Правно мислење за најавата дека невакцинираните деца нема да се примаат во училиштe
мај 15, 2019
Законската регулатива во Република Северна Македонија налага задолжителна вакцинација против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус, инфлуенца тип Б (ХИБ) и вирусен хепатитис Б за сите лица од определена возраст.[1] Во таа линија, член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението предвидува дека ќе се изрече глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице коешто ќе одбие вакцинирање за овие болести или заштита со специфичен имуноглобулин[2] и лекови.[3]Дополнително, согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование,[4] при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето издадена од надлежна здравствена установа.
Оттука, Владата на 135 седница донесе заклучок во било кое училиште да можат да се запишат единствено деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветна потврда. На седницата беше одлучено во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложен соодветен документ, односно потврда за вакцинација. Образложението на ваквата одлука беше поткрепено со тврдење дека само со стапка на вакцинација од над 95 отсто, ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот помеѓу популацијата.
Задолжителната вакцинација, која е предвидена со наведениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Ова особено се однесува на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Од духот на уставните одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот.[5] Заради обезбедување на наведеното право, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.
Имено, како што беше наведено во решението на Уставниот суд во врска со задолжителната вакцинација, редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Последователно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите. Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата и со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија и тетануси пертузис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.[6] Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со почитувањето на човековите слободи и права. Дотолку повеќе што придобивките од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминуваат последиците од вмешувањето, односно ограничувањето, на човековите права на поединците.
Согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.
Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација, според Хелсиншкиот комитет, не претставува дискриминација од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето и на другите деца кои одат во истото училиште што значи деказадолжителната вакцинација, определена со Законот, не претставува прекумерна мерка.
[1]Член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести (Службен весник на Република Македонија бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016).
[2]Член 34 од Законот за заштита на населението од заразни болести.
[3]Член 36 од Законот за заштита на населението од заразни болести.
[4] Законот за основното образование (Службен весник на Република Македонија бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018).
[5]Решение на Уставниот Суд на Република Северна Македонија број 30/2014-0-0, донесено на 08.10.2014.
[6]Европска конвенција за заштита на човековите права.