мај 8, 2014

Повреда на пресумпцијата на невиност и тајност на личните податоци од страна на МВР

Завчера на веб страницата на Министерството за внатрешни работи беше објавено посебно соопштение преку кое јавноста беше известена за апсењето на лицето Д.С. на 6 мај 2014 година. Соопштението е насловено „Побарал и примил поткуп од 2.000 евра за да “среди“ инвалидска пензија“. Во соопштението е наведено дека МВР „реализираше случај“ за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. МВР известува дека уапсениот е доктор офталмолог сопственик на Приватна здравствена установа-специјалистичка ординација по офталмологија Центар за очни болести ОКО Скопје и вработен во Приватна здравствена установа – Поликлиника за специјалистичко-консултативна здравствена дејност „Корнеа Медика“. Понатаму се наведува дека уапсениот претходно бил вработен како доктор на Клиниката за очни болести – Скопје. Соопштението содржи и видео запис кој е поставен на веб страницата „Јутјуб“ и на кој се гледа телесната конструкција на уапсениот, без притоа да се прикаже неговиот лик. Видеото го опфаќа делот на полицискиот претрес за време на кој полициски службеник ги прегледува предметите на уапсениот кој обезбедува можни докази со голи дланки, без користење на ракавици, без употреба на соодветни криминолошко-технички методи и без соодветна форензична опрема. При крајот на видеото е прикажан документ „Извештај на специјалист“ од кој јасно може да се прочита која јавна здравствена установа го издала, датумот на издавање и името и презимето на прегледаниот пациент.

Преку ваквото постапување, МВР на незаконски начин објави лични податоци на еден пациент, а во спротивност на Уставот, иако на индиректен начин, посочени се лични податоци на уапсениот. Со тоа на суптилен но провиден начин грубо е повредена пресумпцијата на невиност на осомничениот доктор Д.С. Имено, иако МВР не го објави името на уапсениот, пресумпцијата на невиност и тајноста на податоците се повредени преку посочување на неговата професија и квалификации, името на здравствената установа во негова сопственост, неговото претходно и сегашно работно место во точно посочени клиники во Скопје и прикажување на неговата телесна конструкција и лични предмети. Преку сите споделени детали, на многу едноставен начин може да се дојде до полното име и презиме на уапсениот.

Самиот наслов на соопштението, покрај неговата неумесност, е во спротивност со нормите и правилата кои МВР треба да ги следи и почитува кога во улога на јавен сервис ја известува јавноста. Преку фразата „побарал и примил“ се укажува на докажано сторено кривично дело уште пред почетокот на можната судска постапка. Дополнително загрижува и востановената пракса на полициските службеници да вршат претрес без соодветна опрема со што се доведува во прашање законитоста на прибавените докази и заштитата на доказниот материјал. Ниту во еден дел од соопштението не се споменува дека во овој дел од постапката уапсениот има статус на осомничен ниту дека се работи за основано сомнение за сторено кривично дело. Напротив, МВР ја користи фразата „реализираше случај за кривично дело“ што во контекст на целокупниот текст од соопштението индиректно укажува на веќе докажано сторување на наводното кривично дело.

Според Член 13 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Членот 18 пак ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Според Член 2 од Законот за заштита на личните податоци, „личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува – чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, економски или социјален идентитет. Член 10, став 1 од Законот за полиција утврдува дека полицијата ја известува јавноста за прашањата од нејзина надлежност, додека во ставот 4 е наведено дека нема да се даваат лични податоци со кои располага Министерството. Во членот 299 од новиот Закон за кривичната постапка е утврдено дека за да се заштити личниот и семејниот живот на осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое присуствува на истражното дејствие, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од одавањето на тајната. На крај, според Член 25 од Законот за заштита на правата на пациентите, пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт.

Хелсиншкиот комитет во изминатите години на неколку наврати реагираше на востановената пракса на МВР да не ги почитува споменатите одредби од важечките закони. Но и покрај тоа, пресумпцијата на невиност и заштитата на личните податоци сè уште се права кои наместо МВР да го обезбедува и заштитува, токму таа е институцијата која овие уставни права ги прекршува. Преку ваквото постапување, а имајќи го предвид јавното и синдикално делување на доктор Ставриќ и неговите критички ставови насочени кон Министерството за здравство, се засилуваат постоечките сомнежи за селективно спроведување на правдата и заплашување и замолчување на граѓаните кои јавно говорат против политиките на власта. Поради овие причини, Хелсиншкиот комитет ги повикува Јавното обвинителство и Основниот суд од Скопје да не подлегнуваат под притисокот наметнат од страна на извршната власт и да ја преиспитаат одлуката за определување на мерката притвор. Ова особено затоа што лишувањето од слобода, прекршувањето на пресумпцијата на невиност и повредата на личните податоци преку јавен и сензационалистички прогон допринесуваат до повреда и на други уставни права како што се заштитата на личниот интегритет, почитувањето на приватноста, семејниот живот, достоинството и угледот на граѓаните.