април 22, 2013

Калајџиев: Досега најкритичен извештај за Македонија од Вашингтон

Тоа што не го гледаше или не сакаше да го нотира Брисел, го забележа официјален Вашингтон.

Владата се меша во судството и медиумите и ги прогонува политичките противници, алармираат со години невладините организации за човекови права во земјава и експертите, но сега конечно овие оценки најдоа свое место и во еден релевантен меѓународен извештај, каков што е тој на Стејт департментот. Професорот Гордан Калајџиев, кој долги години е еден од најголемите поборници за владеење на правото, дури е изненаден, бидејќи како што вели, веќе навикнале на розовите извештаи кои доаѓаат пред се од Европската унија.

Критиките се жестоки, но Калајџиев не е оптимист дека нешто ќе се промени, бидејќи за тоа не гледа политичка волја кај Владата, ниту инситутционална или внатрешна сила на општеството да ги подорби состојбите.

Сепак, надеж му дава овој како што вели, сериозен аларм од Стејт Департментот, чиј ивештај никој не може ниту да го игнорира, ниту да го негира.

Од Американската амбасада во Скопје за денешен Вест, велат дека извештајот не е лош, туку таква е состојбата во земјата, и изразуваат надеж дека тој ќе послужи како средство за една прониклива и фактичка дискусија за предизвиците со кои се соочува Македонија, со Владата и активистите за човекови права.

Од таму порачуваат дека САД ќе продолжат да работат како партнери на народот во земјава за нивно решавање, со цел државата да стане посилна, попросперитетна и постабилна членка на Евроатланската заедница.