Солидарност наместо ксенофобија!
август 18, 2021
Хуманитарната криза во Авганистан и владината најава за привремено прифаќање на бегалци од оваа земја очекувано е проследена со интензивен говор на омраза и обиди да се шири ксенофобија меѓу граѓаните. Изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите беа постојано присутни во јавниот дискурс. Иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем.
Со оглед на досегашните искуства во земјава со реториката во предизборни периоди, Хелсиншкиот комитет стравува од можното искористување на авганистанската криза во пресрет на локалните избори. Токму затоа, упатуваме апел до медиумите, а особено до политичарите, да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели. Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во наредниот период будно ќе ги следи случувањата на терен и ќе овозможи правна поддршка за 450-те хуманитарни работници, граѓански активисти, новинари, преведувачи и нивни семејства, кои ќе бидат прифатени во земјава и згрижени во неколку хотели. Комитетот исто така го следи и ксенофобичниот говор во јавноста и редовно ќе поднесува пријави за говор на омраза до надлежните институции.