Уште една жртва на фемицид!
![](https://mhc.org.mk/wp-content/uploads/2019/11/hrightsfemicide.jpg)
Поттикнати од последниот случај на фемицид кој се случи во Мала Речица, тетовско, во кој сопругот си ја застрелал сопругата со пиштол по што таа веднаш починала[1], имаме силна потреба да потенцираме дека во случајот се работи за родово-базирано насилство кое резултира со убиство, односно фемицид извршен од интимен партнер[2].
Да се потсетиме на неколку факти: Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот 2013-2016. Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство, секоја четврта жена е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство. 78% од жртвите на физичко насилство се жени додека 98% од сторители на семејно насилство се мажи.
Фемицидот во Македонија сè уште не е дел од законската рамка како посебно кривично дело и затоа се третира како обично убиство. Од овие причини МВР нема официјални податоци за бројот на фемициди во земјата, а посочените бројки се неофицијално регистрирани случаи (постојат индиции дека бројот на фемициди е далеку поголем). Потенцираме дека најчесто фемицидите се резултат на претходно продолжено насилство на кое жената била изложена и за таа цел апелираме ова да биде дополнително истражено од страна на јавното обвинителство.
Хелсиншкиот комитет се залага и застапува за: 1. донесување на посебен Закон за родово базирано насилство, 2. препознавање и предвидување на фемицидот како посебно кривично дело во Кривичниот законик и 3. имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, која има правно-обврзувачки карактер.
[1] Извадок од дневен билтен на МВР 15.10.2018 г. http://www.mvr.gov.mk/izvadok-od-dnevni-nastani/1280
[2] Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироката дефиниција го објаснува поимот како убиство на жени и девојки поради род, тортура или мизогенично убивање на жена, убиство во име на честа, убиство насочено кон жени во контекст на вооружен конфликт, фетицид, генитално сакатење со смрт.