Промовирана платформата за следење на фемициди
ноември 25, 2025

Во рамките на денешните активности по повод Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го промовира новиот механизам — Платформа за следење на фемицидите („Femicide Watch“), како дел од кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
На настанот се обрати амбасадорот Килиан Вил, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, претседателката Гордана Силјановска Давкова, претставници од Владата, судии и обвинители и претставници на надлежни институции и граѓански организации.
Опсерваторијата за фемицид помага да се идентификуваат системски празнини, да се учи од минати случаи и да се преземе рана и координирана акција.
„Фемицидот се спречува. Кога институциите работат во меур, ризиците остануваат незабележани и се пропуштаат можности за интервенција. Вистинското спречување започнува со рана акција и заедничка одговорност“, рече амбасадорот Вал.
Меѓу другите говорници, се обрати и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која ја истакна виталната улога на оваа Платформа. Таа подвлече дека со воспоставувањето на стандарди за собирање податоци, меѓусекторска соработка и отчетност, можеме значително да ги зајакнеме институционалните капацитети за превенција и реакција на фемицид.
Пировска нагласи дека има сериозни пропусти кога жртвите често претходно пријавувале насилство, но институциите не преземале соодветни мерки за заштита.
Со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, Платформата „Femicide Watch“ е прва ваква платформа во земјата и ќе служи како клучна алатка за собирање податоци, изработка на анализа и креирање политики за превенција.


