август 31, 2020

Нема место за хомофобија во левицата

Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата најстрого ја осудува хомофобичната изјава на Димитар Апасиев, пратеникот од Левица, на завчерашната седница на Собранието на Република Северна Македонија.

Апасиев, како претставник на партија со себе-декларирана левичарска идеологија треба да знае што значи да си угнетуван, исклучен, маргинализиран и дискриминиран во општество како македонското. Користењето на хомофобија за политичка дискредитација и разгорување на поделеноста и омразата во општеството не е ништо ново на политичката арена во државата.Не е првпат да слушнеме хомофобични изјави од собраниската говорница, ниту пак Апасиев е прв политичар и функционер кој користи хомофобичен речник.

Загрижува леснотијата со која ваквиот омаловажувачки и навредлив говор се користи во политичкиот дискурс, ризикувајќи нормализација на насилството и омразата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. За жал, сите ние, а веруваме и вие, сте свесни дека овој збор за некого значи живот или смрт, е нешто што е секојдневие, е збор кој е користен кон сите нас во одреден период од животот како навреда дека сме помалку луѓе од остатокот од нашето општество, кое како хетеросексуално, нема иста реакција и исто чувство на повреда кога меѓусебно се нарекува „педер.“

Апелираме до сите партии и до сите пратеници сега и во иднина, повнимателно да ги составуваат нивните обраќања и да го бираат својот речник, посебно кога се во очите на јавноста – како што се говори пред медиуми и говори во Собрание – кои се емитуваат во сите домаќинства ширум земјата. Особено е јасно дека на јавноста им давате идеја дека може сите да бидеме „педери“ бидејќи некому сме му згрешиле или не го сакаме како човек.

Доколку низ работата на Собранието забележиме дека се повторува ваквото однесување  на некој/а пратеник/чка, кој/а само во интерес на задоволување на сопствената политичка нарцисоидност и очај за внимание, таргетира, и ги доведува под ризик од насилство од омраза различни заедници, ќе поднесеме и соодветни пријави до надлежните државни органи.

Влегуваме во септември 2020 година; од мај па до денес немаме информација што се случува со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, и наспроти јавно фокусирање на кој каква сексуална ориентација има, како Национална мрежа апелираме да ги почитувате должностите како пратеници, а и како партија – која треба да биде настроена кон леви политики/идеологии, да ги браните правата и слободите на сите граѓани (вклучително и ЛГБТИ+ лицата) – кои во моментот се најмалку заштитени во нашата држава.

Со почит,
Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија