Собранието го сокри огласот за Народен правобранител од јавноста! Бараме Собранието да го поништи и повторно да го објави огласот на транспарентен начин!

декември 24, 2020

 

Собранието на РСМ на крајно нетранспарентен и малициозен начин ја започна постапката за именување нов Народен правобранител.

На 22-та пленарна седница, одржана на 26.11.2020 година, Собранието изгласало Одлука за распишување на оглас за избор на Народен правобранител. Имајќи ги предвид јавниот интерес за избор на првиот човек на најголемата национална институција за човекови права, како и почитувањето на Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН[1] и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија[2], Мрежата за заштита од дискриминација повеќе пати апелираше одлуката за распишување оглас за избор на Народен правобранител да биде објавена јавно и транспаренто. Наместо тоа, Собранието на РСМ оваа одлука ја објави само во Службен Весник бр.285 од 30.11.2020 и во три печатени медиуми: Слободен Печат, Нова Македонија и Koha.

Имајќи го предвид повеќегодишниот тренд на напуштање на печатените медиуми и сѐ поголемо читање и информирање од електронските медиуми, може да се заклучи дека ваквото објавување на огласот е тенденциозно со цел што помала информираност на јавноста, а со тоа и на потенцијалните заинтересирани кандидати за пријавување по огласот. Ниту еден поголем електронски медиум, вклучително споментатите печатени медиуми на своите веб-страници, немаа објевено никаква информација за огласот за избор на Народниот правобранител. Оваа е особено симптоматично бидејќи повеќе поголеми медиуми континуирано известуваа околу потребата за распишување на оглас за избор на нов Народен правобранител и покажува дека Собранието не ги известило ниту медиумите за оваа одлука. За ова воедно говори и фактот што ниту една релевантна домашна или меѓународна организација воопшто не беше запознаена со распишувањето на огласот за избор на нов Народен правобранител, ниту со рокот во кој заинтересираните кандидати можеа да се пријават на огласот.

Дополнително, малициозен е и начинот на објавување на одуката за распишување на огласот на веб-страницата на Собранието. Сите јавни огласи на Собранието се објавени на веб-страната на Собранието во категоријата „Огласи“[3]. До моментот на изготвување на оваа реакција огласот за избор на нов Народен правобранител не може да се најде во оваа категорија, а одлуката за него може да се најде само во дневниот ред за 22-та седница, објавен во делот „Пленарни седници“. Оттука, јасно е дека целта на Собранието е да го затскрие огласот од очите на јавноста и се остави поголем простор за партиско пазарење во изборот на Народниот правобранител помеѓу парламентарните партии.

Мрежата за заштита од дискриминација ги осудува и пратениците/чките кои гласале по предлог одлуката за објавување на оглас за избор на нов Народен правобранител, а за истото не ја известиле јавноста, особено бидејќи го знаеле начинот на објавување на јавниот оглас.

Со оглед на тоа дека огласот за избор на нов Народен правобранител е истечен, а неговото објавување е направено на начин со кој се кршат принципите на јавност, транспарентност и конкурентност во постапката за избор на нов Народен правобранител, предвидени и со Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН  и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија, Мрежата за заштита од дискримианција бара од Собранието на РСМ да го поништи овој оглас и јавно и транспарентно да објави нов оглас за избор на Народен правобранител.

Собранието веќе еднаш се има послужено со ваква пракса при објавувањето на оглас за членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кога го поништи објавениот оглас од јуни 2019 година и кога објави нов оглас за избор на членови на Комисијата во декември 2019 година.

Оправдано се соменваме дека огласот намерно не се дистрибуирал во јавноста бидејќи кандидатот за Народен правобранител е веќе договорен помеѓу партиите. Оттука, пропаѓаат сите ветувања за департизација на општеството, а особено за независните институции за човекови права кои имаат мандат да ги штитат правата на граѓаните од власта. Прашуваме, како е возможно кандидат назначен по партиски клуч ефикасно да ги штити правата на граѓаните кога тие се повредени од страна на истата власт?!

Ветувањето за „едно општество за сите“ останува празна предизборна флоскула доколку не се назначат соодветни кадри кои ќе работат на реформирање и унапредување на клучните институции кои ги штитат правата и еднаквоста на граѓаните. Партиското назначување на кадри во овие институции само по себе е јасен показател за недостатокот на волја за унапредување и почитување на правата на граѓаните и негрижа за доборосостојбата и напредокот на земјата. Народниот правобранител е последната институција во која треба да се вдомуваат нестручни партиски кадри, бидејќи на ваков начин се повредуваат одредбите од Уставот кои гарантираат независност на институцијата.

 

 

[1] Paris Principles  https://nhri.ohchr.org/EN/AboutUs/Pages/ParisPrinciples.aspx

[2] Principles on the protection and promotion of the Ombudsman institution https://www.venice.coe.int/webforms/documents/default.aspx?pdffile=CDL-AD(2019)005-e

[3] https://www.sobranie.mk/oglasi.nspx

 

2