Тркалезна маса: Пробациска служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем

мај 14, 2025

На тркалезната маса на тема: Пробациска служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Македонско здружение на млади правници, Македонско пенолошко друштво и Здружението ИЗБОР, на 29 април, беше презентиран документот „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025)“ за период на следење 2024 година. Документот го изработи Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Целта на анализата беше да се процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива имплементацијата на предвидените активности, каков е нивниот квалитет и динамиката на меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата.

На тркалезната маса свое излагање имаа директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и раководителката на Одделението за надзор над извршување на пробациски работи, Дијана Ѓеровска, кои ја презентираа состојбата во казнено – поправните установи, како и активностите и плановите за натамошниот развој на пробациската служба.

Иако има значаен напредок во развојот на пробациската служба, останува потребата за нејзин непречен континуиран развој, бидејќи таа претставува алатка на современата кривична правда и е иднината на затворскиот систем. Со развојот на пробациската служба, во голема мера ќе се придонесе кон намалувањето на пренатрупаноста во затворите.

Тркалезната маса се одржа во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската унија.