Спортскиот терен не е место за омраза
Иако социјалните мрежи во последниве години станаа примарна арена на говорот на омраза во нашето општество, и понатаму не изостанува злоупотребата на спортските трибини за пласирање понижувачки и навредливи пораки мотивирaни од омраза. За жал, говорот на омраза заснован на етничка и национална припадност традиционално се излева на спортските натпревари, а единствено што се менува е субјектот на омраза на конкретен настан, во зависност од учесниците. Но, со оглед на популарноста на спортските настани, загрижувачки е што таму изнесените пораки полни со омраза добиваат поголема видливост, вклучително и на традиционалните медиуми, а со тоа се зголемуваат и негативните ефекти од ваквиот говор.
Токму такви последици имаат извиците и пораките од навивачите на фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија. Хелсиншкиот комитет за човекови права во континуитет го осудува говорот на омраза и предупредува дека тој има дополнителна тежина во контекст на актуелните политички односи. Разорните ефекти од јавно манифестираната омраза значат понатамошно продлабочување на поделбите и намалување на просторот за рационален и толерантен дијалог во рамки на општеството и во меѓусоседските релации.
Хелсиншкиот комитет апелира до сите политички, спортски и други општествени чинители да се придружат во осудата на овој говор, и тоа да го сторат не само заради политичкиот момент, туку и за да се испрати јасна порака дека е неприфатливо ширењето омраза на јавни места и настани. Перцепцијата дека спортските настани се соодветно место за „вентилирање“ на омраза и нетрпеливост мора да се промени, исто како кое било однесување кое придонесува за создавање нетолерантна и вжештена и атмосфера во општеството.