Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза

октомври 12, 2023

Целта на оваа анализа е да ја испита постоечката законска рамка која го регулира говорот на омраза и нејзината соодветност во ефективната борба со овој феномен, притоа надоврзувајќи се на постојните меѓународни договори на Обединетите нации и Советот на Европа и други релевантни инструменти за поставување стандарди користејќи ги наодите и препораките на телата за мониторинг на Советот на Европа особено Препорака CM/Rec(2022)16 за борба против говорот на омраза и „Општата препорака за политики бр. 15 за борба против говорот на омраза“ на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), како и пошироките меѓународни и европски стандарди за човекови права. Анализата исто така ги вклучува и извештаите на невладините организации активни во оваа област, како што се Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЛГА Европа. Воедно, анализата опфаќа компаративни примери од други држави во однос на законодавството за говор на омраза, особено во делот на справувањето со говорот на омраза на интернет.

Анализата e структурирана во два дела: I. Концептуална рамка на говорот на омраза и меѓународни стандарди и II. Национална легислатива за говор на омраза (кривично правни одредби, граѓанско и управно-правни одредби). Првиот дел ги разгледува случувањата во концептуалните разбирања на говорот на омраза и меѓународните стандарди кои се однесуваат на националната легислатива за говор на омраза. Посебно внимание е посветено на меѓународните стандарди и европски акти во однос на националното законодавство за регулирање на говорот на омраза на интернет.

Вториот дел се фокусира на правната рамка за говор на омраза на Северна Македонија и тоа поконкретно кривичноправните, граѓанско-правните и управно-правните одредби. Предмет на детална анализа се одредбите за говорот на омраза содржани во Кривичниот законик, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на РСМ. Целта на овој дел е да ги анализира односните законски регулативи и да направи проценка на нивната соодветност во ефективното справување на институциите со говорот на омраза, но и да понуди препораки во оваа смисла. Препораките се темелат врз теоретските концептуални разбирања на феноменот говор на омраза, меѓународните стандарди за негово справување низ законодавствата на државите приложени во првиот дел, но и конкретните препораки на меѓународните и европски тела во оваа област упатени на Северна Македонија и ставови на експерти во областа.