Владата мора да ја заштити ЛГБТ заедницата од дискриминација
Неодамнешниот напад врз Центарот за поддршка на лезбејки, геј мажи, бисексуалци, трансродни лица и интерсексуалци (ЛГБТИ) во Република Македонија ја нагласува итната потреба за заштита преку закон од сите форми на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, се вели во дописот на Амнести Интернационал.
Досега, македонските власти не успеаа во Законот за спречување и заштита од дискриминација да ја вклучат заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, иако законот е во сила од 1 јануари 2011 година. Освен тоа, не постојат никакви законски одредби за истрага и прогон на кривчни дела од омраза, вклучително и оние сторени врз основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет.
Амнести Интернационал ги повикува македонските власти да гарантираат ажурни, непристрасни и ефективни истраги за секој напад врз животот или имотот на ЛГБТИ лицата или организациите. Сите наводи за хомофобични или трансфобични мотиви треба да бидат детално истражени и сите лица за кои постојат доволно докази за сторени кривични дела треба да бидат изведени пред суд.
Владата треба веднаш да преземе мерки за измени и дополнувања на законодавството за недискриминација, со цел да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација. Освен тоа, во отсуство на законодавство коешто забранува кривични дела од омраза, владата треба, без одложување и во консултации со ЛГБТ организациите, да донесе вакви закони, коишто посебно ќе ги вклучат кривичните дела од омраза врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и етничката припадност, расата, родот и другите основи признати во меѓународните стандарди.
Амнести Интернационал ги повикува Премиерот, Министерот и сите други јавни функционери и владини претставници јавно да ги осудат дискриминацијата и насилството врз ЛГБТИ лицата.