Правдата мора да биде брза и недвосмислена во осудата на родово заснованото насилство
ноември 25, 2024
Почетокот на годинешната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство’’ се совпаѓа со разочарувачката пресуда на Кривичниот суд во Скопје, за 13 лица, за трговија со дете, полов напад и силување и производство и дистрибуција на детска порнографија, која е под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела.
И овој последен случај, но и многу претходни случаи на родово базирано насилство и зголемемиот број фемициди, како најтешка форма на овој вид насилство ја покажуваат итната потреба од системски реформи, што ќе значи построги казни за злосторства против жените. Освен совесното, одговорното и сензитивно однесување на полицијата, обвинителите, судиите, адвокатите, центрите за социјални работи, медиумите и сите други чинители во општеството мора да вложат повеќе напори за надминување на мизогините предрасуди во правните постапки и со тоа да придонесат значајно да се промени јавната свест кон овој вид насилство во целото општество.
Жртва на семејно насилство парадоксално беше гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство и тоа не е прв случај кога жените што претрпеле семејно насилство не само што не биле заштитени од страна надлежните институции, туку и самите биле пријавувани и третирани како сторители на семејно насилство.
Решавањето на кризата на родово основано насилство е итно затоа што бројот на жртвите во Република Северна Македонија воопшто не се намалува.
Годинава бевме сведоци на предизборната кампања за парламентарни и претседателски избори, обележана на сексистички и шовинистички и мизогени напади врз жените.
За да се промени оваа состојба правдата мора да биде брза и недвосмислена во осудата на оние кои нанесуваат штета на девојчињата и жените, а јавноста треба да биде будна кога станува збор за очигледни примери на родово базирано насилство.
На ниво на целото општество, само солидарноста и посветеноста кон искоренување на родово базираното насилство во сите негови форми може да даде позитивни резултати. Во спротивно, неказнивоста и нормализацијата на родовото насилство вкоренето во системските нееднаквости и патријархални норми и понатаму ќе произведува жени и девојчиња – жртви.
„16 дена активизам против родово базирано насилство“ е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права.
Хелсиншкиот комитет за човекови права се придружува кон борбата против родовото и семејно насилство и останува посветен кон поддршката на сите жртви на овој вид на насилство.