Судот донесе правилна одлука, апел до обвинителството да спречи одмазда кон Иловска
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува одлуката на Основниот суд Велес да ја ослободи Пале Иловска од обвинението за убиство во миг. Водејќи се од изнесените докази на главната расправа, судот констатираше дека делото е направено во нужна одбрана и ја потврди оправданоста на нашите залагања за промена во обвинението, поради историјата на насилство во овој случај.
Комитетот и понатаму ќе ја следи постапката и ќе бара одговорност од полициските службеници од СВР Велес, кои со своето непостапување по пријави за семејно насилство, грубо ги прекршиле своите законски овластувања и овозможиле ескалација на насилството.
Во вчерашното сведочење, Иловска изјави дека до неа стигнале информации дека колега на починатиот полицаец сакал да ја одмазди неговата смрт. Апелираме до јавното обвинителство веднаш да покрене постапка по допрен глас и да превенира понатамошно насилство врз една долгогодишната жртва, која не добила заштита од институциите.