Во последниот период, сведоци сме на тренд на законски измени и најави кои се движат во иста насока: систематско намалување на критериумите за стручност при вршење на јавни функции.
Со новиот предлог за измена на Законот за полиција, се укинуваат критериумите со кои се предвидувадиректорот на Бирото за јавна безбедност да има образование од областа на безбедноста, правото, одбраната или економијата. Наместо досегашниот критериум, кандидатот да има високо образование од областа на безбедноста, правото, одбраната или економијата, со предложените измени се овозможува лицето да има завршено било кое високо образование од областа на општествените науки.
Овие промени може да изгледаат технички во ред или пак како позитивен пристап („поголем пристап“), но суштински се работи за сериозен удар врз владеењето на правото и стандардите за професионалност, компетентност и владеење на правото.
Во секоја правна држава, функциите во јавниот сектор – особено во безбедносниот, правосудниот и образовниот систем – мора да бидат извршувани од лица со соодветна стручност. Стручноста не е формалност, туку основа за професионално, ефикасно и отчетно управување со јавните институции, во интерес на граѓаните.
Со ваквиот пристап и укинување на критериумите за образование и стручност:
- се отвора простор за политички назначувања без соодветни квалификации;
- се девалвира знаењето како предуслов за водење институции;
- се поткопува довербата на граѓаните во институциите и нивната легитимност;
се нарушува принципот на еднаквост, со што лицата со професионална подготовка се изедначуваат со оние без релевантни знаења и искуство.
Владеењето на правото не се сведува само на постоење на закони – туку и на нивна примена од стручни, независни и одговорни институции..Ако државата системски го менува критериумот за стручност, тогаш ја нарушува сопствената способност да гарантира правна сигурност, еднаков третман и професионално постапување. Тоа директно влијае врз правата на граѓаните, пристапот до правда и квалитетот на јавните услуги.
Ги повикуваме институциите и пратениците да не прифаќаат решенија што ја разводнуваат стручноста и го поткопуваат јавниот интерес.
Државата не смее да биде место каде што знаењето е пречка, а неподготвеноста квалификација.
Блупринт група за реформи во правосудството:
– Институт за човекови права (ИЧП)
– Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
– Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
– Хелсиншки комитет за човекови права
– Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)



