ноември 10, 2010

Двомесечен извештај (септември – октомври 2010)

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Затворање на кругот

1.2. Каде грешат македонските судови при определување на мерката притвор ?

1.3. Воведување на индикатори за мерење на дискриминација на локално ниво

1.4. Нaционален ургентен траума центар – реформи во здравството или уште една избрзана акција од страна на Владата?

II. ПОЕДИНЕЧНИ СЛУЧАИ

2.1. Позитивно решен случајот на Г-ѓа Сали Анита за доделување на родителскиот додаток

______________________________________________________________________

I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Затворање на кругот

Еден од паказателите дека во нашата бескрајна транзиција многу малку направивме во трансформацијата на нашето општество од старото (затворено) во ново (отворено) е односот на властите кон невладиниот сектор. Секоја демократска власт умее да извлече корист за граѓаните од соработката со невладиниот сектор, но во средини како нашата со фрагилна демократија НВО години со ред се обидуваат да укажат на она што не чини во нашето секојдневие за работите да тргнат кон подобро, а власта, надлежните кон нивните пораки не само што се однесуваат според онаа „Кучињата лаат, караванот си врви“, туку отворено сакаат да ги замолчат.

И нашиот Комитет, за жал, години со ред го добива истото „внимание“ од властите, без разлика на чии партиски бои и припаѓаат. Повеќе пати досега сме укажале на фактите кои покажуваат дека овдешните власти се приморани, на де факто нашите сознанија, по извесно време и поинаку спакувани (од релевантни меѓународни фактори), сепак да им го посветат должното внимание. Доволно е да се споредат нашите јавни обраќања[1] и она што „странците“ што многу ни значат ни порачуваат.

Неодамна објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010[2] обилува со примери кои го поткрепуваат ова наше тврдење.

Во делот за правосудството се констатира ограничен напредок во имплементирањето на реформите (инаку клучен приоритет во нашето асоцијативно партнерство со ЕУ): „Во поглед на независноста на правосудството не е направен натамошен напредок кој ќе осигура постоечките легални одредби да бидат имплементирани во праксата“. За во следната реченица го посочи господинот Маневски како пример: „Улогата на Министерот за правда во рамките на Судскиот совет предизвикува сериозна загриженост за мешање на извршната власт во работата на правосудството“. Извештајот ги споменува и „коментарите“ во однос на Уставниот суд на високи претставници на власта, а како повод за сериозна загриженост заради пристисоци врз независноста на правосудството се наведува и лустрирањето на претходниот претседател на Уставниот суд.

Чудно ли е тогаш што во резимето на истражувањето на јавното мислење во рамките на проектот Balkan Monitor на Galup за 2010 година[3] се констатира дека 31 проценти анкетирани Македонци и 20 проценти Албанци имаат доверба во институциите и особено правосудството.

Во делот на човековите права, на пример се констатира дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, државата е најдена за виновна во нови 21 случаи, дека 400 нови апликации се поднесени од октомври 2009 до септември 2010 со што вкупниот број на наши случаи таму е зголемен на 1 222.

Во извештајот се споменуваат и фамозните „Алфи“, кои под притисок од надвор останаа само во Скопје, и натаму во контекст на третирање на граѓаните надвор од законот и како сомнеж за истрагите кои за ваквите обвинувања се водат.

Тука се и нехуманиот и деградирачки третман во нашите ментални медицински институции, а се споменува и случајот на Калид Ел-Масри, германскиот државјанин со либанско потекло, за чија одисеја од скопскиот аеродром до Авганистан и назад до Албанија клучна улога имаат нашите „џемсбондови“, само што нашите политичари не се расположени тоа во легална процедура да го расчистат. Па затоа деновиве од Лондон додатно ни стигна и апелот на Амнести Интернешнал, информирајќи не патем дека судот во Стразбур ќе се позанимава и со овој случај.

И се рабира не остана незабележан и антидискриминационата (официјана) политика и игнорирањето на „сексуалната ориентација“ како основа за дискриминација: Тука е плус, загриженоста за стигматизацијата и случаите на дискриминација LGBT заедницата…

На крајот на септември заврши и деветтата посета на Македонија од страна на Комитетот за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) на Советот на Европа (21 септември – 1 октомври 2010). Фокусот на посетата беа институциите каде лицата се ограничени или лишени од нивната слобода, право гарантирано со Уставот на Република Македонија како и со меѓународните стандарди за правата на човекот. Делегацијата посети десет полициски станици кои се под надлежност на Министерството за внатрешни работи, четири затвори и еден поправен дом кои се под надлежност на Министерството за правда, три психијатриски болници кои се под надлежност на Министерството за здравство и Специјалниот завод од Демир Капија кој е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика. На крајот на посетата делегацијата го претстави својот првичен заклучок на националните власти, а во меѓувреме им наложи веднаш да се затворат одредени делови од посетените институции.

Заклучоците на оваа моќна комисија најчесто се непријатни за нашите власти поради контролните механизми и изрекувањето можни санкции за државите кои не ги почитуваат или ги кршат овие стандарди. Заклучокот од последниот извештај до Владата на Република Македонија за посетата на Република Македонија извршена од Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) од 30 Јуни до 3 Јули 2008 беше –„Земја посветена на владеењето на правото и на заштитата на човековите права, како што е случај со Република Македонија., не може да сврти грб на своите меѓународни обврски – да соработува со тела основани според спогодби, какво што е КПТ.“ По таа рекација недостасуваше малку Комитетот да не награди со јавна изјава, која патем очигледно уште ни виси над глава.

Во очекување на целосниот извештај за оваа посета, повеќе од јасно е дека и покрај демонстративната негрижа за затворените институции, власта не е толку немоќна да се справи со децениските наталожени проблеми во овие институции. И секако таа тоа континуирано не го прави, бидејќи оваа тема никогаш, ама баш никогаш не биле приоритетна во изборните кампањи.

Третманот на лицата лишени од својата слобода е проверка или тест за степенот на цивилизираност на даденото општество. Не постои наша и ваша слобода, а постои или нејзино почитување или кршење и злоупотреба. Институциите каде се сместени лицата кои се ограничени или лишени од нивната слобода, назначени се да му служат на општеството, тие не се и не можат да бидат изолирани острови кои се вон надворешна суперревизија.

За односот на властите кон НВО говорат и последните напади врз одделни граѓански организации, фондации и нивни активисти. Позицијата е јасна – секој што мисли поинаку е по дефиниција непријател. Оваа влада по пресметките со медиумите кои не ги контролира, повторно се наврти кон граѓанските организации, фондации и активисти, кои не ги делат нејзините „визии“. Ваквиот груб обид за дисквалификација и миноризирање на препораките од граѓанските движења, говори за тоталитарниот концепт бидејќи не само што не се земаат во предвид анализите и проекциите од невладините организации, туку се прави сe за да се замолчат. По веќе видената шема се прогласуваат за анти-државни и предавнички структури, странски платеници итн.

Вакви примери можат да се редат во недоглед, а и во продолжение на овој извештај посочуваме неколку нови.

Треба ли и овој пат да се повтори дека наместо стигматизација, дискредитација и замолчување на невладиниот сектор, власта треба да започне сериозен и отворен дијалог со сите активни чинители во македонското општество и сериозно да ги разгледа анализите, препораките и проекциите кои граѓанските движења ги објавуваат. Објективното мониторирање на движењата во општеството од страна на граѓанските организации е незаменлив коректор и насочувач во секое здраво демократско општество.

1.2. Каде грешат македонските судови при определување на мерката притвор?

Кон крајот на минатиот месец на Македонија и беше испорачана уште една пресуда[4] од Судот во Стразбур, овој пат по член 5 став 3 од Европската Конвенција за човекови права, односно за прекршување на правото на слобода и сигурност.

Свесни за недоследностите во определувањето на мерката притвор во таканаречениот случај “Змиско око”, Хелсиншкиот Комитет застапувајќи ги странките кон крајот на 2008 година се одлучи да поднесе жалба до Европскиот Суд за човекови права, поттикнат од игнорантскиот однос на судовите во државата кон нашите укажувања.

По две години, потврда на укажувањата на Хелсиншкиот Комитет стигна од Судот во Стразбур, но овој пат во вид на пресуда со која се констатира дека Република Македонија во односниот случај ја прекршила Конвенцијата[5] со тоа што не обезбедила доволно причини за своите граѓани да ги држи повеќе од осум месеци во постојан притвор.

Имено, во својата пресуда Европскиот Суд потсетува, исто како и Хелсиншкиот Комитет во многу наврати претходно, дека “обвинетото лице за сторен престап мора секогаш да биде слободно во текот на судењето, освен ако државата може да докаже дека постојат релевантни и доволни причини да го оправда континуираниот притвор[6]”.

Судот утврдува дека “потребата за континуирано лишување од слобода не може да се проценува од чисто апстрактна точка на гледање, земајќи ја предвид само сериозноста на престапот. Тоа мора да биде утврдено со реферирање на други бројни релевантни фактори… “, како што и продолжувањето на притворот НЕ МОЖЕ да се користи како вид на казна[7], она што за жал често се случува во македонската реалност.

“По мислење на Судот, домашните судови не утврдиле постоење на било каков конкретен факт во поткрепа на нивните заклучоци. Не се дадени причините за тоа зошто последиците и опасноста од бегство се чинеле помалку опасни за жалителите, од нивниот континуиран притвор[8]”.

Понатаму Европскиот Суд утврдува дека “во ниту еден стадиум на постапката, домашните судови не ги објасниле своите одлуки зошто алтернативите на лишувањето од слобода не биле доволни да обезбедат судењето да се одвива со соодветиот тек, што согласно Владата, е главната цел за прдолжување на притворот на жалителите[9]”.

Во пресудата исто така се наведува дека “потврдувајќи го притворот, домашните судови континуирано ја повторувале истата формулација употребувајќи идентични зборови. Се чини дека тие малку имале во превид, доколку воопшто имале, за поединечните околности за секој од жалителите, бидејќи нивниот притвор бил продолжуван со колективни решенија за притвор. Праксата за издавање на колективни решенија за притвор веќе е најдена од страна на Судот за некомпатибилна самата по себе со членот 5 став 3 од Конвенцијата , доколку тоа дозволува континуиран притвор за група на лица без поединечна проценка на основите за притвор по однос на секој поединечен член на групата[10]”.

Во однос на правниот лек жалбата, Европскиот суд смета дека “во конкретните околности на предметот, жалбата била неефективна, поради тоа што Апелациониот суд, во секоја прилика ги одбивал жалбите со едноставна одлука во која ги повторувал причините, во скратена форма, изнесени од страна на кривичниот совет[11].”

Овие ставови не се никаква новина туку истите се познати од досегашната богата пракса на Судот на оваа тема. Она што се бара од Република Македонија како членка на Советот на Европа и потписник на Конвенцијата е да се усогласи со нејзините одредби и особено со праксата на Судот како би можела да обезбеди соодветна и ефикасна заштита на правата на своите граѓани. Ова особено се однесува на правото на слобода и сигурност зашто истото е едно од најсензитивните човекови права.

Хелсиншкиот Комитет со жалење констатира дека ваквата остра реторика од Европскиот Суд можеше да биде избегната доколку судовите навремено ги прифатеа нашите[12], како и укажувањата на експертската јавност. Сепак, Комитетот искрено се надева дека оваа пресуда ќе биде доволна причина за истата да се користи како прирачник за определување на патоказот по кој судовите треба да се движат при определувањето на мерката притвор, со што ќе се избегнат други вакви пресуди, како и критики и трошоци на сметка на Р.Македонија.

1.3. Воведување на индикатори за мерење на дискриминација на локално ниво

Како резултат на широко распространетите стереотипи и предрасуди и дискриминирачки практики, дискриминацијата врз основа на род, националност, етничко потекло, религија, хендикеп, возраст, сексуална ориентација сe уште е видливо присутна во нашето општество. Антидискриминаторното законодавство и политика се во процес на развој, но сe уште се неефективни и недоволни. Истражувањето и анкетите на НВО-и за човекови права и правата на жените, како и извештаите од бројни механизми против дискриминација, покажуваат дека најдискриминирани групи се жените и девојките, етничките и верските малцинства, Ромите, геј/лезбијската популација, лицата со посебни потреби. Постои широко распространета дискриминација на пазарот на труд и во процесот на вработување кон жените, постарите жени и мажи, самохраните мајки/родители, лицата со хендикеп, геј/лезбијската популација, Ромите. Насилството врз жените и децата, првенствено домашното насилство сеуште силно преовладува како форма на дискриминација врз жените. Злоупотребата и вознемирувањето на работното место конечно се нотира во Законот за работни односи, меѓутоа мобингот е прашање што главно се дискутира само меѓу невладините организации што се занимаваат со човекови права.

При имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во изготвувањето на политика и пракса против дискриминацијата важен чекор ќе биде развивање и утврдување на индикатори за мерење на дискриминацијата.

Индикаторите изготвени за мерење на дискриминацијата на локално ниво од страна на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија се во форма на лесно читлива матрица и треба да им послужат на локалните власти како водич за креирање политики, за идентификација на постоечките јазови во податоците кои ги синтетизираат, за создавање на акциски планови со конкретни мерки/активности и треба да служат како основа за понатамошна обука на администрацијата за спроведување на законот, политиките и активностите, како и за подигнување на свеста меѓу засегнатите страни и пошироко во заедницата.

При реализацијата на работилниците низ целата држава, во соработка со сите 84 општини, дојдовме до некои првични сознанија за функционирањето на локалната самоуправа, децентрализацијата, како и функционирањето на засега единствениот механизам за спречување и заштита од дискриминација на локално ниво: Комисиите за еднакви можности меѓу мажите и жените (КЕМ).

Од интензивната комуникација со Координаторите/ките на (КЕМ), како и од затекнатата состојба на терен која ја увидовме при самата реализација на работилниците, заклучокот е дека тие функционираат само формално, односно само заради исполнување на законската обврска да се формирани;

КЕМ се несоодветно информирани и подготвени за исполнување на својата функција. Истите ниту се запознаени ниту ги применуваат практично своите овластувања кои произлегуваат од Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените особено за обврската да го разгледаат, дадат коментари и дополнувања на предлог Буџетот на единиците на локална самоуправа (Елс);

Во структурата на одлучување во Елс, КЕМ не играат важна улога и одлуките најчесто немаат поминато низ филтерот на родова балансираност;

После секои избори се менуваат и координаторите на КЕМ, со што се губи институционалната меморија;

Не постојат механизми за одржување и надградување на институционалната меморија, ниту пак постојат механизми за трансфер на стекнатото знаење, со што на секои четири години се почнува од почеток без услови за прогресија;

Буџетите се донесуваат во условна транспарентност;

Граѓаните не се информирани за нивните права во процесот на креирање и реализација на општинските буџети, оттука и мал интерес на граѓаните за овие процеси;

Има само формални процедури за приоретизација, со што е пореметен принципот за општини по мерка на граѓаните, односно основната идеја за децентрализација;

Процесот на децентрализација е во критична ситуација, заради силното влијание на централната власт во одлучувањето и работата на локалните власти;

Делумно вклучување на граѓаните во буџетскиот процес, како и поголема информираност во однос на достапноста на извештаите има во оние општини кои го имаат имплементирано ИСО стандардот.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија е загрижен за нивото на партиципативност, отчетност и транспарентност на локалните самоуправи, со што драстично се нарушуваат човековите права на граѓаните на Република Македонија. Заради забележливата „централизираност на децентрализацијата“ избраниците на народот не се во можност да ја исполнуваат својата улога на глас и алатка на граѓаните во исполнување на нивните права и остварување на подобар и достоен живот. Локалните самоуправи заедно со централната власт треба да вложат напори за имплементација на анти-дискриминаторната легислатива и да ги зајакнат постоечките механизми за спречување и заштита од дискриминација (КЕМ), како и да ги усвојат индикаторите со што дискриминацијата би станала мерлива, а тоа пак ќе значи почеток на остварување на принципот од „од долу кон горе“ во одлучувањето и креирањето на политиките.

1.4. Нaционален ургентен траума центар – реформи во здравството или уште една избрзана акција од страна на Владата?

До Хелсиншкиот Комитет се обрати група доктори од Универзитетската клиника за ортопедски болести во врска со владината одлука за интергирање на четири клиники во нов ургентен траума центар, образложувајќи дека припојувањето на нивната клиника во новиот траума центар е сериозна грешка со која ќе му се нанесе штета на здравствениот систем и со кои што Владата ќе го напушти предвидениот план за реорганизација на здравството. Од нивна страна веќе е поднесена иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со која се бара поништување на владината одлука за интергирање на четири клиники во нов ургентен траума центар.

Стручниот колегиум на ортопедија барањето за поништување на одлуката го доставил и до Владата и до Министерството за здравство. За жал и покрај сериозноста на ситуацијата која според нив сакале и лично да ја образложат пред Премиерот, тие до денес не се повикани на разговор од негова страна.

Во последните неколку години се почесто на површина испливуваат проблемите со кои се соочува здравството во Република Македонија. Од руинирани објекти, лоши услови за сместување и работа, чести смртни случаи, недостиг на лекови и материјали, па овој месец дојдовме и до забрани за давање на изјави од страна на вработените доктори.

Постојано сме јавно информирани дека Министерството за здравство формира комисии, водат истрага за случаите, работат на промени во здравствениот сектор со цел подобрување на условите за обезбедување здравствени услуги, но во реалноста тие подобри услови никако да се остварат.

Во текот на минатата година од страна на Министерството за здравство беше подготвена Стратегија за итните медицински служби и Акционен план за нејзино исполнување, затоа што како што изјави Министерот за здравство: “Сегмент кој се уште не е реформиран се итните медицински служби кои се составен дел на здравствениот систем, имаат големо значење, а во исто време се и показател за севкупните состојби во здравствениот сектор на една земја“.

Цел на Стратегијата е подобрување на нивото на укажување на здравствените услуги, обезбедување еднаква покриеност со итни медицински служби на територијата на цела држава, прераспределба на вкупните трошоци во системот на итни медицински служби и обезбедување подобра информираност на населението за достапноста на итните медицински служби.

И наместо да се следи стратегијата и акционениот план и постепено да се гради и реформира овој систем, само две години откако го растури Клиничкиот центар на 31 клиника, Владата реши повторно да обедини четири клиники (трауматологија, ортопедија, КАРИЛ (интензивно лекување, анестезија и реанимација) и Ургентниот центар во Национален ургентен траума-центар.

Здравствената заштита е право, а не привилегија. За исполнување на човековото право на здравствена заштита, здравствениот систем мора да осигура дека секое лице има пристап до сеопфатна, квалитетна здравствена заштита. Никој не смее да биде дискриминиран врз било кој основ.

Последните случувања каде пациентите изјавуваат дека за да бидат оперирани потребно е претходно да купат одредени материјали поради недостиг на истите на клиниките, а истото го потврдуваат и докторите се загрижувачки. Се поставува прашањето што со оние пациенти кои немаат финансиски средства да ги купат материјалите. Како недостигот на средства ќе влијае врз нивното здравје?

И наместо надлежните да се позанимаваат со овој проблем и да проверат дали и што фали, за да изнајдат начин да ги обезбедат потребните материјали, тие решија да донесат наредба за забрана на докторите за давање изјави. Ова во никој случај не помага за решавање на проблемите со кои се соочени пациентите.

Потсетуваме на последните неколку неуспешни брзи акции на Владата после кои следеше нивно укинување од страна на Уставниот суд и нивна промена. Здравството не е поле на кое може да се дозволат брзи и непромислени акции затоа што истите можат да повлечат бројни последици по здравјето и животот на луѓето.

Хелсиншкиот Комитет ја следи состојбата со ново формираниот Национален ургентен траума центар и постапката пред Уставниот суд по повод поднесената иницијатива за поништување на владината одлука.

Повторно потсетуваме дека она што е најважно во целата оваа ситуација е здравјето и животот на пациентите. Очекуваме крајниот резултат да биде во нивна корист, па дури ако е потребно некој да признае дека избрзал со реформите и почнал од крајот, па да се врати еден чекор назад и овој пат да ги направи како што треба!

II. ПОЕДИНЕЧНИ СЛУЧАИ

2.1. Позитивно решен случајот на Г-ѓа Сали Анита за доделување на родителскиот додаток

Во минатиот месечен извештај[13], Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија известуваше за предметот на Г-ѓа Сали Анита од Велес, која се обрати до нас и не извести дека со Решение на Центарот за социјална работа во Велес од 26.04.2010 година е одбиено нејзиното барање за остварување на право на родителски додаток за четврто родено дете.

Во добиеното решение е наведено дека: “Барањето за остварување на правото на родителски додаток се одбива како неосновано бидејќи Сали Анита во месец април 2010 год. се породила во четврто раѓање по ред со две живородени деца (близнаци) како четврто и петто дете, што значи дека со раѓањето на петтото дете истата не може да го оствари правото како петто родено дете затоа што согласно законските прописи право на родителски додаток може да се оствари до четврто живо родено дете”.

На нашиот допис, од страна на Центарот за социјални работи во Велес уште во текот на месец јуни 2010 е добиен одговор дека за ваквата одлука тие се консултирале со надлежните лица од Министерството за труд и социјална политика и дека врз основа на поднесената жалба на странката целиот предмет е доставен до Министерството на разгледување и одлучување.

По поднесената жалба и интервенцијата од страна на Комитетот, од страна на Министерството за труд и социјална политика, во текот на месец октомври 2010 бевме известени дека предметот е решен и дека на странката и е одобрено правото на родителски додаток кое и следува според законот.

Хелсиншкиот Комитет ја поздравува постапката на Министерството, но апелира за побрзо решавање на ваквите предмети, посебно кога се работи за средства кои на децата и нивните семејства им се повеќе од потребни за да ги остварат секојдневните егзистенцијални потреби. Затоа во ваквите предмети брзата реакција е од огромно значење.

——————————————————————————–

[1] Посети ја нашата веб страница www.mhc.org.mk

[2] Брисел, 9 Ноември 2010

[3] Gallup Balkan Monitor – Insights and Perceptions: Voices of The Balkan 2010

[4] Пресуда од 28.10.2010год, по предметот Н. Василкоски и други против РМ, Апликација бр. 28169/08

[5] Европска Конвенција за човекови права

[6] Параграф 56 од Пресудата

[7] Ид., Параграф 61

[8] Ид., Параграф 62

[9] Параграф 62 од Пресудата

[10] Ид., параграф 63

[11] Ид., параграф 46

[12] Види http://www.mhc.org.mk/?ItemID=6F2C84109F368E439246B7E0370D8833 , месечните извештаи за декември 2007/јануари 2008, ноември 2007, јули/август 2007, февруари 2007, март 2008, јуни 2008. или пребарај „притвор“ на www.mhc.org.mk

[13] http://www.mhc.org.mk/?ItemID=BFC0352DC393A44283C3E3FA46DBEEA1