Строга осуда за плановите за изградба на триметарски ѕид во општина Ѓорче Петров
јуни 9, 2021
Мрежата за заштита од дискриминација бара од општина Ѓорче Петров итно да се повлече од намерата за изградба на триметарски ѕид во маалото каде што живее претежно ромско население. По првичните реакции и протести на жителите, од надлежни лица во општината беше посочено дека станува збор за ограда која е наменета за заштита и превенција од идни сообраќајни несреќи во овој дел од општината. Сепак, јасно е дека образложението е неосновано затоа што очигледно станува збор за споредна уличка и видлива е намерата да се затвори цел дел каде што има неколку куќи коишто се наоѓаат блиску до улицата. Самата улица не важи воопшто за многу прометна и на конкретното место постои тротоар што ги оддалечува куќите од улицата.
Без оглед на обидите да се објаснат „безбедносните“ цели на планот за градење на спорниот ѕид, ова решение несомнено води кон сегрегација на населението во општината. Градење ѕид непосредно до живеалиштата на Ромите од Ѓорче Петров не смее да се прикажува како единствено можно решение за сообраќајна безбедност на децата и другите граѓани кои живеат во овој дел од општината. Особено е неприфатливо кога очигледни дискриминаторски практики се презентираат како добробит за локалните жители и за нивна наводна заштита од несакани последици, спротивно на волјата на жителите.
Поради сето ова, бараме општината да ги запре градежните активности во населбата Ге-Ге и да изнајде други решенија кои ќе ја подобрат безбедноста на населението, решенија кои не вклучуваат градење физички бариери помеѓу луѓето, а кои по дефиниција значат сегрегација, укажуваат на вкоренет расизам во институциите и општеството и се косат со основните уставни начела.
Практика на поставување ѕидови околу населби каде живеат Ромите има во повеќе општини. На ваков начин Ромите дополнително се сегрегираат, им се отежнува пристап до остатокот од градот и им се праќа порака дека се непожелни. Сегрегацијата е забранета со Законот за спречување и заштита од дискриминација, од каде бараме Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да го испита случајот и да препорача прекинување на ваквите практики.
…
Соопштението е изготвено во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.