Дејствувај против корупцијата!
февруари 17, 2022
Целта на овој проект беше активно дејствување во борбата против корупцијата, со крајна цел заштита и унапредување на човековите слободи и права, преку мониторинг на судските процеси за предмети во областа на организираниот криминал и корупцијата; пружање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија; застапување во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции, со посебен акцент на правосудните органи; и настојување да се влијае врз спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои преку нивните коруптивни дејствија ги загрозуваат индивидуалните слободи и права и влијаат врз нарушување на системот на владеење на правото во државата. Токму поради иницијативата за поголема одговорност и транспарентност на сите институции, особено на Државната комисија за спречување на корупцијата како носител и главен предводник на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет во рамки на овој проект ја создаде онлајн платформата www.prijavikorupcija.mk. Платформата е наменета за пријавување корупција од страна на граѓаните кои се сомневаат за или забележат постоење на корупција. Потоа, Хелсиншкиот комитет ги проследуваш пријавите на граѓаните до надлежните институции. Со цел да се воспостави соработка помеѓу Државната комисија за спречување на корупцијата и Хелсиншкиот комитет за човекови права и со цел размена на информации во однос на постапување по пријавите од страна на физички и правни лица за сомнеж на корупција и судир на интереси, од заеднички интерес, беше склучен и Меморандум за соработка во 2019 година. Двете страни, согласно овој Меморандум, се обврзаа сеопфатно и координирано да постапуваат во насока на успешна борба против корупцијата и судирот на интереси.