Промоција на Извештајот за имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2011-2018 година
Денес со почеток од 11 часот Мрежата за заштита од дискриминација го промовираше извештајот за имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2011-2018. Целта на извештајот е да собере податоци за досегашното спроведување на Законот и анализирање за севкупното работење на Комисијата од нејзиното формирање до денес, вклучувајќи го постапувањето на членовите на Комисијата во два состави, и тоа од 2011 до 2016 година и од 2016 до 2019 година. Во пресрет на изборот на нов состав на Комисијата за заштита од дискриминација и спроведување на новото законско решение со кое се надминаа дел од недостатоците, исклучително е важно да се мапираат досегашните недостатоци со цел ефикасна и ефективна зашита од дискриминација.
Марија Гелевска од Мрежата за заштита од дискриминација изјави дека: „дел од членовите на Комисијата немаа претходно искуство во областа на дискриминација ниту пак искуство на работа за различни маргинализирани групи. Дополнително, видна беше и поврзаноста на дел од членовите со одредена политичка партија, а постоеше и регистрирана историја на дискриминаторски говор и говор на омраза кај дел од комесарите од последниот состав“.
„Мрежата за заштита од дискриминација постојано алармираше за неконзистентност, непрофесионалност и тенденциозност во постапувањето на Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација различно постапуваше во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор. На пример, Комисијата не утврдуваше вознемирување во случаите на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето во медиуми блиски до тогашната власт, додека утврди дискриминација за слична содржина во мали и локални портали“ изјави Игор Јадровски, еден од авторите на извештајот.
Јована Јовановска Кануркова истакна дека „Комисијата досега не повела ниту една судска постапка по службена должноста за заштита од дискриминација додека само за еден случај Комисјата покренала прекршочна постапка против дискриминатор кој не ја почитувал препораката на Комисијата за отстранување на дискриминацијата. Во дел од случаите и покрај утврдувањето на дискриминација, во мислењето нема препорака, а Комисијата не го следи спроведувањето на препораките. За да зборуваме за ефикасна заштита од дискриминација казните треба да бидат пропорционални, ефективни и да имаат одвратувачки ефект за сторителот, наспроти симболичкото казнување кое не придонесува до прекин на дискриминаторските практики“.
„Бараме Комисија и Министерството за труд и социјална политика сериозно да ги земат предвид овие наоди со цел унапредување на зашитата и превенцијата од дискриминација. Доследното спроведување на Законот, изборот на независни експерти од областа како комисионери, гарантирање на соодветен буџет за работа се само дел од предусловите за ефикасна и ефективна заштита од дискриминација, согласно препораките на Европската комисија, останатите тела за човекови права и согласно потребите на нашите граѓани“, апелираше Наташа Бошкова од Мрежата за заштита од дискриминација.
Подготовката на извештајот е дел од активностите на проектот „ЗСЗД под лупа: следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ во рамки на концептот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во Европската Унија“ на Фондацијата Отворено општество- Македонија
Лице за контакт: Наташа Бошкова 075 200 805 Скопје 12.07.2019 год.
Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.