Во Скопје се одржува најголемата регионална ЛГБТИ конференција
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е коорганизатор на најголемата ЛГБТИ конференција во Западен Балкан, заедно со Коалиција Маргини, ЛГБТИ Центарот за поддршка, ХЕРА и Субверзивен фронт. Годишната конференција на ЕРА, асоцијација која вклучува 58 ЛГБТИ организации од 9 земји во регионот на Западен Балкан и Турција, се одржува од 3 до 6 октомври во Скопје, под мотото ,,Наспроти сè, иднината е наша!’’
Унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето е целта за која ќе дискутираат стотици ЛГБТИ активисти, родители на ЛГБТИ млади, претставници на владите, пратеници и пратенички, експерти од Западен Балкан и Турција.
Клучни области на кои ќе се фокусира дијалогот меѓу граѓанското општество и властите од регионот се образованието и правата на трансродовите лица. Властите и активистите ќе изнаоѓаат решенија за инклузивно образование и безбедни училишта за ЛГБТИ младите како и законски решенија за правно признавање на родот, односно можноста трансродово лице да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.
Конференцијата е организирана во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за надворешни работи на Рeпублика Македонија и вклучува министерски состанок на делегации од владите на Косово, Црна Гора и Македонија. Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ права од Македонија е домаќин на пленарна сесија за улогата на Парламентите во унапредување на правата на оваа заедница. Во рамки на конференцијата ќе се одржи и затворен состанок меѓу родители и членови на семејства на ЛГБТИ млади од Македонија и Турција.