Завршен настан на проектот „Елиминација на тортура и нечовечко постапување во затворите и другите установи за лишување од слобода”
септември 30, 2021
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници на 29 септември 2021 организираа завршен настан на проектот „Елиминација на тортура и нечовечко постапување во затворите и другите установи за лишување од слобода” финансиран од Европската Унија.
На настанот учествуваа министрите за правда и за внатрешни работи, директорот на Управата за извршување на санкции, преставници на Делегацијата на Европската Унија во РСМ, Јавното обвинителство, како и преставници од граѓанскиот сектор и други засегнати страни. Во оваа прилика беа претставени главните забелешки и препораки произлезени од спроведувањето на проектот, како и препораки и идни активности за спречување на тортура и нечовечко постапување во затворските установи и другите установи за лишување од слобода.
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во своето воведно обраќање изјави: ,,Реализацијата на овој проект ја гледам како прв чекор напред во она што значи воспоставување култура на соработка меѓу надлежните институции и граѓанските оганизации. Надоворешната контрола е нешто за што долги години се зборува во нашето општество, но радува фактот што и граѓанските организации можат непречено да влезат, да констатираат состојби и да дадат препораки. Сѐ се одвиваше непречено, никогаш не ни беше оневозможен пристап. Тие места се секогаш најкритични кога станува збор за повредите на човековите права и слободи.’’. Пировска посочи дека за разлика од денес, до 2017 година на граѓанските организации им беше забранет пристап до казнено-поправните и воспитно-поправните установи, полициските станици и психијатриските болници.
,,И покрај овој напредок, нашите препораки се сериозни. Станува збор за системски проблеми, а еден од најголемите е здравствената заштита, нешто на што мора да се работи. Веќе сме во комуникација со Министерството за здравство, како да се стимулираат лекарите да работат во казнено-поправни домови’’ . Таа констатираше дека постои волја да се надминат одредени состојби кои беа рак рана, пред сѐ во однос на сместувачките услови, како и дека дека најпроблематичните точки во Идризово се затворени. Пировска изрази надеж дека дефинираниот напредок ќе биде само почеток, а работите во наредниот период ке бидат надминати со имплементација на препораките. ,,Никому не му оди во прилог состојбите да се покриваат и ставаат под тепих, бидејки сликата во затворите говори за демократскиот капацитет на земјата.’’
Правната советничка во Хелсиншкиот комитет, Ина Џугуманова, ги сподели клучните наоди од спроведувањето на проектот. Управата за извршување на санкции одлично ги менаџира казнено поправните установи во време на пандемија поради навремено носење на мерки со цел спречување од ширење на вирусот во установите, што резултира со мал број на заразени затвореници. Иако се нотирани унапредувања во пенитенцијарниот систем, остануваат бројни системски недостатоци во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, ресоцијализацијата, образованието, корупцијата итн. Според Џугуманова, за поздравување е изградбата на новиот објект во Идризово којшто служи како полуотворено одделение, но таа со загриженост информираше дека во текот на посетата од страна на мониторинг тимот во јули годинава, констатирано е дека дел од осудениците во затвореното одделение спијат на под или се по дваесетмина во една просторија со само еден тоалет. Ова е резултат на пренатрупаноста за којашто нашата држава се уште нема изнајдено долготрајно решение, а која претставува тортура и нехуман третман за осудените лица.
Констатирано е дека се уште постои трендот на поставување кадри на раководни позиции во установите како и стручните служби во затворите кои немаат доволно искуство, кое е неопходно бидејќи пенитенцијалниот систем е сложена материја. Искуството и стручноста се потребни за да може кадарот соодветно да одговори на своите задачи, но потребна е и голема сензибилизација за да се делува во насока на унапредување на правата на осудените лица.Џугуманова се осврна и на проблемот со корупцијата, за што треба да се преземат превентивни мерки, но и да се изречат соодветни казни за сите коруптивни дејствија.
Дополнително, Џугуманова нагласи дека пристапот до здравствена заштита моментално е најгорлив проблем со којшто се соочуваат лицата лишени од слобода. До Комитетот секојдневно пристигнуваат претставки од затвореници со влошена здравствена состојба кои немаат пристап до доктор, а установите се соочуваат и со недостиг од медицинска терапија. Министерството за здравство треба неодложно да го реши овој проблем со издвојување буџетски средства во вид на бонуси за лекарите, кои би ги стимулирале да работат во овие установи, Потребно е и да се изнајде решение за здравственото осигурување на осудените лица, кои се соочуваат со пречки во пристапот до секундарна здравствена заштита.Во однос на полициските станици, констатирано е дека повеќето простории ги задоволуваат условите, но има и стари објекти кои не можат да ги задоволат стандардите. Неопходно е да се обезбеди функционален видео и аудио надзор особено во просториите за задржување и разговор, со цел спречување од тортура и нехумано постапување спрема лицата лишени од слобода.