Сечењето на дрвјата во Општина Центар е незаконско!
април 25, 2013
Хелсиншкиот комитет имаше можност да го анализира Решението бр. 14-6/224 од 24.04.2013 донесено од страна на Град Скопје со кое се одобрува сеча на 18 дрва во Општина Центар (спроти Хотел Бристол). Решението е изработено, покрај другото, врз основа на Член 10 став 1 точка 4 алинеја 12 од Законот за Градот Скопје. Оваа одредба ги утврдува надлежностите на Град Скопје. Во конкретниот случај Градот се повикува на надлежноста да одржува градски паркови и парк-шуми, утврдени во Генералниот урбанистички план. Во Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012 – 2022 парцелата на која е наредено да се сечат дрвата не е предвидена ниту како градски парк ниту како парк-шума:
Парковите и парк-шумите се обележани со зелена боја (пр. Д1, Д3).
Според тоа, Решението бр. 14-6/224 на Град Скопје е донесено незаконски! Такво решение можела да донесе единствено Општина Центар која има надлежност за зеленилото на нејзина територија. Хелсиншкиот комитет го повикува Градоначалникот на Градот Скопје веднаш да го повлече ваквото решение и да ја утврди одговорноста за неговото незаконско донесување. Исто така упатуваме повик до ЈП „Паркови и зеленило“ кој веќе пристапи кон сечење на дрвјата, веднаш да ги стопира активностите доколку не сака да се вклучи како соучесник на ваквите незаконски постапки.