Седми марш на толеранција – „Бегалци без граници“
ноември 11, 2015
Водејќи се од традицијата на одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата (16 ноември), Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка и ова година го организираат седмиот Марш на толеранција. Како и претходните години, настанот го посветуваме на констатирани состојби на кршење и непочитување на одредени права и слободи и потребата од нивно надминување. Годинешниот Марш на толеранцијата го посветуваме за да укажаеме на состојбите со правата и слободите на бегалците, за време на нивниот транзит низ Република Македонија, под главниот слоган „БЕГАЛЦИ БЕЗ ГРАНИЦИ“. Маршот на толеранција, ова година, го организираме заедно со Фондацијата Отворено општество – Македонија, Цивил – Центар за слобода и Солидарност.
Почитувањето на универзалноста на слободите и правата, треба да го поттикне политичкиот ангажман на сите субјекти кон солидарност со бегалците.
Илјадници бегалци во изминатиот период, транзитираа низ Република Македонија, упатувајќи се кон европските држави. На нивниот пат до крајните дестинации, во потрагата по подобар живот, овие луѓе се соочуваат со неправда, нехуманост и нееднаквост какo резултат на практиките на владеење во некои земји, нивните економски и политички режими, кои се заканувачки по системот на европски вредности.
И покрај некои официјални изјави и одредена политичка декларативност, се уште не постои единствена европска програма за справување со големиот прилив на бегалци на европскиот контитент. Во недостиг на таква програма, и особено во недостиг на хумани политики, бегалците се изложени на дехуманизација и на нарушување на нивните основни човекови права и слободи.
Од тие причини, годинешниот Марш на толеранција, го посветуваме на бегалците, со цел да се подигне јавната свест и да упатиме апел до властите за обезбедување хуман и достоинствен третман при нивното транзитирање низ Македонија. Исто така, ја потенцираме и потребата од подобрување на инфраструктура на транзитните места и камповите, со цел да се олесни престојот на бегалците.
МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ТОЛЕРАНЦИЈА |
DITA NDËRKOMBËTARE E TOLERANCËS |
БЕГАЛЦИ БЕЗ ГРАНИЦИ |
REFUGJATËT PA KUFI |
Марш на толеранцијата – Скопје – сабота – 14 ноември – во 5 минути до 12 часот напладне – зборно место: Музеј на Град Скопје
Рута на маршот: Музеј на Град Скопје – ул. Македонија – плато пред Универзитетот на ЈИЕ во старата скопска чаршија
#refugeesmk
https://www.facebook.com/events/841289145978752/https://www.facebook.com/events/841289145978752/