Јавен повик за ангажирање на правен советник/правна советничка (договор на дело)

јули 30, 2026

Назив на работен ангажман: Правен советник/советничка

Краен рок за пријавување: најдоцна до 14 август 2026 година, 23:59 часот (GMT+1)

Електронска адреса за поднесување на апликацијатаhelkom@mhc.org.mk

Апликациите задолжително гласат на име „ Јавен повик за правен советник/советничка“ и сите документи се поднесуваат во pdf. формат

Хелсиншкиот комитет за човекови права објавува јавен повик за ангажирање на правен советник/советничка.

 Опис и работни задачи:

  • Учествува во обезбедување бесплатна правна помош;
  • Дава правни совети и правни мислења;
  • Го следи текот на предметите во кои е ангажиран/а;
  • Постапува во случаи на стратешко застапување;
  • Комуницира со институции и учествува во активности за застапување;
  • Учествува во подготовка на извештаи, анализи и други публикации;
  • Учествува во организација и координација на активности согласно потребите на организацијата.

Услови што се бараат за вршење на ангажманот / потребни квалификации:

  • Дипломиран/а правник/чка со завршено четиригодишно високо образование на правни студии (т.н „стара програма”) или дипломиран правник со стекнати 180 кредити согласно ЕКТС;
  • Најмалку две години професионално искуство во обезбедување бесплатна правна помош и/или заштита на човековите права и слободи;
  • Напредно познавање и користење на устен и пишан работен англиски јазик;
  • Напредни организациски и комуникациски вештини.

Како предност ќе се смета:

  • Искуство во подготвување апликации до Европскиот суд за човекови права;
  • Положен правосуден испит;
  • Познавање на уште еден странски јазик;
  • Познавање на уште еден јазик кој се зборува во државата;
  • Искуство во работа со ранливи и маргинализирани групи и заедници.
  • Развиено чувство за работа со жртви на семејно и родово базирано насилство.

Рок и потребни документи за аплицирање:

Заинтересираните кандидати за работниот ангажман потребно е да достават кратка биографија (CV) на македонски јазик и мотивациско писмо. Во кратката биографијa потребно е да бидат наведени референци и контакт податоци од две лица од претходни работни места. Апликациите се доставуваат на следната електронска адреса: helkom@mhc.org.mk најдоцна до 14.08.2026 година до 23:59 часот (GMT+1).

Постапка за избор на кандидат/ка:

Комисијата за избор на кандидат/ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг листа од примените апликации во зависност од степенот на исполнување на квалификациите опишани во овој оглас.

Во зависност од добиените апликации и потребите на канцеларијата, Хелсиншкиот комитет го задржува правото да спроведе тестирање како посебна фаза при изборот, за што благовремено ќе ги извести кандидатите. Тестирањето се спроведува писмено преку документ со три прашања, кој кандидатите го пополнуваат и во рок од 90 минути, одговорените прашања ги праќаат електронски на наведената адреса. За полагањето не е потребно физичко присуство во канцелариите на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Последната фаза е усно интервју. Согласно резултатите од интервјуто ќе биде избран кандидат/ка кому ќе му/и биде понуден работниот ангажман. За сите фази се составува финална ранг листа врз основа на која, доколку избраниот кандидат го одбие понудениот ангажман, се одлучува за наредниот најдобар избор се додека не се избере соодветен кандидат/ка. Во секој случај, изборот ќе се изврши најдоцна во рок од 15 дена од истекот на крајниот рок за пријавување.

Договор на дело за правен советник/ советничка:

Со избраниот кандидат/ка Хелсиншкиот комитет ќе склучи договор на дело со период од 9 месеци. Работниот ангажман ќе изнесува 16 часа неделно и ќе биде рамномерно распределено во четири работни дена (од понеделник до петок согласно потребите на организацијата). Взаемните права и обврски во договорот ќе бидат уредени во согласност со Законот за работните односи. Месечниот надоместок е 25.000,00 денари бруто. Работниот ангажман е во седиштето на Хелсиншкиот комитет за човекови права на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83а во Скопје.

За сите дополнителни информации можете да се обратите на телефонски број +389 (0)2 3119 073.