Паралелна конференција на граѓанското општество за човековата димензија за време на претседавањето за Република Северна Македонија со ОБСЕ

декември 4, 2023

Запирањето на војната против Украина и зајакнувањето на граѓанското општество се главните препораки на претставниците на граѓанското општество од целиот регион на ОБСЕ на Паралелната конференција на граѓанското општество што се одржа на 29 ноември во Скопје. Оваа конференција го одбележа крајот на претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ.

Конференцијата собра повеќе од 120 претставници на граѓанското општество, а беше донесена Скопската декларација со која се нагласува потребата за прекин на војната против Украина, за зајакнување на граѓанското општество и се бара од земјите – учеснички да продолжат со нивните заложби за човечката димензија.

Делегациите разговараа и за безбедносната ситуација во Европа, за младите и граѓанското општество, плурализмот и безбедноста на новинарките.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници  и Институтот за европска политика подготвија извештај за самоевалуација на човечката димензија во Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ.

Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права ги презентираше наодите од обласите: говор и дела од омраза и родовите прашања.

„Феномените на говор на омраза и дела од омраза во Република Северна Македонија се многу опасни, бидејќи ние сме мултикултурна, мултиетничка, мултиконфесионална држава и оттука е многу важно да се воспостави прифаќање на различностите во општеството. А токму говорот на омраза и делата од омраза покажуваат дека во едно општество има голема поларизација. Најголем  број од случаите на дела од омраза се врз основа на етничка припадност што многу говори за односите меѓу етничките заедници и за фактот дека Република Северна Македонија не вложи доволно во прифаќањето на различностите. Во зависност од секоја политичка ситуација, кај нас се зголемува и бројот на случаите на говор и инцидентите и кривичните дела од омраза“, истакна Пировска.

Недостасува соодветен одговор од органите на прогонот кога се работи за говор и дела од омраза. Има само пет пресуди за говор на омраза,  а тој е секојдневие, особено е распорастранет на социјалните мрежи, а  личности кои шират говор на омраза имаат влијание во јавната сфера.

Република Северна Македониа е единствена држава во регионот каде што не постои државна институција што секојдневно би прибирала податоци за овие кривични дела. Тоа го прави Хелсиншкиот комитет, преку две платформи, а од 2013 година со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Родовите прашања станаа особено важни во моментот кога се направи обид да се стесни просторот на жените на избор кога станува збор за нивното тело, односно за спречување на бременост.

„Жените во Република Северна Македонија се ранлива категорија, имаме голем процент на фемициди, при што сме констатирале дека сите надлежни органи што требале да постапуваат и да ја заштитат жртвата не ги преземале соодветните мерки за таа жртва да биде безбедна и насилникот да биде отстранет. Напротив, кај нас се случува обратното. Заради еконимската зависност најчесто се случува жената со децата да го напушти домот и да бара шелтер, а насилникот да остане во домот и повторно заради органите на прогонот, односно судот кој наместо во истиот момент да донесе времена мерка за да нема пристап насилникот во домот  – не го прави тоа“, рече Пировска.

Таа посочи дека жените се експлоатирани, особено во текстилната индустрија каде се помалку платени, а во државната администрација иако повеќе од 60 отсто се жени, нивните плати не се еднакви со машките државни службеници. Истовремено,  антиродовите движења земаат огромен замав. Во Република Северна Македонија не се успеа да се донесе закон за родова еднаквост, затоа што за антиродовите движења родот е многу опасна работа да биде дефиниран како што е во предлог законот затоа што тоа значи дека ќе се даде права и визибилност на трансродовите лица и тој закон не се донесе затоа што партиите калкулираат пред избори дека ќе изгубат политички поени. Истото се случи со законот за матична евиденција.

Пировска порача дека граѓанскиот сектор во моментов се наоѓа на маргините на општеството. Советот за соработка и развој на владата и граѓанскиот сектор престана да функционира, бидејќи членовите ја бојкотираат неговата работа заради тоа што без консултација со членовите беше сменето неговото функционирање, а средствата беа пренасочени. Тоа покажува назадување кога станува збор за восприемањето на граѓанскиот сектор од страна на власта.

„Затоа верувам дека повторно ќе се најдеме во ситуација да треба да се бориме за нашиот простор во ова општество иза можноста да бидеме суштински слушнати, а не да претставуваме амбалажа со којаќе се китат министрите кога ќе не’ поканат на одреден собир“, нагласи Пировска.

На  Паралелната конференција се обратија министрите за надворешни работи, Бујар Османи и Елина Валтонен, министерката за надворешни работи на Финска и високите претставници на ОБСЕ: Војчех Гервел, државен потсекретар на Министерството за надворешни работи на ОБСЕ, Матео Мекачи, директор на ОБСЕ/ОДИХР,  Тереза Рибеиро, претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Пиа Каума, претседателката на парламентарното Собрание на ОБСЕ и Хелга Мариа Шмид, генералната секретарка на ОБСЕ.