февруари 16, 2022

Хелсиншки комитет: Ксенофобијата не е инцидентна појава во нашето општество

Линк до оригиналната статија

 

Низата инциденти и зголемениот говор на омраза насочени против припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои привремено престојуваат во Македонија, го покажуваат ниското ниво на толеранција кон различните и високиот степен на ксенофобија во општеството. И покрај тоа што Министерството за внатрешни работи, односно Агенцијата за национална безбедност, веднаш излезе со информации дека оваа група има привремен и регулиран престој во земјава и дека таа не претставува никаква опасност по безбедноста на граѓаните, тоа не ги спречи изливите на омраза кон нив и нападите со камења и јајца со кои им беше загрозена нивната сигурност. Притисокот со кој се соочиле во Куманово, продолжил и во Скопје, каде на 15 февруари 2022 година повеќе хотели одбиле да ја сместат групата, а нејзин член јавно се пожали дека полицијата повеќе им одмагала, отколку што помогнала.

Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека е загрижувачки што омразата кон луѓе од други култури и религиозни групи веќе одамна не е инцидентна појава во нашето општество. За време на бегалската криза 2016-2018 година, говорот на омраза кон мигрантите и бегалците, од политички причини беше постојано засилуван со лажни вести и дезинформации, кои дополнително влијаеа за раст на ксенофобијата кај населението. Таквата реторика остава долгорочни предрасуди и последици врз ставовите на луѓето и ја руши сликата за гостопримлива и толерантна земја, како што сакаме да се нарекуваме. Тоа е причината што ваквите сентименти се повторуваат во различни прилики, како говорот на омраза кон авганистанските бегалци кои летоска беа привремено сместени во земјава, или во спорадични инциденти, како што беше нападот на расна основа врз група Корејци на почетокот на пандемијата на Ковид-19 во 2020 година.

Констатираме дека во овој, но и во останатите споменати случаи, своја улога имаат и дел од медиумите, кои со своето неодговорно и тенденциозно известување придонесуваат за јакнење на ксенофобичните чувства кај граѓаните, а кои понатаму водат и до извршување на дела од омраза.

Апелираме надлежните институции внимателно да го следат овој случај и да обезбедат навремена заштита согласно меѓународните стандарди. Истовремено, апелираме и внимателно да се следи говорот на омраза на социјалните медиуми, кој може да предизвика понатамошни непосакувани инциденти.