Се одржа Маршот за женски права

март 10, 2025

На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во 13:00ч. пред Универзална сала во Скопје започна овогодинешниот Марш за женски права, под слоганот: „Нека јадат ружи!“. 

Маршот, организиран од Платформата за родова еднаквост и независни активист(к)и за женски права, мобилизираше стотици присутни кои протестираа против нееднаквостите и неправдите кон жените и девојките, потенцирајќи дека 8 Март не е ден за учтивост и симболични гестови, туку за подигање на свеста од потребата за унапредување на здравствените, образовните, работничките, културните, политичките и економските права на жените.

По пристигнувањето во паркот „Жена Борец“, каде што традиционално завршува маршрутата, активистките го прочитаа прогласот во кој со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, се осврнаа кон секојдневните системски недостатоци со кои продолжуваат да се соочуваат: 

„Сите сте добредојдени заедно да ја одбележиме и прославиме феминистичка борба за слобода, автономија и социјална правда и да ги потсетиме институциите и јавноста дека:

  • Повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово-базирано насилство. Ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.
  • Сакаме здравство кое лечи, а не убива! Нема повеќе да преговараме дали ќе има лекови за пациент(к)ите на онкологија, и нема да дозволиме родилки да умираат или некој да ги касапи нашите тела и потоа да не одговара пред правдата! 
  • Сакаме безбедни јавни простори во кои се чувствуваме слободни! Потребни се осветлени улици и функционален јавен превоз, но и поголема вклученост на жените во урбанистичкото планирање.
  • Крај на експлоатацијата и работната дискриминација! Работничките во текстилната, преработувачката, земјоделската и културната индустрија заслужуваат безбедни работни услови, праведен надомест и право на боледување и породилно отсуство.
  • Отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни родови стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование! 
  • Поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот за поголема  достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство.
  • Одговорно и родово сензитивно известување во медиумите, но и заштита на новинарките! Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите.
  • Најпосле, бараме вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството.“

На крајот, тие го посветија маршот на „сите паднати борки и храбри жени од минатото и денешницата кои си го посветиле животот на оваа борба“.

 

Платформа за родова еднаквост