Дигитализацијата на администрацијата е еден од клучните чекори за пристап до ЕУ
март 11, 2025

Дигитализацијата на јавната администрација во Западниот Балкан претставува значаен чекор кон интеграцијата на земјите во Европската унија. Таа значи унапредување на институционалната позиција на регионот во европскиот интегративен процес. Имајќи го ова предвид и покрај недостатокот на потребната инфраструктура една ваква европска интегративна мерка треба да биде третирана внимателно. Во спротивно, постои можност надлежните јавни органи и општата јавност да се соочат со зголемен ризик како и недостаток на заштита на личните податоци.
Во овој контекст, четири граѓански организации од регионот: Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, албанскиот Хелсиншки комитет, Програмата за граѓански права во Косово, и Хелсиншкиот комитет за човекови права од Србија, ја спроведуваат иницијативата „Дигитализација на јавната администрација и заштита на личните податоци: Внимателен пристап кон европската интеграција“, финансирана од Фондот за Западен Балкан и Европската унија во рамки на регионалниот проект „Поддршка за промоција на регионалните активности на граѓанското општество во Западен Балкан“.
Како дел од активностите, во Скопје, на 6 март, 2025 година се одржа тркалезната маса на тема: „Дигитализација на јавна администрација во контекст на Евопската интеграција – предности и предизвици на која учествуваа Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација, од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП), Валентин Фетаџокоски и Мила Јосифовска Даниловска, од Фондација Метаморфозис.
Беше заклучено дека дигитализацијата на јавните услуги и заштитата на личните податоци се клучни компоненти на процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Ова треба да биде приоритет во националните реформски агенди, со активно и инклузивно учество на граѓанското општество, органите за заштита на податоците и другите релевантни чинители во овој процес.
Владите и парламентите од регионот треба да преземат проактивни чекори кон имплементација на овие препораки, демонстрирајќи ја нивната посветеност за обезбедување на дигиталната иднина на регионот во согласност со европските вредности и стандарди, во чија срж лежат човековите права и слободи.