Сите сме различни, но заслужуваме еднакви шанси!
март 27, 2017
Пишува: Елена Зисовска, помошник тренер по пливање -волонтер и координатор за програмата Млади Атлети во Специјална Олимпијада Македонија, триатлонец
Приликата да ги запознаам членовите на Специјална Олимпијада Македонија ја имав на часовите по пливање кои ги посетував, практикувајки ги сопствените спортски активности. Веднаш ме освоија со нивното позитивно расположение, но и со силната волја да се докажат наспроти постојаното соочување со различните бариери и раширеното неверување во нивните способности. Немаше дилеми, се појави обострана мотивација и тоа во вистинско време. Искрено се прифативме и заеднички тргнавме кон нови предизвици и преиспитување на границите.
Како човек, којшто меѓу другото работи на терен со овие лица, од прва рака сакам да ви претставам како изгледаат тренинзите и дружбите со луѓето со интелектуална попреченост, затоа што сметам дека заради предрасудите и сожалувањето што мнозинството ги има за нив, не може да се види вистинската слика.
Често се среќавам со негативни ставови и мислења, редовната популација не ги прифаќа овие луѓе во своја близина и смета дека комуникацијата и работата со нив е тешка и мачна. Напротив, моментите кои ги поминуваме заедно се спонтани и исполнети со радост и задоволство. Покрај тоа што се забавуваме, тренираме дисциплинирано и напорно, а вежбите ги прилагодуваме на индивидуалните можности. Ние не се фокусираме на слабостите, туку извлекуваме максимум од секој поединец.
На нашите тренинзи се чувствува олимпизмот во својата најчиста форма, ги вежбаме телото и умот преку другарство, солидарност и фер игра. Тоа е идејата на Специјална Олимпијада, како најголема светска организација која спроведува спортски активности за лицата со попреченост, да им обезбеди шанса да ја почувствуваат среќата што спортот им ја носи на луѓето. Спортот не е нечие ексклузивно право, спротивно на тоа, со својата разноликост им дава можност на сите да учествуваат во процес на стекнување самодоверба, подобрување на целокупното здравје и откривање на својата вредност.
Луѓето со интелектуална попреченост можат да постигнат многу доколку добијат соодветна шанса, а спортот ја има таа моќ да ги изгради во личности кои можат да бидат активно вклучени и да допринесат во општеството. Со тоа што ги зајакнува натпреварувачкиот дух и лидерските способности, им овозможува полесно учество во сите сфери на живеењето.
Сум видела како оние во кои најмалку се верува дека можат, даваат сè од себе да го докажат спротивното и мислам дека светот има потреба да ја види нивната борба. Тие се способни да стекнат неверојатни вештини и можат да бидат вистинска инспирација.
Во таа насока, сакам да ја истакнам потребата од пристап до спортски активности за сите, што ќе им овозможи да постигнат успеси и да се охрабрат преку своите достигнувања. Така лицата со интелектуална попреченост не би биле исклучени од интеграција само затоа ретко добиваат шанса да се развиваат.
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.