Стратегии и политики за борба против криминалот од омраза и говорот на омраза во Југоисточна Европа
Мисијата на ОБСЕ во Србија, во соработка со Министерството за човекови и малцински права и социјален дијалог, на 20 и 21 ноември, организираше регионална конференција на тема „Борба против криминалот од омраза и говорот на омраза во дигиталните и физичките сфери во Југоисточна Европа – стратегии и политики“.
Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на конференцијата говореше за предизвиците при гонењето на злосторствата од омраза и говорот на омраза во Република Северна Македонија.
„Прво, понекогаш не се прави разлика помеѓу криминал од омраза и говор на омраза. На пример, во случај на графити, тие можат да бидат предмет на истрага според исто кривично дело (член 319, КЗ), но тоа може или да претставува криминал од омраза и говор на омраза и потребно е големо знаење за двете прашања од страна на властите.
Второ, не постои заедничко разбирање за овие феномени меѓу полицијата, обвинителите и судиите. Институциите за спроведување на законот често немаат специјализирана обука за да ги идентификуваат и документираат мотивите за пристрасност, кои се од суштинско значење за ефикасно гонење на злосторствата од омраза, а мотивот за пристрасност може да се изгуби во постапката почнувајќи од полицијата, па се до судиите.
Надлежните органи немаат соодветна база на податоци за регистрираните и истражените кривични дела мотивирани од пристрасност. Иако Министерството за внатрешни работи се придржува и објавува некои статистички податоци во своите годишни извештаи, се чини дека не се прави јасна разлика помеѓу говор на омраза и криминал од омраза.
Процедуралните бариери се јавуваат и во контекст на онлајн говорот на омраза. Секторот за сајбер криминал на Министерството за внатрешни работи, може да идентификува дигитални идентитети зад штетната содржина, но поврзувањето со физичките идентитети често бара соработка од глобалните платформи за социјални медиуми – процес полн со одложувања и јурисдикциски пречки.
Еден од нашите најважни предлози е полицијата, обвинителите и судиите да собираат и објавуваат сеопфатни, споредливи и разделени податоци за злосторствата од омраза и говорот на омраза, вклучувајќи го и бројот на такви инциденти пријавени од јавноста и регистрирани од органите за спроведување на законот; бројот на пресуди; мотивите за овие злосторства и изречените казни.
Поддршката на жртвите мора да биде централен фокус. Злосторствата од омраза се „злосторства со порака“, насочени не само кон поединци, туку кон цели заедници, ширејќи страв и поделеност. Обезбедувањето пристап до правдата за жртвите бара механизми кои обезбедуваат психолошка и правна поддршка, ги штитат жртвите од одмазда и ја олеснуваат нивната реинтеграција во општеството“, истакна Петковска во своето обраќање и додаде дека иако Северна Македонија постигнала напредок во криминализирањето на злосторствата од омраза и говорот на омраза, останува уште многу да се направи за да се обезбеди ефективно спроведување и заштита на жртвите.
Потребни се појасни правни дефиниции, специјализирана обука и подобрени механизми за поддршка на жртвите се од клучно значење, а тоа може да се постигне преку поттикнување на соработката меѓу органите на прогонот, судството и граѓанското општество.
Фото: ОБСЕ Србија