Монографија „Кодот на Преспа“, приказна за „загубениот пат“

јануари 24, 2023

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја издаде монографијата КОДОТ НА ПРЕСПА, Приказна за „загубениот пат” од авторот Борјан Јовановски.

„Ракописот „Кодот на Преспа“, во кој се поместени неколку интервјуа во кои се говори за побратимствата помеѓу поединци и семејства од различно етничко и религиско потекло што се негуваат со генерации во Преспа, а денес препознаеникако посебна вредност на културата на живеење во пределот, се навистина „специфичниот код на Преспа“.

Уредникот на изданието, новинарот Борјан Јовановски, чијашто фамилија потекнува од Преспа, ја препознал вредноста на побратимството како општествена институција во културното и историското живеење на областа, па направил неколку интервјуа со припадници на семејства побратимени со генерации, со цел да го истакне овој феномен како еден од носечките столбови на културата на воспитување на помладите генерации сопримери од минатото и начинот на живеење на Преспанци како основа за добар соживот и заемно почитување.“ –  пишува во предговорот кон ова издание професорот Љупчо С. Ристески.

Авторот Јовановски ја започнува приказната за „загубениот пат“:

„Преспа ја познавам онолку колку што знам за себе. На секое одење кон Преспа, кога ќе стигнам кај селото Сливница од каде почнува таканаречена Долна Преспа, со задоволство  ѝ  се  препуштам на таа неповторлива убавина која во моите претстави е дефинирана како питома дивина.

Дивина затоа што е легната во подножјата на Баба Планина и Галичица и како таква оставена или, подобро речено, заборавена, за добро или лошо, од хаотичниот институционален режим на државата на која  ѝ  припаѓа. А питома… питома затоа што ја паметам и ја живеам во атмосфера на мир и еден изразен мистичен спокој.

Не е случајно што во овој регион се наоѓаат слоеви артефакти хронолошки наредени еден над друг како сведоштво за една исклучителна цивилизациска динамика од антиката до денеска, кои се сведоштва за присуство и коегзистенција на различни култури.“

Монографијата е издадена во рамки на проектот „Соживотот не е мит – поуките од Долна Преспа“ кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права и е дел од проектот „РЕКОМ мрежа на помирување“, финансиран од Европската Унија.

Проектот се занимава со помалку познатите колективни мемории и актуелни односи на различните етнички и верски заедници во Северна Македонија. Наспроти општоприфатените опервации за меѓуетничките односи во Македонија како потецијални генератори на нестабилност овој проект имаше за цел да ги приопшти позитивните примери и модели на соживот во Северна Македонија, како што е случајот во регионот на Долна Преспа кој би требало да послужат како пример и инспирација за денешните генерации за креирање на социјални механизми кои ќе овозможат култруниот и верски диверизтет да бидат прифатени како шанса за градење на динамична и културолошки богата општествена средина.

Монографијата е достапна на македонски и албански јазик.