Системска дискриминација кон земјоделките/ците во остварување на правото на платено отсуство поради бременост, раѓање, мајчинство и боледување
април 11, 2023
Мрежата за заштита од дискриминација и Комсијата за заштита од дискриминација на 11 Aприл 2023 година одржаа прес-конференција со која алармираа за проблемот со правото на надомест во случај на бременост, мајчинство и боледување кај земјоделците како проблем на дискриминација и нееднаков третман.
Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер посочи дека иако проблемот е актуелен повеќе години, соодветно решение сѐ уште не е донесено. Таа изјави: „Најчесто кога зборуваме за земјоделците помислуваме на субвенции, но никогаш не помислуваме дали овие луѓе навистина имаат пристап до права и колку тие навистина се изгубени во лавиринтите на нашите законски регулативи. Тие се оние што не се на терет на буџетот, сами уплаќаат пензиско и здравствено осигурување, произведуваат храна за сите нас, а не можат да пристапат до ниедно право согласно ЗРО, немаат платено боледување, немаат право на годишен одмор и немаат право на платено породилно отсуство“. Таа додаде: „Жените земјоделки работат од 11 до 16 часа дневно, зависно од тоа во која активност се вклучени во земјоделството и притоа немаат право ниту на платено породилно отсуство ниту на платено боледување, а многу им е потешко дури и да пристапат до права од социјална заштита. Правото на користење платено породилно отсуство за жени регистрирани како индивидуални земјоделки го издвоивме како приоритет, кое се надоврзува на правото на платен надоместок поради болест или повреда и со тоа претставува нееднаквост во пристапот до права за жените земјоделки со жените работнички од другите области“. Тошеска истакна: „Ако го погледнеме подлабоко Законот за здравствено осигурување, ќе видиме дека и покрај тоа што индивидуалните земјоделци се здравствени осигуреници – го имаат тој статус во член 5, сепак во член 14 каде што се регулирани правата на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, во широката листа на учесници коишто постојат таму, индивидуалните земјоделци отсуствуваат – не се опфатени. Според податоците на ФЗОМ, во 2021 година, евидентирани биле 17.233 активни земјоделци опфатени со задолжително здравствено осигурување, а според најновите податоци на МЗШВ, според Закон за пензиско и инвалидско осигурување во 2022 се евидентирани 1075 жени со статус на индивидуален земјоделец. Овие 1075 жени не можат да пристапат до правото на породилно отсуство“.
Анастасија Муратовска од Комсијата за спречување и заштита од дискриминација соопшти дека КСЗД донесе мислење со кое утврди индиректна, интерсекциска и продолжена дискриминација кон жените индивидуални земјоделки како здравствени осигуренички во остварување на правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство – право на платено породилно отсуство. Таа додаде: „Со истото мислење беше утврдена и индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки и индивидуалните земјоделци како здравствени осигуреници, во остварување на правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест или повреда – право на платено боледување. Тие ги остваруваат правата на здравствени услуги, но не ги остваруваат правата на платени надоместоци на еднаква основа со останатите осигуреници. Постои нееднаков третман меѓу индивидуалните земјоделци и другите здравствени осигуреници, кои пак, во целост ги остваруваат правата од здравственото осигурување. Со исклучување на индивидуалните земјоделци од правото на платено породилно отсуство и право на платено боледување се придонесува кон дополнителна маргинализација на оваа група на работници.“. Муратовска истакна дека: „Комисијата има законска обврска за следење на издадените препораки и следењето на препораките не се врши формално, туку суштински се гледа дали е отстранет нееднаквиот третман. Тоа би значело дека решението на овие проблеми не смее да биде дискриминирачко. Не случајно го споменувам ова, бидејќи во текот на постапката, од страна на Владата на предлог на МЗШВ беше донесена Програма за социјална сигурност на жените што вршат земјоделска дејност. Оваа Програма како ад хок решение предвидува финансиска помош за индивидуалните земјоделки коишто имаат статус на здравствени осигуренички во случај на привремена спреченост во вршење на земјоделската дејност поради раѓање. Меѓутоа, ако појдеме од тоа дека правото на платено породилно отсуство е основно човеково право кое треба да биде предмет на законска регулација, ваквата Програма не е перманентно или одржливо решение. Програмата е временски и финансиски ограничена, со што се продолжува неизвесноста во остварување на платеното породилно отсуство кај жените земјоделки и се создава правна несигурност. Дури и со постоењето на оваа Програма, Законот за здравствено осигурување и понатаму би продуцирал дискриминација“.
Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини порача дека системското решавање носи економски бенефити на долг рок за државата. Таа додаде: „Моментално имаме законско решение коешто не ги мотивира жените да се регистрираат и како такви тие остануваат неактивно население. Со овозможување на повеќе права поради статусот на индивидуален земјоделец, ќе се мотивираат жените да се регистираат, што на долг рок претставува нивно прелевање од неактивно во вработено население, и нивниот приход – од приход којшто се остварува во неформална економија – во приход којшто понатаму ќе се оданочува и ќе се слева во формалната економија“. Дрндаревска истакна дека: „ФЗОМ е најдобро позиционирана институција да го администрира и да го остварува ова право за разлика од Програмата на Влада која има поголеми ризици на злоупотреба – системот на ФЗОМ е многу постабилен и одржлив. Постоење на програма не гарантира сигурно спроведување на мерка. Има бројни програми на Владата коишто или не се реализирале или се реализирале делумно. Државата треба да оди кон овозможување платено породилно отсуство како поуниверзално право, без разлика за која категорија на жени станува збор. Ова право треба да им биде достапно на работничките, на земјоделките, на самовработените лица и нивните партнери. Директивата на ЕУ треба да ја хармонизираме во националното законодавство и секако да се оди кон препознавање на неплатените домашни работнички како носителки на ова право“.
Маја Морачанин од Демократска обнова на Македонија изјави: „Навистина сметам дека мора да се најде системско законско решение за да можат индивидуалните земјоделци да си ги остваруваат своите права на платено боледување и платено породилно отсуство. Се согласувам апсолутно дека доколку луѓето што живеат и работат вон големите градови се чувствуваат дискриминирани и не можат да остварат основни права за разлика од другите работници – тогаш не може да оствариме рамномерен развој, рурален развој и развој на овие средини“.
Рашела Мизрахи од ВМРО- ДПМНЕ изјави: „Во светов се прави аналитика на сѐ и сешто вклучително и недостатокот на платено отсуство поради бременост и пораѓање кој придонесува кон зголемување на нарушено ментално и физичко здравје на мајките и физичкото здравје кај новороденчињата; кој ја зголемува можноста за семејно насилство, ја зголемува смртноста кај новороденчињата и создава нервозна и тенденциозна атмосфера во рамки на семејството. Нарушеното здравје кај мајките кои го имаат овој недостаток во 51% случаи завршуваат со хоспитализација во текот на првата година по породувањето, а истото се случува и со новороденчињата кои во 47% случаи се рехоспитализирани доколку нема надоместок во рамки на семејството којшто предизвикува или изискува стабилност во самото семејство“. Мизрахи истакна дека: „Програмата за социјална сигурност на жени кои вршат земјоделска дејност сама по себе е дискриминирачка. Ги обврзува земјоделките да имаат примања од 100.000 до 300.000 денари, и бара во пресметката за надоместокот да се земат 12 работни месеци, а не 6 работни месеци како за сите останати. Не се зема предвид дека луѓето можат да имаат и ризична бременост, проблематична бременост, дека може да имаат неработни денови, дека климатските непогоди може да доведат до немаштија таа година и конечно се прави една пресметка којашто е тесно врзана со буџетските ставки – вели, 9000 денари надоместок за оние коишто ќе бидат регистрирани“.
Прес-конфеенцијата беше реализирана во рамки на проектот „Видливи, здружени и гласни- Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ спроведуван од страна на Коалицијата МАРГИНИ, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛАГ Вардар Леадер и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во рамки на програмата Цивика Мобилитас.