Проблемите со употребата на ромскиот јазик во образованието споделени на Форумот за малцински права на ОН

ноември 28, 2019

На 12-тата сесија на форумот за малцински права на Обединетите нации, кој деновиве се одржува во Женева, тема е образованието, јазикот и човековите права на малцинствата. Хелсиншкиот комитет, заедно со уште четири организации од Мрежата за заштита на права на Ромите, достави поднесок до Специјалниот известувач за малцински прашања во кој го информираше за три клучни проблеми околу употребата на ромскиот јазик во образованието и тоа: проблемот со недоволна промоција и информираност на учениците и родителите за можноста да се избере ромскиот јазик и култура како изборен предмет во основно образование, недостаток на учебници по предметот ромски јазик и култура за 6 – 9 одделение и недостатокот на катедри по ромски јазик и професори по ромски јазик.

На вчерашната подготвителна сесија нашиот претставник, Игор Јадровски, имаше можност да се сретне со специјалниот известувач за малцински прашања, Фернандо де Варен, и лично го информираше за констатираните проблеми.