Зајакнување на партнерствата меѓу Народниот правобранител и граѓанското општество
април 10, 2025

Младинската иницијатива за човекови права – Косово (YIHR KS) и институцијата Народен Правобранител на Косово организираа регионална конференција на тема „Зајакнување на партнерствата меѓу Народниот правобранител и граѓанското општество за заштита и унапредување на човековите права“, одржана во Приштина од 2 до 3 април 2025 година.
Александра Трајановска, проектната координаторка во Хелсиншкиот комитет за човекови права од Скопје, на конференцијата зборуваше за соработката и предизвиците со Народниот правобранител во Република Северна Македонија.
Соработката меѓу Народниот правобранител и граѓанските организации е од клучно значење бидејќи граѓанското општество служи како глас на ранливите заедници, додека институцијата Народен правобранител има законско овластување да ги решава повредите на правата. Меѓутоа, во многу случаи, ова партнерство е или слабо, недоволно искористено или попречено од системски бариери.
Иако Народниот правобранител има соработка со дел од граѓанските организации, сепак има области каде соработката со граѓанскиот сектор е ограничена. Конкретно, кога се работи за прашањата поврзани со правата на ЛГБТИ заедницата и родовата еднаквост, соработката е недоволно развиена. Ова укажува на потребата од проширување на соработката на Народниот правобранител со граѓанските организации во сите области на човековите права, со цел да се обезбеди сеопфатна заштита и унапредување на правата на сите граѓани.
Во рамките на Канцеларијата на Народниот правобранител во Северна Македонија е формиран Граѓанска контролен механизам врз полицијата за да обезбеди независен граѓански надзор над полициското постапување, особено во случаи на недолично однесување, злоупотреба и кршење на човековите права. Во него беа избрани 3 претставници на граѓанските организации. Сепак, и покрај неговиот ветувачки дизајн, механизмот не успеа да функционира ефективно поради неколку системски пречки како финансиската и институционалната независност.
Иако постои значителен потенцијал во соработката и односот на Народниот правобранител со граѓанските организации во Северна Македонија, сепак останува простор за подобрување кој може да се постигне со зајакнување на партнерствата, обезбедување подобра заштита на човековите права и справување со институционалните ограничувања.