Годишен извештај за криминалот од омраза за 2022 година
Овој извештај ги претставува наодите произлезени од исходот на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права II“, кој е финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и спроведен од Хелсиншкиот комитет за човекови права (МХК) во периодот од 1 април до 31 декември 2022 година.
Во овој извештај е направен преглед на податоците за целата 2022 година, односно, почнувајќи од 1 јануари до 31 декември 2022 година. Целта на проектот е подобрување на имплементација на легислативата и одговорот на институциите во областа на човекови права и антидискриминација преку измени и дополнувања на политиките, примена на ефективни правни лекови и зајакнување на институциите.
Една од целите беше и сè уште е да се подобри националниот одговор за злосторствата и говорот од омраза преку мониторинг, регистрирање и процесирање на злосторствата од омраза во согласност со изменетата законодавна рамка. Преку ваквите активности се очекува да се крене свесноста за штетните ефекти на говорот од омраза и нетолеранцијата.
Првиот чекор кон обезбедување ефикасен систем за заштита на жртвите на злосторствата од омраза е да се изградат капацитети на телата за кривична правда во областа на регистрирање на пристрасните инциденти. Поточно, целта на извештајот е да биде искористен како индикатор за обемот, природата и зачестеноста на инцидентите на злосторства од омраза извршени во земјата.