ноември 8, 2012

Стоп за притисоците врз „АМАН“

Граѓанската иницијатива АМАН започна со протести против поскапувањата на струјата, парното, нафтените деривати, високите цени и нискиот стандард на граѓаните на 14 август 2012 година. Од првиот протест до сега поминаа 12 недели односно беа одржани 12 протести кои беа мониторирани од страна на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија.

Дел од активистите на АМАН побараа правна помош и заштита на граѓанските права на одржување на мирни протести. Во однос на правната помош, Хелсиншкиот Комитет ги упатува и едуцира активистите за своите права и обврски како и за постапување на полицијата на секој од протестите воедно и за можностите согласно нивните граѓански и политички права да учествуваат во донесувањето на одлуки преку механизмите за непосредна демократија, подготовка на правни иницијативи, обраќање до институции и практицирање на политичките права на граѓаните, односно нивно учество во донесувањето на одлуки преку Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Согласно последните настани или поконкретно закани упатени кон активистите на АМАН, Хелсиншкиот комитет направи хронологија на настаните и модалитетите на вршење притисок врз граѓаните со цел да се спречи изразувањето на нивната волја и мислење. Имено, првите активности за пригушување на движењето и прекин на протестите беа преку организирање на контра-протести и политичко етикетирање на поединечни активисти со цел да се присвои или прекине иницијативата. Откако овие обиди се покажаа како неуспешни и воедно следејќи ја практиката на пригушување на протести од 2009 година до денеска, активистите почнаа да се соочуваат и со директни закани по нивниот живот но и по животот на нивните семејства. Пред две недели еден од активистите на АМАН беше пресретнат од две лица кои покрај заканите кои ги упатиле кон лицето, пратиле порака и за останатите активисти дека доколку не престанат со протестите и институционалните решенија кои ги нудат дека заканите ќе преминат од предупредувачки во реални дејствија односно физичка пресметка со нив и нивните семејства. Случајот беше пријавен во соодветната полициска станица, Хелсиншкиот комитет и воедно известени беа сите амбасади во Скопје, а посебен состанок со активистите одржаа и меѓународната заедница односно преставниците на ОБСЕ во Република Македонија.

На протестот закажан за сабота 03.11.2012 година во 12 часот на пладне, активистите на АМАН мирно се собраа во 12 часот на пладне и за половина час наспроти нив, пред зградата на ЕВН Македонија се упати група од млади луѓе кои исто така се подготвуваа за протест. Полицијата ги обезбедуваше двата протеста. Пред да започнат со протестите кон група активисти на АМАН се приближи засега непознато лице кое ги прашуваше присутните кои се, дали се од СДСМ и зошто протестираат? Откако и активистите на АМАН го прашаа зошто го интересираат овие податоци и кој е всушност тој, младото момче посочи дека е од Унија на Млади сили на политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ и дека им дава 20 минути на активистите да си заминат од местото на протестот односно да „се чистат“ од таму или дека ќе биде полошо за нив. Претставник на Хелсиншкиот комитет веднаш го пријави случајот до полициски службеник кој не постапи по службена должност иако имаше можност веднаш да реагира на заканите и да го приведе лицето кое ги упати заканите. И овој случај е пријавен во соодветна полициска станица, направен е записник и воедно, активистите на АМАН имаат фотографии кои ќе ги приложат кон пријавата која што беше направена денеска. Претставник на мисијата на ОБСЕ исто така беше присутен на денешните протести и ги проследи активностите на двете групи. Активистите воедно веднаш се обратиле и до медиумите кои ги пренесоа нивните сведочења до пошироката јавност.

Хелсиншкиот комитет упатува апел до сите политички партии да не ги пренесуваат меѓусебните недоразбирања и омраза помеѓу граѓаните и еднакво да ги обезбедат граѓанските и политички права на секој човек во Република Македонија. Со поддржување на овие закани или нереагирање на институциите се оправдуваат активностите на членовите на партиите како легитимни со што се создава и поттикнува политичка омраза, но и одмазда помеѓу членови на партиите кои пред се треба да бидат одговорни граѓани и еднакви во своите права и достоинство како луѓе.

На долг рок, овие активности би биле погубни за развој на демократијата, но и пристапот до граѓанските и политички права на граѓаните ќе биде оневозможен. Ако практиката продолжи, независно од тоа која партија е на власт, граѓаните само ќе добијат уште еден основ на поделба и висок степен на омраза во општеството наспроти еднаквиот третман и еднаков пристап до правата и слободите во една правна и демократска држава како што би требало да биде Република Македонија.

Хелсиншкиот Комитет ќе продолжи да ги мониторира мирните протести на АМАН и во континуитет ќе презема мерки за правна заштита на претставниците на движењето, но ќе бара и итно постапување од страна на Министерството за внатрешни работи по непостапување на полициските службеници по пријавата за директни закани за време на протестот на 03.11.2012.

Уранија Пировска

Извршна директорка

Документи