март 2, 2023

Уранија Пировска: Жените политичарки треба да се здружат и заеднички да работат против говорот на омраза без оглед на политичката припадност

Во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, на 1 март се одржа конференцијата на тема „Жени во политика – Говор на омраза, сенка која обесхрабрува”, која воедно е и најава за караванот „Гласна и Храбра”, кој  има за цел зајакнување на позицијата жените.

Свое обраќање на конференцијата имаше и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која го осуди говорот на омраза кон жените, бидејќи, како што истакна,  жените на тој начин се обесхрабруваат да влезат во јавниот и политичкиот живот. Таа рече дека говорот на омраза и другите форми на родово базирано насилство секојдневно им се случува на жените и девојчињата во нашето општество, особено на жените од ранливите категории, кои иако се честа мета  немаат механизми и ресурси да се заштитат.

Пировска порача дека говорот на омраза бара здружена борба за зајакнување на правата на жените во која треба да се вклучат сите политичарки без оглед на партиската припадност. Тие треба да работат со своето членство, а заедничката борба треба да биде најмногу насочена кон жените кои не се во позиција на моќ и немаат можности и ресурси да се заштитат. Јавната функција која ја извршуваат политичарите претпоставува пред се’ заштита на јавниот интерес, правата и слободите на граѓаните.

Говорници на конференцијата беа Јованка Тренчевска, миннистерка за труд и социјална политика, Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, мистерките за одбрана и култура Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска – Стојчевска, Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија и пратеничките Санела, Шкријељ, Моника Зајкова, Арбана Пашоли и Љубица Јанчева од Совет на град Скопје.

 

Фото: Виктор Ирвин Иванов