април 1, 2016

Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2015 година

Интензивната политичка криза која ја обележа 2015 година е централна тема во годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет, кој ги сублимира анализите за констатираните состојби со човековите права во повеќе области.

Од почетокот на годината, опозицијата почна со објавување разговори помеѓу високи претставници на Владата и изнесе информации дека од страна на власта биле прислушувани над 20.000 граѓани, вклучително и новинари, активисти за човекови права и претставници на граѓански организации. Ваквиот чин на масовно преслушување претставува прекршување на човековите права од највисок степен и апсолутна злоупотреба на можноста за следење на комуникациите, со што се загрозува владеењето на правото во државата. Во текот на годината, се организираа многу јавни собири, со цел да се изрази револтот од политиките на актуелната владејачка структура. Имено, поттикнати од своето уставно загарантирано право на јавно собирање и од други различни причини, македонските граѓани укажаа на систематското кршење на човековите права и слободи во државата во речиси сите сегменти од општеството. Медиумските слободи, универзитетската автономија, работничките права, полициската бруталност и правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата беа само дел од темите околу кои се консолидираше граѓанскиот револт, односно притисокот преку кој граѓаните се вклучија во процесот на донесување политички одлуки. Од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права беше констатирано дека постапувањето на полицијата за време на дел од јавните собири се карактеризира со употреба на несразмерна примена на сила и мерки за присилба.

Како една од ретките организации во Република Македонија која има долгогодишно и континуирано искуство во набљудување на судски постапки,  во текот на 2015 година набљудуваше 50 судски постапки од кривичната и граѓанската материја. Генералниот заклучок е дека сè уште опстојуваат системските проблеми што судството не успева да ги надмине, ги надминува пребавно или ги продлабочува. Основните проблеми се состојат во недоволна независност на судството преку вмешување на извршната во судската власт, недоволна стручност и обученост на судиите, нетранспарентност на работата на судовите, неконзистентност на судската практика, нееднаков третман на граѓаните наспроти државните органи кога тие се јавуваат како странки во постапките и непостоење ефикасна правна заштита, особено преку пристапот до правдата, повреда на правото на судење во разумен рок и пресумпцијата на невиност.

Во однос на уставната и законодавната материја, Годишниот извештај го анализира Законот за советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија, како и неуставниот избор на министер за внатрешни работи.

Следејќи ги состојбите со затворените институции и полициските постапувања во 2015, Хелсиншкиот комитет констатира дека не е забележан никаков напредок во заштитата на правата на лицата сместени во затворени институции ниту во текот на оваа година ниту, пак, во постапувањето на полицијата. Напротив, сведоци сме на систематското кршење на правата, физичкиот интегритет и достоинството на граѓаните од страна на органите на државата. Иако пристапот до затворите сè уште претставува проблем за Хелсиншкиот комитет, информациите за условите и третманот се добиени преку затвореници кои се обратиле за правна помош до Хелсиншкиот комитет. Затворите и психијатриските установи се соочуваат со супстандардни услови за живот, спротивни на повеќе меѓународни и домашни документи. Еден од основните проблеми што опстојува повеќе години е пренатрупаноста, што ја загрозува приватноста, а воедно и го нарушува достоинството на луѓето, доведувајќи до нечовечки и нехумани услови за живот во затворените институции.

Хелсиншкиот комитет за човекови права активно ја следеше состојбата со дискриминацијата во Република Македонија во текот на 2015 година преку мониторинг на судски постапки поведени за недискриминација, преку добиени претставки од страна на граѓаните-жртви на дискриминација и преку поведени постапки пред телата за еднаквост и судовите. Дополнително, Хелсиншкиот комитет, заедно со другите членки на Мрежата за заштита од дискриминација, поднесе Извештај во сенка за дискриминацијата врз Ромите до Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација, дел од Обединетите нации, кој утврди прекршување на правата на Ромите и дискриминација во повеќе области, и даде препораки за нивно надминување. И покрај тоа што изминаа пет години од примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација и формирањето на Комисијата, сè уште не може да се зборува за ефективна заштита во делот на дискриминацијата, особено кога станува збор за маргинализираните групи.

Во текот на годината, Комитетот ја следеше и ја документираше состојбата и со говорот на омраза во сите сфери на општеството. Следењето се спроведуваше преку неколку методи, односно преку пријавени настани на платформата www.govornaomraza.mk (воспоставена во 2014 година), преку секојдневно следење на социјалните мрежи, интернет-порталите и другиот јавен простор, како и преку статистички податоци од надлежните државни органи за гонење и справување со говорот на омраза. Во текот на 2015 беа пријавени 33 случаи на говор на омраза, а како најзастапени основи за пријавените случаи на говор на омраза се наоѓаат сексуалната ориентација и родовиот идентитет на прво место, етничката и верската припадност на второ, а политичката припадност се појавува како трета најзастапена основа за говор на омраза. Во истиот период, Хелсиншкиот комитет регистрира 44 дела сторени од омраза. Споредбено со инцидентите регистрирани во 2013 и 2014 година, најголемата разлика се однесува на жртвите, од кои мнозинството се бегалци.

Во 2015 година во Хелсиншкиот комитет беа регистрирани голем број претставки за повреда на економските и социјалните права, што пред сè се должи на високиот процент на невработеност во земјата, осиромашувањето на населението и повредите на работничките, социјалните и здравствените права. Генерална констатација е дека Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и Министерството за здравство не постапуваат согласно позитивните законски прописи и не ги почитуваат законските рокови за изготвување на решенијата, а со ваквото непостапување директно ги загрозуваат правата на граѓаните што произлегуваат од Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување. Центрите за социјална работа како јавен сервис на граѓаните потфрлуваат во својата работа, особено кога станува збор за олеснување на пристапот до остварување на социјалните права на граѓаните кои се во социјален ризик.

Во текот на годината, Хелсиншкиот комитет регистрира уште пет нови случаи на фемицид – односно убиства врз жени од страна на сегашни или поранешни брачни или интимни партнери. Хелсиншкиот комитет со загрижување потсетува дека продолжува големиот број случаи на родово базирано насилство и насилство во семејството кои завршиле со смртни случаи во изминатите две години.

Годината ја одбележа и бегалската криза. Кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, Македонија посведочи досега невиден прилив на бегалци што транзитираат низ територијата на државата кон земјите-членки на Европската унија. Од почетокот на регистрацијата од страна на државата во јуни 2015 година до крајот на годината, беа регистрирани околу 390.000 бегалци. За жал, државата ја потцени бегалската криза и подготовките за организиран прием ги почна предоцна што резултира со голем број повреди на правата на бегалците.

Документи