мај 26, 2021

Штипски текстилни работнички на протест поради неисплатена плата

  • Околу 40 вработени во конфекцијата АЛКОН-ТЕКС од Штип (во штипската јавност позната како конфекција Лонгуров) денеска организираа и одржаа мирен протест пред седиштето на работодавачот, затоа што не ја добија априлската плата.
  • 110 работници во конфекцијата АЛКОН-ТЕКС од Штип беа испратени на привремен принуден одмор, почнувајќи од 8 април 2021 година, па сè до создавање услови за нивно повторно повикување на работа. Оваа одлука за прекин на дел од работниот процес од деловни причини работодавачот ја донел поради намалена работа и намален работен интензитет. На овие работници им беа доставени поединечни решенија за привремен принуден одмор, во кои било наведено дека за времетраењето на оваа состојба, работодавачот ќе пресметува и ќе им исплаќа плата во висина од 70 отсто. Ова значи дека овој период работниците може да примат надоместок понизок од законски предвидениот износ на минималната плата. Сепак, работодавачот не им ја исплати априлската плата во висина од 70 отсто на вработените во конфекцијата што се на принуден одмор.
  • Текстилната индустрија е убедливо најслабо платена индустрија, а текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната. Жените кај нас се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, што значи дека овие прекршувања на работничките права особено ги погодуваат нив и не може да се занемари родовата димензија на овој проблем.
  • Дополнително, сето ова се случува во услови на тешка здравствена и економска криза, кога трошоците за исхрана и основно живеење на работниците секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на нивните сметки за струја и за вода не се одложува ниту пак чека на нивните плати.
  • Правото на работа и на соодветна заработувачка е уставно загарантирано право на секој вработен. Исплаќањето на плата под минималната, а во случајов неисплаќањето на никаков надоместок, значи сериозен удар по егзистенцијата на работниците и нивните семејства.