октомври 13, 2015

Промоција на проектот против говор на омраза

Денес, вторник (13. 10. 15) се одржа иницијалниот настан, организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права за проектот против говор на омраза, поддржан од страна на NED (National Endowment for Democracy). На истиот беше промовирана Платформата за борба против говорот на омраза, која е отворена за приклучување од страна на организации и поединци, а е во координација на Комитетот; потоа беше промовиран и Ѕидот на срамот, со цел да се крене јавната свест за присутноста на говорот на омраза во јавната сфера; како и беше промовирана „Анализа на состојбите, заштитата и можностите за превенција на говор на омраза во Република Македонија“, подготвена од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Некои од наодите од Анализата беа споделени со јавноста, за време на иницијалниот настан, при што беше посочено дека најголема фреквенција на говорот на омраза е забележан за време на предизборните периоди по основ на етничката припадност.

Исто така, според истите наоди, најголем број на пријави на говор на омраза се по основ на етничка, расна и верска припадност, по основ на јазик и на националност. Не се исклучени ниту говорите на омраза според пол, род, сексуална ориентација и родов идентитет.

За време на настанот, Елена Брмбеска, координаторка на проектот, изјави: „Постои ниска свест кај граѓаните што претставува говор на омраза. За таа цел ние преземаме низа активности за да ја покренеме свесноста кај граѓаните, јавното обвинителство има слаб одзив кон говорот на омраза, законското дефинирање е доста слабо и нема никакви последици. Проектот опфаќа повеќе активности кој содржи лобирање за превенција од говор на омраза, како и зголемување на свеста кај граѓаните и институциите“.

Поставувањето на „Ѕид на срамот“, за време на овој иницијален настан, а поврзан со проектот против говор на омраза, беше со цел да се укаже на присуството на говорот на омраза во јавната сфера, при што таквото присуство е охрабрено од настапите на јавни личности кои редовно користат и шират говор на омраза.


На настанот се обрати и Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка и првиот геј маж кој јавно ја соопшти својата сексуална ориентација, истакнувајќи дека говорот на омраза по 10 години е со засилен интензитет и се’ повеќе прогресира: „Пред 10 години кога првпат излегов како геј маж во Македонија, имаше негативни реакции, меѓутоа говор на омраза во толкав обем немаше. За разлика од тогаш, денес ние за жал, наместо уште помалку да имаме, ние сме вратени назад од пред тие десет години, кој знае колку назад и сега говорот на омраза не само што е станат секојдневие, говорот на омраза е влезен во нашите домови, што запрепастувачко за едно општество кое би требало да прогресира и да се отвора се’ повеќе.“

Видеа

Говор на омраза ...