Народен правобранител
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
-Tекстилните работнички и понатаму се соочуваат со прекршување на нивните работнички права за време на пандемијата
ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
– Образование за децата со попреченост
ГОВОР НА ОМРАЗА
– Зголемен говор на омраза врз основ на етничка припадност
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Хелсиншкиот комитет во својот извештај за август дава осврт на состојбата со работничките права, дискриминацијата, текстилните работнички, лицата со попреченост и говорот на омраза.
Преговарачката рамка која беше претставена од германското претседателство за преговори помеѓу Унијата и Северна Македонија констатира дека клучен предуслов за членство се „стабилни институции кои ја гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и почитување и заштита на правата на немнозинските заедници“.
Имајќи ја предвид севкупната ревизија на процесот на пристапување во делот на политичките поглавја, процесот на преговори ќе започне и ќе заврши со првиот фундаментален кластер (имено и Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права). Новата методологија и предлогот на Преговарачка рамка има за цел да:
– овозможи доволно време и ресурси за воспоставување на неопходната правна инфраструктура за примена на правото на ЕУ,
– воспоставување на потребните структури согласно со административната структура на ЕУ и нивно постепено приспособување за исполнување на обврските од членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и
– градење на досие на успешност во спроведување на преземените реформи пред затворање на преговорите и потпишување договор за пристапување во Унијата.
Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена. Она што го обележа овој месец е повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во контекст на одржување на предвремените парламентарни избори и составот на новата коалициона влада помеѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ).
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Рударството претставува база за развој на индустријата во една држава,[1] но колку вреди животот на еден рудар во Македонија?
„При несреќен случај во рудникот Суводол во РЕК Битола, при работа со градежна машина, животот го загуби 60-годишен работник.“ – за жал, ваквите известувања станаа сè почести во нашата држава. Тоа беше случај и со рударот кој загина само осум дена пред одбележување на 28 Август – Денот на рударите.
Рударството и понатаму претставува една од најопасните индустрии во нашата држава со најголем процент на повреди забележани на работно место. Институтот за јавно здравје, во својот извештај за 2019 година, нотира дека се забележани вкупно 1 121 повреда на работното место во минатата година, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 25 отсто. Во структурата на регистрираните повреди за 2019 година, најголем број се оние забележани во индустријата и рударството и тоа вкупно 309 повреди или 27,6 отсто од вкупниот број регистрирани повреди. Во однос на 2018 година, нивниот број е зголемен за 3 отсто.[2]
Смртните случаи во рудниците најчесто се резултат на недостиг од мерки за заштита на безбедноста и на здравјето на работниците, немањето лична заштитна опрема, технолошки проблеми во врска со системот на вентилација и слично. Ова значи дека најголем дел од фаталните повреди можат да бидат избегнати доколку се почитуваат пропишаните одредби за заштита на рударите. Затоа потсетуваме дека Владата и работодавачите имаат обврска да го заштитат правото на живот на работниците кои работат во рудниците и нагласуваме дека соодветна едукација на вработените и примената на нова технологија во рударството се едни од главните мерки кои треба да се применат за спречување на несреќните случаи во рудниците. Рударите не се инпут во производството, не се средство за генерирање профити, не се алатки кои треба да обезбедат продуктивност на фирмите. Тие се работници, луѓе од крв и месо, со чувства, со свои животни приказни, со свое достоинство и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа.
(Не)продолжување на породилното отсуство за работничките
Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, на 2.4.2020 година Владата донесе Уредба со која породилното отсуство се продолжува до истекот на времените мерки за заштита од ширење и превенција од КОВИД-19, а надоместокот за отсуството продолжува да се исплаќа.
Работничка, на која договорот за вработување склучен на определено време ѝ истекол во декември 2019 година, го користела своето право на породилно отсуство до април оваа година. Откако Владата ја донесе уредбата со законска сила, по барање на работничката, Фондот за здравствено осигурување усно ја информирал дека таа е опфатена со владината мерка и дека нејзиното породилно отсуство се продолжува. Сепак, поради тоа што на работничката не ѝ бил исплатен надоместокoт за плата за месеците април и мај, таа повторно се обратила до Фондот за здравствено осигурување од каде овојпат ѝ дале информација дека нејзиното породилно отсуство не е продолжено бидејќи нејзиниот договор за вработување истекол во декември 2019 година.
Законот за работните односи, во членот 170 став 2, предвидува дека работничката на која ѝ престанал договорот за вработување на определено време поради истек на договорот и користи надоместок на плата за време на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, продолжува да го користи правото до истекот на отсуството на товар на органот надлежен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување. Ова значи дека сите работнички на кои им престанал договорот за вработување на определено време додека го користат породилното отсуство, без исклучок, имаат право на продолжување на породилното отсуство и исплата на надоместокот сè до истекот на времените мерки.
Хелсиншкиот комитет за човекови права е во очекување на официјален одговор од страна на Фондот за здравствено осигурување и исправка на ваквиот начин на толкување на Уредбата, кој оваа група работнички ги става во нееднаква положба со тоа што им го оневозможува уживањето на нивното право на породилно отсуство.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Мрежата за заштита од дискриминација бара избор на стручни и компетентни лица
во институцијата Народен правобранител
Хелсиншкиот комитет во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација континуирано ја следи работата на Народниот правобранител како национална институција за човекови права и во последните неколку години има идентификувано повеќе пречки во целокупното нејзино функционирање кои ја ослабуваат нејзината ефикасност и ефективност како институција и ја спречуваат во комплетно исполнување на нејзините надлежности. Меѓу најгорливите се недостатокот на рамномерна распределба на финансиски, човечки и технички ресурси, како и степенот на стручност и компетентност на значителен дел од кадарот. Последните вести кои медиумите ги пренесоа, а кои се однесуваат на работата на Народниот правобранител, односно на конфликтот меѓу Народниот правобранител Иџет Мемети и на заменик-правобранителите, како и на обвинувањата за омаловажување, за скратување на одморот и за одземање на други права, дури и на мобинг од страна на Правобранителот, е скандалозно и вознемирувачко. Ваквите состојби сериозно ја разнишуваат довербата на граѓаните кон институцијата и важноста на нејзината улога. Во оваа прилика, сакаме да потсетиме дека вториот мандат на Народниот правобранител Иџет Мемети истекува на крајот на 2020 година, а согласно со Законот за Народниот правобранител, Собранието е законски надлежно да поведе постапка за избор на нов Народен правобранител преку објавување оглас најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот Народен правобранител. Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието изборот на Народниот правобранител да биде еден од приоритетите на новиот парламентарен состав, да биде спроведен транспарентен и фер процес на селекција на кандидатите, ослободен од влијанието на политичките партии и да биде извршен избор на компетентен и соодветен кандидат/ка. Само така ќе се обезбеди независна и стручна институција која доследно и во целост ќе може да ги оствари сите свои законски надлежности за промоција, унапредување и заштита на човековите права и слободи. Воедно, функционалноста на институцијата зависи и од државните советници, од соработниците и од другите службеници кои се вработени во неа. Според последниот годишен извештај на Народниот правобранител за 2019 година, од 155 работни места предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во стручната служба, во тимот на Националниот превентивен механизам, во посебните одделенија и во канцелариите на Народниот правобранител, пополнети се само 90 места, што значи дека дури 65 работни места остануваат непополнети. Мрежата за заштита од дискриминација апелира нови вработувања да бидат спроведени во најкус можен рок и нагласуваме дека при постапката не смее да се дозволат какви било партиски влијанија. Мрежата за заштита од дискриминација искажува загриженост за фактот дека, иако Народниот правобранител како институција постои повеќе од 20 години, тој не успева да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институциии за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија.
Заклучок: Да се има силна и независна институција Народен правобранител е важно и заради евроинтегративните процеси на нашата земја, затоа што ова е критериум за исполнување на основните вредности на ЕУ, за владеењето на правото и за почитувањето на човековите права. Дополнително, минатата година Европската комисија нѐ потсети дека потребно е именување на членови на независни тела кои се засноваат врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител.
Препорака: Мрежата за заштита од дискриминација бара од пратениците во новиот парламантарен состав навремено да поведат соодветни постапки за избор на нов Народен правобранител и со посветеност и сериозност да изберат кандидат/ка со цел институцијата Народен правобранител да ја врши својата функција на ефикасен, независен и професионален начин за сите граѓани во Република Северна Македонија и да биде вистински пример за промотор и заштитник на човековите права и слободи кога тие се повредени од јавната власт.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
Tекстилните работнички и понатаму се соочуваат со прекршување на нивните работнички права за време на пандемијата
Хелсиншкиот комитет во август регистрираше два случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички. Во првиот случај станува збор за текстилна фабрика од Пробиштип која на своите вработени за јули им исплатила плата во понизок износ од законски пропишаната минимална плата, а на неколку работнички кои биле во изолација поради контакт со лице позитивно на КОВИД-19 воопшто не им била исплатена месечна плата за јули. Во вториот случај станува збор за текстилна фабрика од Неготино која не им исплаќа додаток за прекувремена работа и додаток на плата за работен стаж. За двата случаи Хелсиншкиот комитет иницираше постапки пред Државниот инспекторат за труд.
Заклучок: Текстилните работнички и понатаму остануваат една од најранливите групи работнички, чиишто работнички права во континуитет се прекршуваат од страна на работодавачите за време на пандемијата.
Препорака: Апелираме Државниот инспекторат за труд и понатаму да продолжи со ажурната работа и навременото постапување по барањата за иницирање вонреден инспекциски надзор. Очекуваме Државниот инспекторат за труд да спроведе инспекциски надзор за споменатите случаи, да утврди неправилности и да наложи отстранување на прекршувањата на работничките права од страна на работодавачите.
ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Образование за децата со попреченост
Уште со почетокот на пандемијата КОВИД-19, децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост, се соочија со бројни предизвици во образовниот процес. Онлајн платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование, со почетокот на изолацијата ги исклучуваа најголемиот дел од децата со попреченост. Организацијата на обединетите нации укажа на опасноста од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на моменталната криза. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостатокот од поддршка во домот, непристапноста до интернет, непостоењето на пристапен софтвер и наставни материјали.[3]
Состојбата на панедемија само ги потенцираше бројните недостатоци во имплементацијата на Законот за основното образование, кој беше донесен пред почетокот на минатата учебна година, за кои Хелсиншкиот комитет во неколку наврати алармираше. Имајќи предвид дека сè уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од оние кои имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право.
Во текот на месец август до Хелсиншкиот комитет беше пријавен случај на дете со попреченост на кое според направената функционална проценка во текот на минатиот месец е утврдена потреба од образовен асистент, но по поднесеното барање за користење на оваа мерка до Општината, семејството сè уште нема добиено одговор. По комуникација со канцеларијата на УНДП, која како организација соработува со општините за обезбедување образовна асистенција, семејството добило информација дека УНДП покрива 80 % од вкупните трошоци за обезбедување на образовен асистент. Оттаму, семејството стапило во контакт со Општината и дале појаснување околу административната постапка за пополнување апликација со цел обезбедување на асистенцијата. Меѓутоа, Општината сè уште нема доставено одговор до училиштето ниту до семејството во насока на тоа дали е донесена одлука за одобрување на образовна асистенција и покривање на преостанатите трошоци.
Хелсиншкиот комитет поднесе барање за доставување информации до Општината, но и до Министерството за образование и наука за тоа дали е донесена одлука со која се одобрува образовна асистенција и покривање на преостанатите трошоци за асистенцијата од страна на Општината, како и доколку не е донесена одлука, образложение од кои причини не е постапено.
На прагот на новата учебна година, сè уште голем дел од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, а немаат пристап ни до соодветни наставни материјали за реализирање на онлајн настава, кои се од особена важност за децата со попреченост. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелираше до сите релевантни институции при донесувањето на одлуката за изборот на модалитетот за работа на училиштата во новата учебна година, да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост, односно да обезбедат соодветни услови и имплементација на законските одредби во насока на нивно непречено вклучување во образовниот процес.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Зголемен говор на омраза врз основ на етничка припадност
Хелсиншкиот комитет за човекови права и во текот на месец август забележа висок број пријави поврзани со говор на омраза. Комитетот верификуваше вкупно 97 пријави за август, 2020 година. Најголем број од случаите во август се однесуваа на преговорите за состав на новата Влада на Република Северна Македонија. Особено беше регистрирана негативната реторика што придонесе кон висок број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми врз основ на политичка и етничка припадност, дури 45 % од вкупниот број на сите пријави за месецот.
Комитетот во континуитет предупредуваше за високиот број пријави за говор на омраза и може да се констатира дека реакцијата од страна на надлежните институции сè уште е на незадоволително ниво. За илустрација, за истиот месец во 2019 година кога ескалираше случајот „Рекет“ беа регистрирани 46 пријави, што во суштина претставува зголемување за околу 90 проценти за оваа година. Преку воспоставениот мониторинг од страна на комитетот може да се забележи дека говорот на омраза освен на Фејсбук се прошири и на другите социјални медиуми, особено Твитер, Инстаграм и ТикТок.
Негативниот дискурс од постизборието во јули продолжи и во август со крајно засилена и навредлива реторика. Преговорите околу новата влада продуцираа говор полн со омраза кои пред сè беа од етнички карактер во контекст на преговорите помеѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Беше употребуван навредлив говор директно кон одредени политичари, нарекувајќи ги „продадени“, „предавници“ итн. Исто така, од мај 2020 година Хелсиншкиот комитет за човекови права забележува крајно националистички говор полн со омраза. Најголем број случаи поврзани со говор на омраза беше забележан на 25 август 2020 година по објавата за постизборна коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ. Исто така, по подолг временски период се забележува зголемување на говорот на омраза по однос на сексуална ориентација и родов идентитет.
Тренд на говор на омраза, август 2020 година
Говор на омраза на социјалните медиуми за август, 2020 година.
Најголем број од пријавите (или 45 % од вкупниот број верификувани пријави) се однесуваат на етничка припадност, а особено беа забележани по завршувањето на предвремените парламентарни избори. 40 % или 53 пријави се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет, како и говор на омраза поради политичка припадност.
По тој повод, Хелсиншкиот комитет за човекови права објави две посебни реакции. Во првата реакција насловена како „Нема место за хомофобија во левицата“[4]. Комитетот преку Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата наведува дека „Апасиев, како претставник на партија со себедекларирана левичарска идеологија треба да знае што значи да си угнетуван, исклучен, маргинализиран и дискриминиран во општество како македонското. Користењето на хомофобија за политичка дискредитација и разгорување на поделеноста и омразата во општеството не е ништо ново на политичката арена во државата.“ Во другата реакција „Поддршка за активистот Бленди Ходаи, стоп за омразата која уништува млади животи“[5], Комитетот укажа на тоа што „Како организација која редовно ја следи состојбата со злосторствата од омраза, Хелсиншкиот комитет постојано предупредува на корелацијата помеѓу говорот на омраза, кој со децении се одржува и потхранува и, од друга страна, случаите на насилство, кои, за жал, често завршуваат со фатални последици.“
Високиот број пријави, како што Хелсиншкиот комитет потенцираше и во претходниот период, се во корелација со одржувањето на предвремените парламентарни избори и немањето соодветна реакција од страна на надлежните институции. Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивна надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните. Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред сè во начинот на кој надлежните институции (не) го третираат говорот на омраза и неговите последици. Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.
[1] Овој дел од поднасловот се однесува на изјавата на министерот за економија по повод одбележувањето на Денот на рударите.
[2] Извештај на Институтот за јавно здравје – Информации за повреди на работа за 2018 ‒ 2019 година.
[3] https://www.un.org/sites/un2.un.org/files/sg_policy_brief_on_persons_with_disabilities_final.pdf
[4] https://mhc.org.mk/news/nema-mesto-za-homofobija-vo-levicata/
[5] https://mhc.org.mk/news/poddrshka-za-aktivistot-blendi-hodai-stop-za-omrazata-koja-unishtuva-mladi-zhivoti/