октомври 16, 2010

Успешна апликација до Судот во Стразбур

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја утврди повредата на Член 6 од Европската Конвенција за човекови права во случајот на Томислав Спасовски против Република Македонија.

На 10.02.2002 год. во с. Арачиново од експлозивна направа поставена во семејната куќа на Стојановски, лицето Томислав Спасовски претрпел тешка телесна повреда, а неговиот зет поради повредите починал на лице место.

На 30.01.2004 год., поднесена е Тужба за надомест на штета против општина Арачиново. На 01.06.2004 год. од страна на Апликантот, поднесена е Тужба за надомест на штета против Република Македонија. Во текот на 2004 год. двете постапки се споени и на 08.11.2004 год. донесена е Пресуда П.бр.338/04 и П.бр.1446/04 на Основен суд Скопје 1 Скопје, со која се усвојува тужбеното барање на Апликантот и се задолжува тужената Република Македонија да ја исплати сумата определена за надомест на штета. Во однос на тужбеното барање спрема општината Арачиново истото е одбиено поради немање пасивна легитимација.

Од страна на тужената Република Македонија поднесена е жалба и истата од страна на Апелационен суд е уважена. Апелационен суд на 21.04.2005 год. донел пресуда со која ја преиначува Пресудата на основниот суд само во делот во однос на легитимацијата, без да навлезе во оштетното побарување, и тужбеното барање го одбива како неосновано затоа што смета дека тужената Република Македонија во конкретниот случај не е пасивно легитимирана странка во постапката.

Со цел да ги искористи расположливите правни лекови, на 23.08.2005 год. од страна на Апликантот поднесено е Барање за заштита на законитоста до јавниот обвинител на Р. Македонија. На 27.10.2005 год. добиен е одговор дека нема основ за употреба на ова правно средство.

По искористувањето на сите правни лекови кои му беа на располагање, преку Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија беше поднесена Апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур .

Апликацијата се однесуваше за повреда на чл. 6 став 1 (Право на правично судење) и чл. 13 од Конвенцијата (Право на ефикасен лек).

На 10.06.2010 год. Европскиот суд за човекови права донел ПРЕСУДА со која е утврдена повреда на чл.6 ст.1 од Конвенцијата, односно утврдено е дека е повредено правото на Апликантот за пристап до суд.

Документи