Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија
Потребен е сеопфатен пристап за спречување, заштита и обезбедување ефективно гонење на сите случаи на насилство врз жени и семејно насилство, а исклучително важна е соработката меѓу државните институции и граѓанското општество, беше истакнато на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ што на 5 декември ја организираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, истакна дека во целиот систем на заштита е особено значајно зајакнувањето на улогата на невладиниот сектор и дека има „силна потреба од соодветно финансирање“ за да може да се одржат службите за поддршка кои им нудат заштита на жртвите што доживеале родово базирано или семејно насилство.
„Мисијата работи заедно со институциите за да го подобри пристапот до правдата за жртвите и преживеаните. И граѓанското општество останува наш клучен партнер во оваа борба“, рече амбасадорот Вал. „Овој настан е потсетник не само да се зборува, туку да се премине на дела. Фокусот е да се изградат механизми за подобро справување со насилството врз жените и семејното насилство на локално и централно ниво, преку ангажирање на младите, институциите и граѓанските организации да развие вистинска нулта толеранција за насилството врз жените.
Според сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, треба да се идентификуваат опипливи решенија што може да се спроведат за зајакнување на оваа заедничка борба, односно, како што рече, „да бидеме иновативни во соработката која ќе направи трајни промени во борбата против семејното и родово-базираното насилство“.
Семејното насилство не е приватна работа, рече таа, туку општествена грижа која бара „координиран одговор, унисон глас кој ќе го пробие молкот на оние кои страдаат во тишина“. Порача дека е неопходна соработка што ја надминува реториката и води до конкретни, трансформативни резултати.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска соопшти дека се отворени 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во шест плански региони, како и 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осум за психосоцијален третман за сторители на семејно насилство.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, рече дека е потребно да се регистрираат и фемицидите преку посебна платформа, бидејќи и тие се дела од омраза, кои во 2023 година ги имаше три што е голем процент за мала земја како нашата. Хелсиншкиот комитет е единствена институција која изминатите години ги регистрира делата и говорот на омраза во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство, Законот за заштита од родово базирано насилство и семејно насилство предвидува интердисциплинарен пристап, но за жал, тоа не е постигнато во пракса, посебниот третман и пристап кон жртвите на родово базираното насилство во најголем дел од случаите останува несоодветен.
„Она што е најстрашно е дека родово базираното насилство се’ уште не се дефинира како такво, не се процесира како такво, туку и понатаму се квалификува како семејно насилство“, исткна Пировска и додаде дека пријавите на жртвите за насилство не се третираат како пријави туку како поплаки што претставува отстапување од законот, а тоа е клучно за понатамошната заштита на жртвата.
Центрите за социјална работа треба да имаат посебни оддели кои ќе се занимаваат со жртвите на семејно насилство, кои и понатаму се жртви не само на непостапувањето на институциите, туку се жртви и на средината во која се наоѓаат, а тоа е нагласено во постапките на полициските службеници особено во помалите места. Сето ова се илустрира во случаите не фемицидите, бидејќи имало долгогодишно пријавување на сучајот, долгогодишно несоодветно и ненавремено непостапување и на полицијските службеници и сите што се задолжени да пружат заштита на жената во центрите за социјална работа. Тие убиства можеле да се спречат, но не се спречиле заради поимањето на службениците дека ќотекот е право на мажот. И никој не сноси одговорност.
Пировска предупреди дека последните неколку години граѓанскиот сектор веќе не е доволно силен. „Тоа е така затоа што пристапот кон средства и ресурси е намален, само 30 отсто од буџетите смеат да се наменат за плати и тоа не’ оневозможува да бидеме силен и кредибилен граѓански сектор кој што ќе се носи со предизвиците што не се мали во ова општество“, истакна Пировска.
Граѓанскиот сектор го обезбедува она што државата не може да го обезбеди за што треба да добие соодветна поткрепа, меѓутоа граѓанскиот сектор во Македонија таа поткрепа веќе ја нема, ниту пак го има соодветниот одговор од институциите, со неколку исклучоци. На пример, со образованието нема никаква соработка, а е основен сегмент што треба да помогне во изградбата на свеста на идните генерации за улогата на жената во ова општество. Мисијата на ОБСЕ досега има многу придонесено за родовата еднаквост, но странските организации треба да размислат за пристапот кон граѓанските организации со оглед дека тие извршуваат важни функции во општеството, како што е заштита и обезбедување на многу сервиси за најранливите и најмаргинализираните во општеството.