Преглед на пријавени изборни неправилности (прв круг)

март 24, 2013

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, за време на денешните локални избори, преку својата отворена канцеларија им овозможи на граѓаните да пријават повреди на избирачкото право. Поплаките беа примени преку телефонски разговори, електронска пошта и од страна на граѓани кои се обратија до отворената канцеларија. Комитетот регистрираше 8 поплаки кои се однесуваат на неправилности во 6 општини:

1. Општина Зелениково

Пријавен е случај на предизборни манипулации со граѓаните и поткупување во селата Ново Село и Пакошево (Општина Зелениково). Според наводите, на 23.03.2012 (сабота), командирот на полициската станица во Драчево, заедно со службени лица од полициската единица „Алфи“ во текот на вечерта во овие две села делеле вреќи брашно и најавиле дека во текот на изборниот ден ќе бидат проверувани дали ќе гласаат за кандидатот на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на денешниот ден наводно граѓаните биле превезувани до избирачките места и проверувани биле гласачки ливчиња односно дали гласале за кандидатот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

2. Општина Аеродром

2.1 Пријавено е прекршување на изборниот молк и делење на пропагандни материјали за кандидат на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Имено, граѓаните во станбените комплекси на Бул. „Јане Сандански“ бр.67 изутринава пред своите домови имале летоци кои укажуваат на прекршување на изборниот молк кој започна од 22.03.2013 на полноќ. Со ваквиот чин се врши притисок врз гласачкото тело во оваа скопска населба и директна повреда на избирачкото право на граѓаните.

2.2 Во 14:00  втора пријава од страна на граѓанин за изборни нерегуларности во Општина Аеродром на изборно место со број 2673. Граѓанинот пријави дека гласно биле прочитани неговото име, презиме и адреса на живеење додека неговата реакција кај претседателот на изборното место поминала незабележително. Воедно, пријавено е дека во оваа општина во повеќе станбени комплекси во текот на измината ноќ е оставен пропаганден материјал за кандидатот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

2.3 При излегување од гласачко место во ОУ „Блаже Конески“ на ул. „Фрањо Клуз“ во Општина Аеродром забележал изборен штаб на партијата ВМРО-ДПМНЕ оддалечен од 10 до 15 метри од оградата на училиштето. Беличанец направил три фотографии од штабот на што реагирале активистите и побарале од него да ги избрише, а посочиле дека доколку не ги послуша, ќе добиел куршум во глава и гумите затоа што го запишале регистарскиот број на табличките од автомобилот и дека некои лица вработени во специјалната единица „Волци“ ќе се погрижат за тоа. Иако пристигнале полициски службеници на местото на настанот земале изјави од двете страни сепак одбиле да состават записник затоа што сметале дека не се работи за сериозни закани.

3. Општина Неготино

Во 14:30, едно лице од правниот сектор на партијата СДСМ во Неготино пријави изборни нерегуларности и агитирање од страна на директори на јавни претпријатија и тоа: директор на библиотека, ЈП Комуналец, директор на Центарот за социјална работа и неговиот претходник или поранешен директор на оваа институција. Нивната улога во изборниот процес била да ги мониторираат изборите меѓутоа тие се забележани дека ги пречекуваат граѓаните пред изборните места и им посочуваат за кој кандидат/ка да гласаат, односно за кандидатот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

4. Општина Гази Баба

Граѓанин од населбата Маџари пристигнал на изборното место 2519 каде што на избирачкиот список му е укажано дека веќе гласал односно видел дека некое лице е веќе потпишано на списокот со неговото име и презиме. Граѓанинот изјави дека процедурата согласно член 108 од Изборниот законик не е запазена, односно пред да ја приложи личната карта му бил нанесено спреј на палецот а потоа увиделе дека веќе е потпишан на избирачкиот список. Граѓанинот се пожалил од Изборната комисија која пак му дозволила да гласа без да се потпише. За овој случај, според граѓанинот, направен е записник од претседател на изборното место.

5. Општина Битола

Душан Илиевски познат на јавноста како Душко Млекарот од Битола, денеска до Хелсиншкиот комитет пријави дека тој и дел од неговото семејство не биле заведени на избирачкиот список во изборната единица. Душко Илиевски наведе дека освен тој и неговата мајка кој што не се на избирачкиот список недостасуваат имињата и презимињата на дваесетмина блиски роднини односно семејствата на првите братучеди на неговиот татко.

6. Општина Богданци

Граѓанин од Општина Богданци се јави во Комитетот да посочи обиди за поткуп на сосед кој вчера на 23.03.2013 година во 21 часот и 30 минути од група на луѓе добил голема количина на дрва, компјутер и пакети. Граѓанинот кој го пријави случајот смета дека е направен поткуп затоа што соседот кој живее под кирија не може да си ги дозволи овие работи. Воедно посочи дека луѓето кои ги носеле работите во неговиот дом се од партијата на ВМРО-ДПМНЕ.