Твоите човекови права не завршуваат зад решетки
август 8, 2019
Тргнувајќи од својата мисија и визија, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја потенцира улогата и обврската на државата во поглед на заштита и унапредување на човековите права на лицата лишени од слобода.
На 22-07-2019 година во Собранието на Република Северна Македонија од страна на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот беше организирана јавна расправа на тема: Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. На јавната расправа беше презентиран Извештајот од посетите на претставниците на Постојаната анкетна комисија во три казнено-поправни установи.
Свое обраќање на јавната расправа имаше и претставничката на Хелсиншкиот комитет, Сибел Амет, која што изрази задоволство што ова тема конечно се дискутира во законодавниот дом и положи надеж дека овој позитивен исчекор нема да застане со оваа јавна расправа, односно дека ќе поттикне конкретни напори од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во затворите, особено во оној дел каде што не е потребна инфраструктурна инвестиција, како што е здравствената заштита, образованието, ресоцијализација, пробацијата, односно генерално да профункционира системот кој што е предвиден со законите.
Со оглед на тоа што овие состојби во затворите, невладиниот сектор и меѓународната заедница ги потенцираше со години наназад, меѓутоа не предизвикаа интерес кај надлежните институции претставничката на Хелсиншкиот комитет изрази дека ѝ е „драго“ што присутните пратеници се шокирани и потресени од состојбите во затворите, па уште еднаш изрази надеж дека шокот ќе ги поттикне на соодветна реакција која што ќе резултира со подобрување на условите во казнено-поправните установи.
Во текот периодот од февруари 2019 до јуни 2019 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на проектот „Живот зад решетки“ поддржан од страна на Амбасада на САД во Северна Македонија[1], изврши посети во 10 казнено-поправни установи[2] во државата. Од посетите во затворите беа изготвени извештаи со препораки и заклучоци, кои ќе бидат испратени до надлежните институции.
_____________________________________________________________________________________
Проектот „Живот зад решетки!” на Хелсиншкиот комитет за човекови права е поддржан од Амбасадата на Соединетите американски држави во Северна Македонија. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/ авторот(ите) и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
[1] Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде, се на имплементаторот (ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
[2] На територијата на Република Северна Македонија функционираат 11 казнено-поправни установи. Во периодот на посетите, КПУ Затвор Битола беше затворен поради реконструкција, поради што не беше возможно да се оствари посета.