март 20, 2017

Утврдено уште едно прекршување на работничките права на текстилните работнички

Државниот инспекторат за труд повторно утврди прекршување на работничките права на текстилните работнички во текстилна конфекција во Крива Паланка. По добиени сознанија за прекршување на работничките права во делот на исплата на плати и придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување за месец јануари 2017 на вработените во текстилна конфекција во Крива Паланка, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за спроведување вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд.

Врз основа на ова барање, на 09.03.2017 година извршен беше вонреден инспекциски надзор во погон за производство на чевли од страна на Државниот инспекторат за труд-ПЕ Крива Паланка. По извршениот инспекциски надзор, констатирано е дека работодавачот на 13.02.2017 година им исплатил на вработените плата и законски придонеси за задолжително социјално осигурување за месец декември 2016 година, но за месец јануари 2017 година работодавачот на вработените им нема исплатено плата и законски придонеси на истата.

Согласно Законот за работни односи, работодавците имаат обврска да им исплатат на работниците плата и придонеси на плата за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Согласно Законот за работни односи, работодавците имаат обврска да им исплатат нето плата и придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување.

Врз основа на утврдената фактичка состојба од спроведениот инспекциски надзор, надлежниот инспектор издал наредба до работодавачот и одговорното лице да го отстранат недостатокот, односно на вработените да им исплатат плата и законски придонеси на истата за месец јануари 2017 година, во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор.

По добиени сознанија дека и по истекот на дадениот рок за отстранување на недостатоците и исплата на плата и законски придонеси, конфекцијата сè уште им нема исплатено на вработените плата и законски придонеси за месец јануари 2017 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до Државниот инспекторат за труд да постапи согласно своите законски овластувања и да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.